БРИТАНИЈА: ПРОЦЕСОТ „БРЕКСИТ“ СЀ УШТЕ ВО STATUS QUO ФАЗА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА БРИТАНИЈА

Официјалното излегување на Британија од Европската Унија, и враќањето на британскиот суверенитет на британската држава, стана долготраен и усложнет процес (популарно наречен и како „Брексит“) со пробиени предвидени рокови, и кој доживеа 3 премиери кои во текот на своите мандати го имале(ат) како политичко прашање. Последниот од нив, сегашниот премиер, Борис Џонсон, кој има турско потекло (неговиот дедо бил Осман Вилфрид Џонсон, синот на Али Ќемал Бег), ја доби позицијата на државната власт, најмногу благодарение на неговиот личен т.н. hard-brexiteers став.

Дополнително последниот обид на Борис Џонсон да го заврши процесот за излегување унилатерално, без договор со ЕУ, заврши без усогласено мнозинство во британскиот парламент, и со блокада за пророгирањето на парламентот од страна на британската кралица, потег кој ѝ беше даден како решение по препорака од самиот Џонсон. Овој чекор е блокиран со одлуката на Врховниот Суд на Обединетото Кралство, донесена пред три дена, со која се пресуди дека обидот на Борис Џонсон да го пророгира британскиот парламент преку Круната на Британија, е незаконски.

Со овие последни настани, целокупниот процес се врати во status quo, и во догледно време, барем според сегашните поставени сили на политичката сцена во Британија, ќе остане во истоимената фаза.

Брексит-времеплов:

  • 2015 – на 14-ти април, Конзервативната партија, во својот партиски Манифест, како понуда го ставила прашањето за Референдумот за останување или излегување од Унијата, преку кој се дала шансата за оваа прашање клучен став да го имаат гласачите во Обединетото Кралство; на 17 декември, Актот за ЕУ-референдумот, ја добил кралската согласност (Royal Assent), минувајќи ги сите формално-правните процедури, со што се одобрило одржувањето на Референдумот.
  • 2016 – на 22-ри февруари, тогашниот премиер Давид Камерун, го обзнанил датумот на одржувањето на Референдумот, кој бил закажан за 23-ти јуни истата година; на 23-ти јуни се одржал Референдумот, додека референдумското прашање поставено до граѓаните гласело:

Дали Обединетото Кралство треба да остане земја-членка на Европската Унија или да ја напушти Европската Унија?’ (оригин: ‘Should the United Kingdom remain a member of the European Union or leave the European Union?’)”

  • на 24-ти јуни референдумските резултати биле објавени: за да остане во Унијата гласале 16 141 241, додека за да ја напушти Унијата гласале 17 410 742, односно во проценти изразено 48.1% наспроти 51.9% од вкупно гласовите; веднаш по резултатите Давид Камерун дава оставка од премиерската позиција; на 13-ти јули Тереза Меј станува новиот премиер; на 2-ри октомври Тереза Меј дава ветување во нејзиниот говор дека членот 50 од договорот за ЕУ, ќе биде активиран до март месецот 2017-та година.
  • 2017 – на 2-ри февруари британската Влада ја објавува јавно стратегијата за излез од Унијата, т.н. Brexit White Paper; на 16-ти март, Актот за нотификација за излез од Унијата, добива кралска согласност; на 29-ти март, Тереза Меј го активира членот 50 од договорот за ЕУ, со што формално го започнува процесот за излез од Унијата, со предвиден рок од 2 години; на 18-ти април Меј закажала предвремени избори; на 8-ми јуни Меј со изборите го изгубила мнозинството во парламентот, и покрај тоа што партијата ѝ била со најмногу освоени гласови. Владата ја формирала благодарение на коалицијата со Демократско-сојузничката партија од Северна Ирска (DUP); на 19-ти јуни, започнале преговорите за излез со договор помеѓу Обединетото Кралство и Европската Унија; на 8-ми декември бил обзнанен јавно заедничкиот извештај за статусот на Фазата 1 од преговорите, и преминување во Фазата 2 од преговорите.
  • 2018 – на 19-ти март, биле направени клучните чекори во преговорите помеѓу ОК и ЕУ, кои се однесувале за транзиционите датуми по Брексит и статусот на граѓаните од ЕУ во Обединетото Кралство, но не бил постигнат финален договор за прашањето кое се однесувало за границата помеѓу Република Ирска и Северна Ирска; на 26-ти јуни Актот за излегување (An Act to Repeal the European Communities Act 1972 and make other provision in connection with the withdrawal of the United Kingdom from the EU), добива кралска согласност и станува дел од британскиот правно-позитивистички поредок, со што ЕУ повеќе неможе да создава право кое се однесува за уредување на односите во Обединетото Кралство; на 14-ти ноември официјалниот нацрт на спогодбата произлезена од преговорите помеѓу ОК и ЕУ, бил јавно објавен, но наишол на голема критика од јавноста и политичките фактори; на 15-ти ноември секретарот за Брексит Доминик Рааб и секретарот за труд и пензиите, Естер Макви (клучните луѓе на Меј за процесот Брексит) даваат оставки ден потоа откако е обзнанена јавно спогодбата; на 26-ти ноември спогодбата за Брексит била одобрена од ЕУ-лидерите; на 12-ти декември, покрај силната критика, Тереза Меј преживува на гласањето за оддавање на довербата; на 17-ти декември Меј го закажува датумот за гласање за спогодбата, кој бил одреден на 14-ти јануари годинава.
  • 2019 – на 15-ти јануари, британскиот парламент ја одбил предложената спогодба со ЕУ, со што дополнително се комплицирал крајниот официјален исход од процесот; на 12-ти март повторно со гласање била одбиена постигнатата спогодба со ЕУ; на 13-ти март биле изгласани амандманите со кои се блокира сценариото за излез без договор со ЕУ – т.н. no-deal Brexit; 29-ти март изминал, односно датумот (или рокот) кога бил предвиден т.н. Денот на Брексит (Brexit Day), и настапување на транзиционата (завршна) фаза која би требало да трае до 31-ви декември 2020-тата година, а на истиот датум повторно била одбиена со гласање во парламентот предложената спогодба со ЕУ; на 7-ми јуни Тереза Меј дава оставка откако не успева ниту по продолжените рокови да испорача официјален „Брексит“; на 23-ти и на 24-ти јули, Борис Џонсон станува новиот лидер на Конзервативната партија (победувајќи го за таа позиција противкандидатот Џереми Хант) и новиот премиер на Обединетото Кралство; на 28-ми август, кралицата Елизабета Втора, по советот на Борис Џонсон, донесува контроверзна одлука за пророгација/суспензија на британскиот парламент која требаше да трае од 9/12 септември до 14 октомври годинава, но Врховниот Суд на Обединетото Кралство на 24-ти септември ја прогласи одлуката за ништовна и без правен ефект.

Во екот на Брексит-случувањата Европскиот Суд за Правда, на 10-ти декември 2018-тата година, излезе со правно мислење според кое Британија може унилатерално, односно самата да одлучи да го отповика процесот за излегување од ЕУ (отповикување или откажување од Брексит). Случајот бил отворен по иницијатива на британските политичари, кои го прашале судот за правно мислење.

Целокупниот процес, кој се наоѓа во status quo фаза, служи како добра поука околу делегирањето на суверенитетот наменета за оние земји кои се членки на Унијата, но особено за оние земји кои се аспиранти за влез во Унијата.