ВОЈНА ЗА СЛОВО

„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати.“

Реченица во која се кријат сите тајни на вселената и човечкиот микрокосмос, и во која е скриен смисолот на текот на историјата, нејзиниот почеток и нејзиниот крај. Во моментот кога времето не постоело, Словото влезе во вечноста покренувајќи го кругот на човечката историја. Светот почна да настанува со посредство на зборовите, или како што вели натписот во црквата во Едфу: „Сѐ што постои, настана од Неговите зборови.“ Значи тогаш човечката историја почна да кружи околу еден центар, една точка, една крепост – Слово/Збор – Логосот. А човекот како таинствен носител на Словото и како единствено битие на кое Словото му е дарувано да живее во него, во Логосот доби патоказ на својот почеток и крај, на својата Алфа и Омега. И затоа смисолот на човековото постоење од почетокот до крајот е да го сочува Логосот во суштината во која Логосот е создаден, бидејќи на човекот му е подарена судбината во која чувајќи го Логосот се сочувува себеси.

Меѓутоа, во дамнешната доба, пред времето да почне да се мери, се случил судбоносен настан кој го потресол поредокот востановен со манифестација првин на Словото и е објавена војна на самиот Логос, на самата суштина и на самата Вселенска Вистина. Тој настан се одиграл на самата небеса и во светите списи е опишан: „И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; (Дан. 10:13, Откр. 20:2) но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена.“(1 Мој. 3:1, Лука 10:18, Јован 12:31, 2 Пет. 2:4, Јуда 1:6, Откр. 9:1, Откр. 13:14, Откр. 20:2, Откр. 20:8). Лагата се побунила против Вистината и во човековата историја влезе војна.

angel

Постојана војна и постојано бунтување против Логосот, Законот и Поредокот востановен на самиот почеток. Тука посебно треба да се истакне дека нејзиниот корен е во духовниот степен, дека таа е невидлива за човечкото око (но не и за срцето). Тоа сознание дека војната пред сѐ е духовна категорија, можеме да го пронајдеме во веќе изгубените традиции од стариот и средниот век, во кои војната се сметала за нешто сакрално и која само физички ја изразува борбата која се случува во нематеријалниот свет. Така за Нордијците, ниеден култ ниту обред не бил повеќе по волја на врховниот бог, ниту бил побогат со натприродните плодови отколку на оној кој го слави херојот кој паѓа на бојното поле. Оваа разбирање ја покренува идејата дека воената херојска смрт од земското рамниште и материјалното војување, преминува во степен на борба од универзален и трансцедентален карактер. Покрај ова, посебен пример на сакрално разбирање на војната има исламската традиција која разликува „Мала“ и „Голема“ Света војна, па така „Големата Света војна“ ја нарекуваат човечката борба со непријателите кои човекот ги носи во себе, а „Малата Света војна – Џихад“ го прикажуваат како пат до достигнување на „Големата Света војна“. Ако земеме и примери од христијанските традиции, исто така ке најдеме насочување дека единствената вистинска војна се води во човечките срца, помеѓу духовните сили на доброто и злото, за што пишува Св. Никодим Агиорит во „Невидливата борба“.

