ЗА НАСТАНОКОТ И ПРЕСТАНОКОТ НА ИМПЕРИИТЕ

Зошто империите настануваат и исчезнуваат? 

Веројатно многумина се запрашале зошто империите покрај сиот нивен врв на моќ, слава и експанзија, низ историската пракса на крајот пропаѓаат.? Секоја империја има свој процут, стагнација и исчезнување, додека ниедна империја досега немала своја целосна константа, низ текот на историјата како во нејзина креација, така и во нејзино функционирање, што преку систем што преку рефлексија на менталитетот. Формирањето на империите не се реална потреба на ниедна народност, која за нејзино формирање се дошло по природен пат, затоа што ниеден природно формиран народ нема исти реални потреби и немаат ист план на заштита на тие потреби, од други природно или вештачки формирани народи и нации. Мотивот за формирање на империи од народите, може да се најде од неколку работи и тоа:

  • исполнување на амбиција на неколкумина во системот (најчестиот, најагресивниот и најнеоправданиот мотив);
  • културолошка и цивилизациска супериорност над другите (неагресивна експанзија);
  • и заради натпревар или заштита од други империи (принудена експанзија).

Гледано низ историската призма и историските текови, лична претпоставка е дека првата империја се формирала врз мотивот на културолошка и цивилизациска супериорност над другите соседни народи. Потоа следело исполнување на амбициите на оние кои што управуваат со системот, со цел да им се задоволи алчноста и на крајот третиот мотив, односно креирање доволни економски и воени можности со цел да може да се заштити од окупација на другите империи, кои се во пораст и кои се потенцијална закана.

Империите пропаѓаат затоа што сите империи релативно брзо го губат мотивот. Некои империи подолго опстојуваат, затоа што вешто ги менувале и манипулирале нивните мотиви зависно од моменталната состојба, но сите овие мотиви поминуваат брзо како потреба на народностите кои живеат во системот. Освен губењето мотив како главна последица за пропаст на империјалните системи, лежи и во дисбалансот на реалните потреби и очекувањата кај водечкиот народ во империјата. Рамнотежа се губи односно дисбалансот настанува, со тоа што во текот на својот процут водечкиот народ или народот кој создава последица за креирање на империјален систем, очекувањата кај тие народи нагло растат се до моментот кога империјата ке почне да не го оправдува мотивот за нејзино постоење и настанува период на стагнација. Тогаш остануваат големите очекувања кај водечкиот народ, додека системот снемува капацитет за остварување на нивните очекувања. Во овој период најчесто се случуваат граѓанските војни.

Секоја империја кога ке дојде до моментот на стагнација, прашање на време е кога тој империјален систем ке доживее пропаст. Во периодот на стагнација како споредна последица за пропаст на империјалниот систем, е креирање на потребата од самостојност кај покорените или споредните народи кои живееле во составот на таа империја. Во периодот на стагнација историската пракса покажала дека сите империи употребувале најжестоки, најкрвави и најнехумани методи врз покорените народи со цел да ја одложи пропаста. Кога споредните народи почнуваат да се одделуваат од империјалниот систем, тогаш самата империја доживува пропаст.

Империјалниот систем спаѓа во лошо уредување, затоа што не може да се создаде добро уредување со добри закони, доколку луѓето не им се потчинуваат. Империјализмот им наметнува закони на другите народи, согласно потребите на водечкиот народ.

Додека за водечкиот народ овој систем е лош во иднина, затоа што со стекнување на преголемо количество на стоки и услуги, самата состојба обезбедува комфорт кај водечкиот народ, а со тоа и нејзино привикнување на преголемо количество на стоки и услуги. Тоа „разгалување” кај народот доведува до декадентна состојба, додека нереалните очекувања даваат последица за распад на споменатиов систем.

Така можеме да заклучиме дека империјалните системи се лоши и за народите над кои им се наметнува законот и за водечките народи кои го наметнуваат законот. 

Зошто глобализацијата е империјален процес?

Глобализацијата е империјален процес, затоа што тежнее кон воспоставување на контрола врз севкупното светско население, со цел остварување на амбициозноста на неколкумина(најнеоправданиот мотив). Но самата глобализација е алатка главно употребувана од една империјална суперсила креирана 1776 година, империја која веќе покажува знаци на стагнација. Глобализацијата е таков процес затоа што остварува економски монопол, а економскиот монопол го остварува преку креирање на пошироки регионални економски заедници. Под изговор за напредокот и развојот за креирање на такви економски заедници, се воспоставува контрола со легислативата односно законските норми.

Со контрола на светската легислатива, се замислува контролата на светот!

 И бидејќи секој народ оди кон ускладување на легислативата согласно потребите, самата глобализација тежнее да ги потисне реалните потреби и да креира нови потреби, кои се воглавно тесно поврзани со технолошкиот развој.

Овој процес е модерна психолошка алатка, затоа што за прв пат еден империјален систем низ процесот на наметнување на власта, употребува првин наметнување на потреби различно од конвентивниот метод на наметнување првин на закони, за да народите со новонаметнатите потреби потоа самите преку своите општества, да донесат закони кои им одговараат на потребите на глобализацијата односно на империјата која ја користи како алатка.

Овој нов изменет начин на наметнување на власт, најверојатно произлегол од тоа што двигателите на овој процес разбрале дека добрите закони се оние закони на кои луѓето самите им се потчинуваат.

Но забораваат дека доброто уредување е она на кое луѓето им се потчинуваат на законите, но дека треба и тие закони што луѓето ги почитуваат да се добри за самите нив.

Глобализацијата е започната по падот на Берлинскиот ѕид, односно кога неофицијално светот станал еднополарен во меѓународните односи. Оттогаш овој процес во пракса се покажа многу негативен, затоа што најагресивно им го руши текот на потребите на личностите(граѓаните), како на физички така и на духовен план. Така преку континуирана медиумска кампања, очекувањата кај населението се држат на високо нереално ниво, додека можноста од остварување на тие потреби на личностите се со ниска шанса за успех. Ова предизвикува мотив за човековото постоење да биде само креирањето на постојано поголема и поголема материјална база, заборавајќи на другите реални потреби. Така склоноста кон материјалноста бидува многу изразена кај речиси сите народности со нивните менталитети, а како последица од ова почнуваат да произлегуваат сѐ посуровите капиталистичко-материјалистички и меѓучовечки односи во самите општества. Преку истата медиумска кампања, сериозно се загрозува и потценува бракот заедно со вредностите врз кој почива тој брак. Без креирање на функционални бракови во едно општество, самите природни текови на реалните потреби добиваат друг негативен тек за моменталното нивно остварување на младата, средната и старата старосна група, а има во иднина и попреченост во нормалниот тек за обликување на подмладокот. Затоа овој процес покрај тоа што е империјален процес, тој е и негативен процес за сите општества под нејзино влијание.

 Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество”, глава А, 2015 година.