ПОВЕЌЕ ЗА ТУРЦИЈА – ПОВЕЌЕ ЗА АНАДОЛИЈА
Минатата недела се одржаа претседателски и парламентарни избори во Турција. Овие избори со изборниот резултат се важни од причина што Турција го преобрази својот државно-политички систем, процес поттикнат од најмоќната турска политичка фигура – Реџеп Таип Ердоган.
Преобразбата на системот официјално стапи на сила по минатогодишниот референдум, кој помина успешно, и преку него народот на Турција даде легитимитет да се вметнат повеќе од 20 амандмани во Уставот на Република Турција. Самиот референдум интензивно јавно се заговарал, по неуспешниот пуч врз Ердоган, 2016-та година. Од тој момент до оваа година, хронолошки сите три години имале важни политички случувања во Турција: 1) пучот на „Ѓуленистите“ врз Ердоган во 2016, кој завршил неуспешно; 2) референдумот за промена на политичкиот систем во т.н. претседателски, во 2017, кој поминал успешно и 3) изборите во 2018, каде коалицијата која ја предводи Ердоган насловена како „Народна алијанса“, го доби претседателскиот мандат и мнозинството во Парламентот. Со овој тригодишен редослед успешно е ставен крај на целокупниот процес.
Како позначајни промени во политичката игра од новиот политички систем на Турција можеме да ги издвоиме:
- собраниските избори и претседателските избори се одржуваат во ист ден;
- повеќе не постои институција Премиер според Уставот на Турција;
- бројот на пратениците во Собранието се зголеми од 550 на 600 пратеници, со зголемен мандат од 4 години на 5 години и;
- идејата за „силен водач“ се остварува преку новите овластувања на Претседателот – ќе назначува членови на Врховниот совет на судии и обвинители, ќе има зголемени можности од извршната власт и доколку партијата на претседателот има мнозинство во Парламентот, законите ќе можат да се носат без дебата во Собранието.
Кратка анализа за изборите 2018
На овие важни избори за политичкиот живот во Турција, но и за регионот, учествуваа две силни партиски коалиции. Едната на Ердоган – „Cumhur İttifakı“ или Народна Алијанса составена од вкупно две партии: Партијата за правда и развој која има конзервативни тенденции и Националистичката партија која има ултранационалистичка мотивација, и другата предводена од најсериозниот противник на Ердоган – Мухарем Инџе со коалицијата „Millet İttifakı“ односно Национална Алијанса, составена од повеќе партии од кои две најзначајни се: Републиканската народна партија која ја следи кемалистичката идеја и т.н. Добра партија која исто така е со либерален и секуларен предзнак. Овие земени поими за именување на коалициите, кои навидум имаат исто односно слично значење, се неслучајно одберени, затоа што органското разбирање на еден колективитет како Народ, со вештачкото разбирање на колективитетот како Нација, се два сосем различни ставови и концепти кои имаат различно гледиште кон минатото но и кон иднината, ставови и концепти кои даваат импликации кон начинот на живот, уредување на општеството и државата, односот кон културата, религијата, образованието и економијата.
Во трката за претседател учествуваше и курдскиот претставник Селахатин Демирташ, кој својата кампања ја водеше симболично во затвореништво, со освојување на нешто повеќе од 8% од вкупно гласови на овие избори. Ердоган освои нешто повеќе од 52% од вкупно гласови, додека Инџе нешто повеќе од 30% од вкупно гласови.
Главните упоришта на секуларната коалиција се наоѓаат во големите урбани центри: Истанбул, Измир и Анкара. Во Собранието, секуларната коалиција на овие избори освои 189 места, каде заедно со Демократската партија го формираат опозициониот дел во Собранието со вкупно 256 пратенички места. Додека Народната Алијанса предводена од Ердоган освои мнозинство во Собранието со 344 места, од кои 295 Партијата за правда и развој и 49 Националистичката партија. Со таква поставеност, партијата на Ердоган, немајќи самостојно мнозинство, го става коалициониот партнер во многу поповолна позиција, што дава можност ултранационалистите да ги зајакнуваат своите позиции во Турција.
На овие последни избори во Турција, каде право на глас имале околу 59 милиони луѓе внатре во земјава, и некаде 3 милиони државјани надвор од Турција, излезноста на гласачите била над 86%.
Реџеп Таип Ердоган, кој е на власт од 2003-та година, на овие избори се соочи со најобединета опозиција досега.
Меч со две острици за Македонците
Со изборите во 2018 во Русија и Турција, Ердоган кој сега е со уште поголема моќ од претходната, заедно со Путин, ќе имаат сигурна позиција во своите држави во наредните 5 години. Тоа ги прави стабилни во остварување на нивните планови на внатрешен, но многу поважно за нас, во надворешен план. Односно со зацврстување на овие два претседатели, се зацврсти мултиполарната идеја во практична основа и ова претставува уште еден голем удар врз униполарниот глобализам, кој тежнее нас да не избрише како народ. Но уште поконкретно, за Македонците е важно тоа што Ердогановата администрација не гледа позитивно на неодамнешната спогодба за името, од причина што преку тој договор Грција формално-правно ќе го легализира своето мешање во внатрешните работи на Македонија, и ќе обезбедува практично свое влијание врз Вардарската Долина, што укажува дека Грција уште еднаш е во план да се користи како држава која ќе го балансира турскиот надворешно-политички растеж на нашиот Полуостров. Тоа логички наведува дека геостратегијата на Турција, при евентуалниот неуспех на спогодбата за името во нејзино спроведување, активно ќе биде вклучена, односно ќе даде реакција при можното грчко и бугарско воено и/или било какво друго официјално вмешување во внатрешните работи на Македонија (изговорот за интервенција на НАТО-членките кои граничат со Македонија при пропаѓањето на спогодбата за името, секако ќе биде во смисол да ја „спречат“ кризата изродена од обидот за неправедно решавање на македонското прашање и која може да предизвика ескалација од регионални размери).
Но од долгорочен и геополитички аспект, Турција претставува земја која има битно различна културолошка основа, што и дава за цел со својата надворешна политика да ја афирмира исламската вероисповед и култура, по можност во одредени области на нашиот Полуостров, исламска афирмација со синтеза на османлизмот (Нов Пазар и БиХ). Тоа секако може да има импликации во внатрешниот карактер на Македонија (за кој Мисирков јасно преку своите дела предупреди дека треба да внимаваме, односно дека не е важна само политичката автономија, туку и внатрешниот карактер на Македонија), а особено ризик постои во иднината, доколку т.н. Закон за употреба на јазиците, стане дел од правно-позитивниот поредок и државата направи уште еден чекор кон бинационализација (православен и исламски дел), односно албанскиот фактор и понатаму ќе остане корисна алатка за остварување на туѓите интереси, овојпат на турските, каде постои и историска основа за тоа. Таа алатка во тој случај ќе стане составен дел од т.н. Зелена трансверзала, која географски ќе претставува еден вид клин забиен во централните делови на нашиот Полуостров. Од тие причини Македонците треба да гледаат со резерва кон долгорочната надворешна политика на Анкара, особено доколку се креира под влијание на ултранационалистите кои се важен дел од владејачката коалиција на Ердоган.