Значи, на духовното боиште е нападнат самиот Логос и објавена е постојана војна против човекот и човечкиот род. Меѓутоа, постмодернистичкиот и постхуманистичкиот човек не е во состојба да препознае дека се наоѓа во борба во секој миг, затоа што во нашето време таа се води со помош на орудија поопасни од сите оние кои им претходеле. Технологијата, односно напредокот во науката која всушност таа војна ја дефинира под еуфемизмот како „невролингвистичко програмирање“, односно удар на самата суштина на човечкото битие, на неговото постоење, на она што Хајдегер го нарекува како „Sein“(суштествување). Со ударот врз Словото – Логосот и промена на неговата смисла се губат онтолошките разлики помеѓу Доброто и Злото, Вистината и Лагата, Правдата и Неправдата, помеѓу Вечниот и Минливиот. Секојдневно се остваруваат, во она време опишуваните фантастични сцени од дистопиското дело на Ерик Артур Блер алијас Џорџ Орвел – „1984“ и тогаш на светот претставуваните синтагми на  „новоговор“. Станува збор за јазик кој има ограничен број на зборови, кои пак од друга страна не носат никакво онтолошко значение. Тие служат само за задоволување на основните конверзациски потреби. „Новоговорот“ денес станува реалност. Зборовите ја губат смислата и тие се претвораат во празни школки кои се сведуваат на знаци, без промисленост, значење и симбол. Бела Хамваш пишува: „Современиот човек јазикот го разбира периферно исто како и светот. Заматените очи за поглед на праслика не можат ни да допрат до стварноста на јазикот. Да се гледа само надворешната обвивка на јазикот, без да се разбере она што е внатре, е проклето зашеметување.“ И навистина, доколку го погледнеме светот околу нас. Никогаш повеќе не се зборувало и никогаш повеќе не се пишувало отколку денес, па сепак Зборот и Словото никогаш помалку не ја имале смислата. Зборот ја изгуби „тежината“, стана како меур од балон кој пука, затоа што неможе да ја издржи својата празнина. А последиците од „празните“ Слова ги чувствува и човекот. Човек, кој денес има можност во еден ден да се сретне со повеќе зборови, отколку што можел некогаш за цел живот. Па сепак го нема Словото, го нема Логосот, ја нема смислата. Современиот човек повеќе не зборува со исти Слова како неговите предци. Неговиот Логос не е ист, тој не размислува за истите поими и суштествени категории. Неговото поимување на Доброто и Злото, Вистината и Лагата, Херојството и Предавството не е исто. Неговите патишта кон Вистината и Животот се затворени, неговото срце не е во можност да ги пронајде.

Значи, Словото е нападнато на сите фронтови и затоа „целиот свет лежи во зло“ (1 Јован 5:19). Можеби како никогаш досега човечкиот род се наоѓа во опасност да биде збришан од лицето на земјата. Не толку на материјален план колку на духовен. Говорејќи на јазикот на техниката, на човекот најголемата опасност му се заканува од информатичкото општество кое плете глобална мрежа и каде тој е главниот плен. Подмолно се удира на самата суштина на човекот како единствено словесно битие, наметнувајќи му правила на размислување, зборување и пишување. Фактот што ширум светот поимите, а многу повеќе симболите, како што се „татко“ и „мајка“ се заменуваат со технички термини како „родител 1“ и „родител 2“  и фактот што ширум светот се воведуваат нови родови покрај машкиот и женскиот, зборуваат дека во тек е судир од вселенски размери. Без испален куршум исчезнува човечкиот род, исчезнува човекот. Првиот фронт на оваа невидлива војна е токму човечкиот ум. Со помош на него човекот го забележува светот околу себе, пресудува и донесува одлуки. Умот претставува тврдина – кула за одбрана на Логосот со која човекот надгледува над себе и над светот околу себе. Другиот фронт е срцето на човекот. Со помош на него човекот интуитивно го чувствува треперењето на внатрешниот човечки микрокосмос. Третиот фронт претставува човечката душа. Таа е носител на самиот Логос и самата суштина на човечкото битие. Таа е тајно богатство кое се наоѓа длабоко позади ѕидините на тврдината и која чува некого за кого Св. владика Николај велел: „Има некој во дно на душата моја, ги пружам рацете да го дофатам, но гледам дека за тоа би ми требало раце подолги од вселената. Прашај го него кој сум јас?“

Душата, срцето и умот се боиштата каде се брани Словото и каде се води војна за Логосот. Така, патот до победата, вечноста и Вистината води преку одбрана на умот, срцето и душата, од непријателот кој води постојана борба. Во секој миг во човечкиот ум, срце и душа се води борба за вечност. Во секој миг се води борба помеѓу Добро и Зло. И затоа војната за Логосот е најголемата и највеличенствената војна која се водела, се води и која ке се води додека се мери времето, и секој човек е должен во неа да учествува. А да учествуваш во неа значи „да служиш на славата Божја и спасувањето на светот со она што е овозможено од мојата судбина, трпеливо очекувајќи да се изврши судот Божји над мене и над светот, настојувајќи со кроткост и благост да го ублажам туѓото зло, а да не го зголемам со своето“ (Владимир Соловјев). Со таква војска Логосот мора да победи, затоа што тој е „Алфа и Омега, Почетокот и Крајот, Кој е, Кој бил, и Кој иде – Седржителот“ (Откр. 1:8).

Авторот на текстот е магистер по право.