СРЕДБАТА ТРАМП-МАКРОН: САД ПОСАКУВА ИЗЛЕЗ ОД СИРИЈА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА САДПОВЕЌЕ ЗА БЛИСКИ ИСТОКПОВЕЌЕ ЗА РУСИЈА

На 24 април (вторникот), во Белата Куќа од страна на Трамп беше дочекан претседателот на Франција, Емануел Макрон. Во текот на оваа средба беа дадени изјави кои настанот го обележаа како важен за анализирање. Имено претседателите на САД и Франција разговараа на важни теми: Војната во Сирија и барањето за повторно преговарање и измена на Иранскиот договор на кој потпис ставија Иран, САД, Русија, ЕУ, Германија, Франција, В. Британија и Кина во 2015 година. Општо беа изнесени коментари, кои меѓу редовите ја отсликуваат моменталната состојба во меѓународни односи.

Трамп јасно изјави дека американското директно воено вмешување не се одвива според нивната замисла, доцни со редоследот, но и дека се потрошени големи финансиски ресурси на САД без да се постигне резултат. Преку таа изјава дека ништо не е постигнато, дури и „под ништо“, Трамп покажува дека е спремен да го отповика американското присуство на Блискиот Исток, со што ќе се создаде широк простор за заземање на полицентрично влијание на овој важен географски простор, практично и прогласувајќи го обидот за еднополарна доминација на САД врз целиот регион за мртов проект. Евентуалното напуштање на Блискиот Исток од страна на американската администрација, создава можност за преземање на силното влијание од страна на Иран, состојба која не ѝ одговара на сојузниците на САД – Саудиска Арабија, Израил и земјите од НАТО-пактот кои имаат свое силно присуство во Сирија и Ирак уште од договорот потпишан во Првата светска војна познат како Сајкс-Пикот (1916).

Можниот судир со руските воени сили кои се присутни во Сирија, кој до пред некој ден го плашеше светот со можно ново ескалирање и нова светска војна, од она што можеме да го анализираме најверојатно е дека станува збор за психолошка односно информациона војна. Трамп одобри напад во Сирија, со цел да се задоволат лоби-групите на воено-индустриските комплекси кои имаат огромна финансиска моќ и влијание во САД и кои претставуваат најголема закана внатре за самото американско општество. Но со овој потег Трамп покажа и дека шпекулациите за т.н. Руско влијание во светски рамки повеќе претставуваат медиумска приказна отколку што реално постои на терен. Русија сѐ уште не претставува стабилна суперсила која може да ги брани своите позиции на глобален план. Со руското непреземање на никаква реакција по воената агресија на САД, Франција и В. Британија врз Сирија, не се случи Трета светска војна, но САД зададе силен удар врз Русија како симбол на мултиполарен предводник, и тоа претставува лоша вест за оние народи кои се подалеку од границите на Руската Федерација и кои имаат интерес од полицентричниот свет. Односно руска интервенција со влог на поголеми ресурси и директен судир кој би предизвикал голема војна може да има само во случај доколку ескалира состојбата во Украина, но во сите други региони кои се надеваат на конкретна помош, станува збор само за „игра на нерви“ и „покер-блеф“.

Средбата потврди дека процесот на полицентризација или мултиполаризација на светот се одвива со успорено темпо. Русија очигледно ќе избегнува голема војна колку што е можно повеќе, но тоа ќе го направи овој процес тежок и болен за оние народи кои сѐ уште се под силно влијание и под силен удар на глобализацијата.