„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати.“
Реченица во која се кријат сите тајни на вселената и човечкиот микрокосмос, и во која е скриен смисолот на текот на историјата, нејзиниот почеток и нејзиниот крај. Во моментот кога времето не постоело, Словото влезе во вечноста покренувајќи го кругот на човечката историја. Светот почна да настанува со посредство на зборовите, или како што вели натписот во црквата во Едфу: „Сѐ што постои, настана од Неговите зборови.“ Значи тогаш човечката историја почна да кружи околу еден центар, една точка, една крепост – Слово/Збор – Логосот. А човекот како таинствен носител на Словото и како единствено битие на кое Словото му е дарувано да живее во него, во Логосот доби патоказ на својот почеток и крај, на својата Алфа и Омега. И затоа смисолот на човековото постоење од почетокот до крајот е да го сочува Логосот во суштината во која Логосот е создаден, бидејќи на човекот му е подарена судбината во која чувајќи го Логосот се сочувува себеси.