„РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“: ОСУДА ЗА МАКЕДОНИЗМОТ И ВРВ НА ПОЛИТИЧКАТА МИХАНОРАФИЈА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

Пред два дена, на 15 март, Кривичниот Суд во Скопје, донесе пресуди од вкупно 211 години затворска казна за обвинетите во случајот „27 Април“. Судскиот процес го водеше судијата Добрила Кацарска, која и претходно ѝ е позната на македонската јавност, и имала важна улога во судските процеси, кои претставувале политички судски случаи (каков што е и овој), или случаи со политичка мотивација (а не за спроведување на законите и правичноста) за нивно покренување во постапките.

Најголема казна од 18 години затвор доби Митко Чавков, поранешен шеф на БЈБ и поранешен министер за внатрешни работи, додека по 15 години казна затвор добија Јане Ченто, Влатко Трајковски, Никола Митревски, познат како Кољо, Митко Пешов, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ и Горан Ѓошевски, познат како Леви. Останатите од 17-мина обвинети, добија казни од по 14, 13, 12 и 10 години затвор, додека најмали казни од 8 и 7 години затвор, добија Александар Василевски, познат како Нинџа и Абдулфета Алими. Единствено ослободителна пресуда доби оперскиот пејач Игор Дурловски.

Јас сум осуден 14 години зошто сум влегол во Собрание на Република Македонија… доколку влезам во Собрание на Република Северна Македонија, тогаш ќе мора да ме осудите доживотно.“ – изјави одлучно Вилијам Михајловски.

Со ваков исход од првостепената судска постапка во случајот „27 Април“, случај кој сè уште нема конечна правосилна пресуда, преку судската власт која од неодамна доби воедно и користи печати со натписот „Република Северна Македонија“, политичката елита на новоименуваната држава, прати јасна порака дека македонскиот патриотизам и официјално е забранет и се осудува со највисоките предвидени казни. Впрочем оваа одлука е во духот и претставува практичен отсјај на содржината на договорот од Нивици потпишан минатото лето.

Не се плашам од затворот. Вие нè осудивте, историјата ќе нè ослободи. Еден ден ќе огрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија! – јасно упати потомокот на Методија Андонов, Јане Ченто.

Особено е загрижувачки тоа што судијата, која беше главно одговорна од советот за водење на судскиот процес, не криејќи ја политичката мотивација за случајот, на дрзок и орвелски начин одржа политички говор, спротивно на својата професионална судска етика (според која судијата би требало да претставува неутралната страна која ќе го води процесот) зазеде отворено пристрасен и идеолошки став. Практично судијата Добрила Кацарска си зеде слобода, и се стави во улога и на апсолутен судија, и на толкувач на историски настани кои претставуваат сè уште свежи за толкување, па дури и на идеолог кој дава дефиниции за одредени поими, и нас јавно нè предупреди како би требало да го толкуваме настанот во Собранието на 27 април и како да го сфаќаме патриотизмот, во спротивно ни следува (драконска) шок-казна за воспитување:

Ова е настан којшто за жал влезе во делот на историјата на Република Северна Македонија, којшто ќе биде запишан со црни букви. Најголем дел од обвинетите, во своја одбрана, зборуваат дека истите се изманипулирани, излажани, а некои во Собранието влегле од љубопитност, но судот неможе во никој случај да прифати ваква одбрана, со оглед да истите биле свесни за своите постапки. Се зборуваше за емоции, наводно, биле поведени од емоции кон татковината, но за какви емоции станува збор кога има насилство, урнисување на Собранието. Зарем татковината се сака со тепање на пратеници, новинари и овластени службени лица? Не! Тука неможе да стане збор за патриотизам. Не! Тоа не е патриотизам. – истакна во својот говор во судницата Добрила Кацарска.

Политичката миханорафија на „северномакедонските“ елити, која очигледно е во својот зенит, дополнително создаде позиција на шизофрена состојба во општеството. Довчера државата која се препознаваше како македонска држава или држава која би требало да ги штити и унапредува интересите на Македонскиот народ, стана држава која официјално го осуди македонскиот патриотизам и македонската државотворност. Тоа јасно се огледува во отсуството на било каква санкција за оние кои пееја и за оние кои дозволија да се испее химната на туѓа држава (Албанија) во македонското Собрание – чинот кој испровоцира насилство, селективното и по потреба амнестирање на оние кои беа обвинети во случајот (претходно беа 33-ца вкупно обвинети на број), и тоа оние најодговорните за настаните, сè со една цел – да се искористат истите затоа што се во актуелниот пратенички состав во Собранието, за гласање и остварување на нелегален начин двотретинско мнозинство за промена на името и уставни измени, и намерно големата одмерена казна за потомокот на Методија Андонов Ченто – историска личност која била првиот претседател на (тогаш) народноослободената Македонија, додека неправичните пресуди го поттикнаа дванаесетгодишно осудениот со хрватско потекло да ја долови поентата преку својот исказ:

Да направев 10 отсто од ова што го направив за Македонија и Македонскиот народ, 10 отсто од тоа да направев за мојата вистинска татковина и мојот народ во Хрватска ќе бев прогласен за херој – изјави кумановецот Игор Југ.

Судечкиот совет одреден за случајот, го прифати барањето на Обвинителството за колективно обезбедување притвор на обвинетите осудени за делото предвидено во членот 313 од Кривичниот законик. На ова реагираа бранителите:

Во Република Македонија има пресуда на Европскиот суд за човекови права, тоа е пресудата за случајот „Змиско око“, каде уште и според стариот ЗКП, а уште повеќе според новиот ЗКП, неможе да се суди колективно и да се определува мерка притвор. Она што денес Јавното Обвинителство го презентира, е групно презентирање на околности за изрекување на мерката притвор. Во оваа пресуда Европскиот суд за човекови права е дециден и јасен: притворот и основите за притворот мора да бидат децидно наведени за секој поединечно, а не како што тоа го направи Јавното Обвинителство. Не би го споменувал членот 5 од Европската конвенција за човекови права, затоа што никој не го почитува. Иако од април 1997 ја ратификувавме оваа конвенција и ја прифативме праксата од Европскиот суд за човекови права… – посочи на неправилностите бранителот Јаким Наумов.

Политичкиот судски случај „27 Април“ беше официјално отпочнат на 22 август 2018-та година.