
ПОВЕЌЕ ЗА ГЕРМАНИЈА – ПОВЕЌЕ ЗА ФРАНЦИЈА
Неодамнешните брутални терористички напади кои се случија во Франција и Австрија, и кои ја шокираа тамошната и светската јавност, покренаа разни јавни иницијативи на ЕУ-лидерите за здружени напори во борбата против тероризмот:
- првиот напад се случил во Франција откако контроверзното списание „Шарли Ебдо“, од 1-ви септември годинава, повторно започна со издавање на провокативни карикатурални и сатирични содржини, кои се навредливи за традиционалниот исламски свет. Нападот бил изведен на 16-ти октомври, со тоа што му била отсечена главата на еден професор, Самуил Пати, кој се обидел да одржи предавање со секуларен пристап и во врска со оваа списание. Нападот го извршил Абдулах Анзоров, 18-годишен човек со муслиманска вероисповед и со чеченско потекло;
- вториот напад во Франција се случил на 29-ти октомври, во градот Ница, пред градската базилика. Овој чин бил изведен со ненадејно прободување на тројцата минувачи, од кои жртвите биле и обезглавувани. Напаѓачот, кој исто така бил млад човек, извикувал „Алаху Акбар“, извик којшто дава основано сомнение дека нападот е извршен од истиот мотив каков што имал и првиот напад во Франција, по најавата за реиздавање на провокативната содржина на „Шарли Ебдо“. По овој настан властите во Франција остро го осудиле овој терористички чин, а биле употребувани од официјалните лица и поими како „исламофашизам“ и „исламски тероризам“, коишто пак предизвикале реакции од официјалните лица на муслиманските земји, особено од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Исто така ширум Франција се одржале протести во одбрана и за поддршка на секуларниот карактер на Републиката;
- третиот напад се случил на 2-ри ноември во Австрија, во главниот град Виена, каде бил изведен терористичкиот чин на сличен начин како и вториот напад на француското тло (пред верски храм), со прободување но овој пат и со комбинација од огнено оружје. Во нападот загинале 4-ри жртви од кои 16 биле повредени. Овој напад е посебно интересен за Македонија, од причина што напаѓачот е Кујтим Фејзулаи, 20-годишен Албанец од Македонија, најверојатно и учесник во војната во Сирија на страната на „Исламската држава“. Додека светските медиуми, речиси сите пренесуваа известувачка содржина за настанот со потенцираното потекло на напаѓачот!
Наводно овие настани ги мотивирале ЕУ-лидерите на здружување на напорите!? Средба оствариле Ангела Меркел, Емануил Макрон и Себастијан Курц, на која ги усогласиле ставовите за меѓусебната соработка во борбата против теророт во ЕУ, и во реакцијата. Меркел неодамна обзнанила точки од заедничкиот план за борбата против тероризмот, додека во Брисел била доставена нацрт-резолуција со која се бара легализирање на декрипцијата на криптираната комуникација која се одвива преку апликациите како Telegram, WhatsApp, Viber и слични ним.
Доколку се усвои (и применува) гореприкажаната резолуција, која ќе биде оправдувана заради безбедноста, тогаш приватноста во комуникациите ќе биде тотално погазена како право, и вредност, овој пат со легална рамка, која ќе овозможи освен погазувањето на приватноста, и можност за масовна злоупотреба на информациите против луѓето.