ОТКРИВАЊЕ НА ПРАВИЛНИОТ ПРИСТАП НА ЕДЕН ХРИСТИЈАНИН КОН ЦЕНТРИТЕ НА МОЌ

Во отсуство на блискоста помеѓу православните свештеници во Македонија и „обичните смртници“ – народот [секоја чест на исклучоците], овој текст би решил многу дилеми кои Христијаните ги имаат во оваа доба.
Петтиот заповед од Бог гласи да не убиваме! Но што треба да правиме, како Христијани, ако корумпирана власт постојано нѐ силува, затвора, па и намерува да ги повреди нашите најмили?

извор: Pixabay

„Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, ќе паднат под осуда. Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се плашиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа; зашто таа е служител Божји за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш плаши се, таа [власта] не носи залудо оружје; таа е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло. Затоа е нужно да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате, зашто тие се Божји службеници, и со тоа постојано се занимаваат. И така, дајте секому што сте му должни: кому сте му должни данок – нека му се даде данок; кому царина – царина; кому страхопочит – страхопочит; кому чест – чест.“ – Рим. 13:1-7

На прв впечаток би помислиле дека треба да се покориме на нашите владетели, безусловно. Но како тоа би го оправдале како правилно однесување кое е според волјата на Господ?! Дали треба да ги слушаме нашите владетели ако сме натерани да ги погазиме Божјите закони? – Забележувате, тука има контрадикторност! Проблемот се надминува ако разбереме дека Светото Писмо, кое претставува едно љубовно писмо од Господ кон нас, е една целина. Имено, во Светото Писмо имаме нешта кои се само спомнати во Стариот Завет, но подоцна се објаснети во Новиот. Таков е случајот кога во Стариот Завет, Мојсеj издигнал змија на стап сред пустината откако многу змии почнале да ги напаѓаат Израилците. Сѐ што требало луѓето да направат е да ја погледнат змијата на стапот и болката од змискиот отров исчезнувала. Зошто баш таков пристап имал Мојсеј е објаснето во Новиот Завет во книгата на Јован [3:14-15], каде Јован објаснува дека змијата го претставувала Исуса, кој морал да биде издигнат исто како змијата, за да ја искуси смртта место нас и секој кој ќе поверува [погледне] во Него – ќе живее. Слични компарации Бог правел повеќе пати низ историјата на Израилците, сѐ со цел тие да би биле спремни за да го препознаат Спасителот кога ќе дојде.
Откако ова го расчистивме, добро е да дадам пример на покорност кон два типа на власти. Прв пример е кога Апостолот се покорува на властите кои всушност се дел од планот на Добриот Господ, спроведувајќи одлуки кои се во склад со учењата на Добриот Бог и кои придонесуваат за мирот и стабилноста. Вториот случај ќе биде пример каде Апостолите директно се спротивставуваат на властите и продолжуваат со своите дејства кои допринесуваат за мирот и стабилноста. Кој од овие два инцидента треба да го следиме и e во склад со волјата на Добриот Бог, сами одберете:

Св. Лука во своето второ поглавје објаснува како еден обичен верник во Бог ги почитува законите на властите кои, пак закони допринесуваат да има стабилност и ред во Империјата. Имено, тој спомнува како земскиот татко на Исус, Св. Јосиф, по декретот издаден од владетелот Цезар Август, се упатил заедно со мајката на Исус, Св. дева Марија, во градот Витлеем за да се регистрираат. Еден вид на попис би рекол. Така, водејќи се од библискиот стих: „И така, дајте секому што сте му должни: кому сте му должни данок – нека му се даде данок; кому царина – царина; кому страхопочит – страхопочит; кому чест – чест.“ Јосиф бил должен да оддаде почит кон тој декрет бидејќи регистрирањето допринесува за мирот и стабилноста и не е контрадикторно со Божјите закони.

Ликот Аденоид Хинкел (Чарли Чаплин) во политичката сатира, филмот „Големиот диктатор“, 1940 год.

Но исто така имаме случај каде верниците директно се спротивставуваат на властите, кои пак, барале од верниците кои проповедале морален начин на живот со Исус Христос како централна личност, да престанат тоа да го прават. Врховниот човечки религиозен авторитет во Израил во тоа време, првосвештеникот, отишол дотаму што наредил два Апостоли да се затворат. Тоа и го сториле. Следниот ден истите тие Апостоли биле повикани и запрашани зошто и во кое име Апостолите лекуваат и проповедаат. Храброста на Апостолите ја изненадила религиозната мафија. Петар и Јован излекувале неподвижен човек и декларирале дека Исус е вистинскиот и единствен пат кон спасение. Свештениците потоа во тајност донеле одлука да не ги погубат Апостолите, плашејќи се од многубројниот народ кој стоел зад нив. Туку да им се заканат со цел да престанат со нивната мисија. Иако знаејќи ги потенцијалните последици, одговорот на Апостолите гласел: „просудете дали е праведно пред Бога да ве слушаме вас повеќе од Бог.“ Петар и Јован биле пуштени на слобода, а народот го славел Бога за тоа што се случило.

Читајќи го Светото Писмо ние го дознаваме критериумот за добро и зло. Дознаваме што всушност е добро, а што лошо. Откриваме дека секоја власт е дадена од Добриот Бог, но исто така дознаваме дека „кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.“ [Лука 12:48]
Властите се донесени за да спроведуваат морални закони, а совесните и моралните граѓани се тука да сведочат ако таа власт застрани.

Авторот на текстот е брокер.