СКОПЈЕ: МЕМОРАНДУМ ЗА СТРАТЕШКА СОРАБОТКА СО ЦЕЛ БОЈКОТ НА СЕПТЕМВРИСКИОТ РЕФЕРЕНДУМ

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

На 05 август, во салата на хотелот „Континентал“, се состанаа нешто повеќе од 20 здруженија, организации, разни граѓански иницијативи и политички партии, со цел да ги здружат силите во афирмацијата пред народот и укажувањето за потребата од бојкот на референдумот, кој е закажан за 30-ти септември оваа година. Анонимната интернет иницијатива насловена како #Бојкотирам, која најпрвин започна на социјалните мрежи Twitter и Facebook, и која силно ја поттикна идејата народот воопшто да не излегува на претстојниот референдум со консултативен карактер кој се однесува на спогодбата од Нивици, даде инспирација за оваа средба. Со тоа официјално се создаде кампања против геноцидниот процес за менување на името јавно започнат по обзнанетата спогодба Димитров-Коѕијас.

Од поистакнатите учесници беа претставниците на Единствена Македонија, на Трета, на фракцијата од ВМРО-ДПМНЕ, на СеМакедонски национален совет – Македониум, на Христијанско братство, на здружението МиР (Македонија и Русија), на Аманет 1903 и други. Претставници имаше и од македонската дијаспора во Канада, кои ја претставуваа старата македонска организација Обединети Македонци (United Macedonians), како и претставник од македонската дијаспора во Европа.

Говори на оваа средба држеа: Јанко Бачев – претставникот од партијата Е. Македонија, на кого впрочем и му е доделена водечката одговорност за оваа кампања; Љупчо Палевски од партијата Трета кој укажа на важноста од бојкотот и дека тоа претставува начин за враќање на сувереноста на Македонците како државотворен народ; Страшо Олумчев од СНС – Македониум, кој посочи за високата политизација на македонската етногенеза и насилниот обид тој да се измени; Жарко Гроздановски од Христијанско братство, кој истакна дека оваа обединување на здруженијата и партиите има јасен аполитичен (apoliteia) карактер, и дека здружувањето формално-правно ќе важи до денот на референдумот, како и тоа дека сега е време на дела а не на зборови и дебати; Драги Стојковски од Обединети Македонци, кој ги осуди досегашните дејанија на НАТО како военопрофитерска меѓународна организација и на Западот против Македонија и нејзиниот народ; и други. Професорката А. Маркус предупредувачки посочи дека оваа идеја за обединување мора да продолжи да егзистира и по успешната кампања за бојкот на референдумот, јасно разбирајќи дека овој натоварен геноциден процес за менување на името врз нашиот народ неможе да се оттргне само со еден бојкот и пропаѓање на еден референдум од консултативен карактер, кој однапред е осуден да заврши неуспешно.

По веста за оваа средба, главните медиуми кои се приклонети кон досега партиите кои ја искусиле позицијата на власт во Македонија, со негативен наратив го прикажаа настанот, и со негативни критики се обидоа да го намалат значајот на оваа средба.

Како плод од овој настан, освен потпишувањето на Меморандумот за стратешка соработка, произлезе и формирањето на т.н. Кризен штаб на кој првиот состанок е закажан за денес во 20:00 часот (07 август).

И покрај тоа што партијата Левица како посериозен идеолошки претставник од левиот политички спектрум не учествуваше на оваа средба, сепак и тие се изјаснија со соопштение за поддршка на општонародниот бојкот на септемврискиот референдум.