ДИЈАЛОГОТ БЕЛГРАД-ПРИШТИНА: МОЖНИ ДЕТАЛИ ЗА ДОГОВОРОТ

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

Пред повеќе од една седмица, новинската агенција IBNA ги обзнани можните точки кои би се нашле во содржината на очекуваниот договор кој би требало да произлезе од дијалогот помеѓу Белград и Приштина, попознат и како „договор за разграничување“. Точките кои се објавени, и за кои сè уште нема потврда дека се разговарало за нив (официјалните лица јавно изнесоа ставови кои се противречни на овие точки), излегуваат од меѓународно-правната рамка усогласена 1999-та година со резолуцијата 1244 на СБ како и од правната рамка на Уставот на Р. Србија од 2006-та година, дефинирајќи нови усложнети односи кои ќе создадат промени во повеќе области:

  • Административни и територијални импликации

– Градот Косовска Митровица, ќе добие статус на „слободен град“ (Free City), во рок од 35 години до 99 години, додека околината, односно северниот дел од АП Косово и Метохија ќе остане во рамките на Р. Србија. Управата ќе ја сочинува тричлен совет од мешан етнички состав со еден меѓународен претставник кој ќе се назначува од страна на Советот за безбедност при ОН.

– Градот Бујановац со околината, ќе добие статус на „посебна област“, во рок од 35 години до 99 години. Градот ќе го добие статусот на „free tax zone“, додека управата исто така ќе биде сочинета од тричлен совет, со меѓународни претставници во 30-членото градско Собрание и со мешовит етнички состав на полицијата која би била позиционирана во областа. Жителите ќе имаат лични карти и пасоши со европски симболи, со право на избор на уште еден од овој тип на документи од државата од која сакаат. Буџетот на овој град ќе биде финансиран пропорционално од Р. Србија, „Р. Косово“ и ЕУ.

ТВ-приказот кој ја визуелизираше поделбата

kosovo_podela_jt

– Градот Прешево и околината околу градот ќе влезе во рамките на новопризнаената држава Република Косово (Република Косово и Метохија). Оваа промена ќе стори пресек на главната патна артерија на нашиот Полуостров (Коридорот 10), која ја поврзува Македонија со Србија, односно територијален пресек врз Вардарско-моравската Долина.

Градот Медвеѓа ќе остане во рамките на Р. Србија, додека за околината околу овој град, најверојатно одредени села ќе влезат во рамките на новопризнаената држава.

  • Меѓународно-правни импликации

Двете преговарачки страни, ќе го признаат истовремено државно-правниот субјективитет, заедно со меѓусебно признавање на новите граници. Од евентуалното исполнување на оваа точка, „Република Косово“ ќе биде признаена и примена како земја-членка на ОН.

– Одредени цркви и манастири на територијата на АП Косово и Метохија, кои се од значење за Српската Православна Црква, ќе добијат екстериторијален статус.

– Р. Србија ќе добие статус земја-членка на ЕУ најдоцна до 2022-та година, додека „Република Косово“ до 2030-та година.

– Договорот би имал меѓународна гаранција.

  • Билатерални импликации

Страните со договорот не би имале право да се здружуваат со други држави или територии во следните 99 години. Оваа точка доколку би се нашла во официјалната верзија, ќе спречи идни регионални поместувања и кризи кои дополнително би создале територијални промени, од кои најмногу на удар би биле Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, или остварување на планот за ново општо прекројување на Балканот и создавање поголеми етнички држави: Голема Србија, Голема Албанија и Голема Хрватска, и создавање на помали и слаби држави кои би биле принудени во асиметрична конфедерација со други држави: Македонија, Босна и Црна Гора.

Можниот регионален ефект од договорот за разграничување

Regionalen_efekt_od_mozhniot_dogovor_za_razgr_poligrozd.org (3)

– Р. Србија ќе ја признае државата „Република Косово“ под името Косово и Метохија, односно бара двојна формула во билатералните односи, што би претставувало решение слично на решенијата кои беа понудувани од македонската страна во спорот за името со Грција.

Двете страни ќе ги признаваат правата на граѓаните од пензиското и друг тип на осигурување.

– Двете страни ќе се обврзат од учебниците за образование во рок од 10 години, да ги прочистат текстовите од омаловажувачките содржини базирани врз етничка основа.

  • Економски импликации

– Преговарачките страни нема да поставуваат барања за воени репарации.

– Р. Србија ќе гради нов коридор со помошни финансии од ЕУ, долж линијата Давидовац-Ристовац-Кршевица-Клиновац-Св. Петка-Кленике-Старац и кој би одел до Пелинце (Македонија).

– Рудникот Трепча, ќе биде под контрола на конзорциум составен од американски, француски, руски и кинески капитал, до 99 години, додека 15% од придонесите ќе се слеваат во буџетот на градот К. Митровица, 35% во буџетот на Р. Србија и 50% во буџетот на „Република Косово“.

– Газивода ќе биде под заедничко сопствеништво на двете страни, каде управителската улога ќе ѝ се додели на англиски и германски компании до 99 години.

Електростопанството, ќе биде поделено со поголем дел за „Република Косово“ со 75%, кое ќе се најде под странска контрола, односно американска, германска и австриска управа.

– Р. Србија и „Р. Косово“ ќе добијат поддршка од вкупно 4.7 милијарди евра, за инфраструктурен развој и за стратешко инвестирање.

  • Воено-логистички и воено-стратешки импликации

– Базата Југ/Цепотина, ќе ѝ се додели на САД, во која ќе служат 1700 војници, половина Срби а другата половина Албанци, и ќе имаат граѓански, надзорен и советодавен статус.

– Коридорот 10 ќе биде под заштита на НАТО 15 години, и тој ќе биде отворен за користење од сите.

Како посредници на овој договор се наведуваат САД, Франција и Руската Федерација. Нацрт верзијата на договорот која била обзнанена во јавноста, содржи вкупно 22 точки.