ГРЕВОТ НА АНТИОХ

КАКО НАВИСТИНА ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД „ДУХОТ НА ГЕНЕРАЦИСКИТЕ ГРЕВОВИ“?

Се потсетив на „клетвата на Александар“ која наводно ја изрекол за нас. Таа проколнува неколку десетици генерации Македонци. Ме поттикна да напишам нешто за да вас ве поттикнам да размислите.

За почеток сакам да предупредам дека овој текст не е наменет за некој кој не верува во ексклузивитетот на вистината, односно дека не се согласува со тоа дека вистината мора да е една. Логично, вистината мора да е една. Не може да има две вистини. À propos, овој текст не е за оние кои сметаат дека сите религии водат кон Рајот а уште помалку за оние кои едноставно не веруваат во Богот од Библијата.

Големите империи спомнати во Библијата кои го наследиле, и една која ќе го наследи, првото глобално владетелство, Вавилон, се:

  • Медо-Персијската Империја = сега непостоечка;
  • Македонската Империја = сега непостоечка;
  • Римската Империја = сега непостоечка;
  • Империјата на Антихристот = ќе заврши со следното доаѓање на Исус на бел коњ со своите свети/христијаните.
Македонската држава под Александар Трети Македонски

СИТЕ овие империи не го издржале или нема да го издржат тестот на времето. Но што ни зборува Библијата за карактерот на Господ? Тој е човекољуб, милостив и долготрпелив, кој простува беззаконија, но, кој за гревовите на татковците ги казнува и децата [неверни] дури и внуците до трето колено [книгата Излез 34:6-7].
Понатаму, Господ ни се открива како апсолутно битие со свој интегритет кој дури им суди и на нациите, на цели колективитети, поради своите злодела. Таков е случајот кога им пресудува на Израилците кои избегале од Египет со Мојсеј но биле неверни – не дозволил на првата генерација да влезе во ветената земја. Исто така Бог им суди на Евреите 70-тина год. откако го распнале Исус со тоа што ги раселил низ светот, а Римјаните го уништиле нивниот храм. Следното групирање на Израил како нација ќе го доживеат дури во 1948 година. И најпосле, Господ ќе им суди на нациите врз основа на тоа како се однесувале кон Евреите за време на Големите Искушенија [последните 7 години пред Исус да се врати на Земјата и практично да го воспостави своето царство на Земјата].
Господ им пресудил на гореспоменатите империи со тоа што ги уништил. Но не ги уништил сите народи во нив. Според неговиот карактер [Тој е човекољуб, меѓудругото], но и неговиот интегритет, Тој дава шанси за покајание. Каде е шансата за покајание кај Македонците?

„Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Ма­ке­до­нец, кој го молеше и му велеше: ‘Дојди во Македонија и помогни ни!’“ [книгата Дела 16:9].

Ете ни ја шансата дадена од Господ. Но за да добиеме шанса многу е веројатно нешто да сме погрешиле.

Александар уште како мал се однесувал вдахновено и покажувал голем интерес да владее со Истокот. Некој може ова да го смета за издигнување од Бог со цел да се исполни планот на Господ, а тоа е Александар да ја наследи империјата на Дариј. Но тоа не значи дека Александар бил свет, со други зборови, апсолутно морален. Бог само ја користи неговата веќе донесена одлука да владее со светот. Таков пример имаме когa Бог ја темелизира веќе донесената одлука на фараонот да не ги ослободи Евреите, опишана во Библијата во книгата Излез 9:12.
Дариј ја изгубил империјата, а Александар седнал на неговиот престол, ја одиграл својата, од Бога дадена, улога и починал. Потоа следат неколку века на војување меѓу македонските дијадоси/наследници на империјата на Александар…

Дали сте слушнале зa еврејскиот празник, Ханука? Евреите го слават овој празник како ден на повторно посветување на нивниот храм кон Јахве/или Богот од Библијата. Повторно посветување поради што? – Поради македонскиот наследник Антиох Четврти, глава на македонската династија Селевкиди, 175 – 164 год. п.н.е. Тој издал декрет со кој се забранува Евреите да го слават својот Бог и тоа не е сѐ. Антиох бил тип на Антихристот што треба да дојде со тоа што го осквернавил најсветото место во Храмот на Господ жртвувајќи свиња и поставувајќи се себеси како божество. Ако нешто го лути Бог најмногу тоа е ваков акт. Впрочем, ваков акт од Антихристот ќе биде сигнал кон Бог да дојде и да им пресуди на народите и нациите.
Ние, Македонците носиме тежок товар со нас. Се чудиме зошто од владетели на светот сега се бориме за „грст земја“. Но тежок товар се носи поради преголеми амбиции. Има ли излез од ова?

постер од прославувањето на Ханука во САД

Првиот чекор за излекување на нацијата е да препознаеме дека не сме совршени. Не само тоа, туку сме далеку од совршеноста која Бог ја бара за да можеме да стоиме пред Него без да бидеме конзумирани од неговата моќна енергија. Ако го направиме првиот чекор, Тој ќе престане да ги крие очите од нас [книгата Псалми 34:15-16; книгата Исаија 59:2].

Следно е да го прифатиме Единствениот Пат кон подобриот задгробен живот. А тоа е Исус како личен спасител, кој сам се дал како жртва, да ја искуси смртта, за да не мораме ние да бидеме уништени [ако веруваме во актот на Исус] во назначениот ден на сеопшт суд.

Потоа следи разговор со Него. Тоа ни го овозможува молитвата. Тој тоа го сака. Но како да се молиме со цел да добиеме простување од Бог за направеното срамно дело од Антиох, нашиот предок?

Да се потсетиме што рекол Господ за наследувањето на гревовите од нашите претци:

„Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна, за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни“ [книга Исаија 65:6-7].

Заклучуваме дека е возможно Бог да ни пресудува за грешките на нашите претци.

Затоа, само откако ќе ги поминеме сите споменати чекори можеме да се молиме на начин како што се молел пророкот Исаија за простување на грешките на својот народ и претци. А Тој е верен и ќе одговори. Во продолжение е извадок од таа молитва:

„О, да беше ги раскинал Ти небесата и да беше слегол! Горите би се стопиле од лицето Твое, како оган што растопува восок, како од оган што вода зовира, така ќе го познаат името Твое непријателите и од Твоето лице ќе затреперат народите. Кога вршеше страшни дела, од нас неочекувани, и слегуваше, – гори се топеа од Твоето лице. Зашто од секогаш не бевме слушале, е бевме внимавале со увото, и никое око не беше видело друг бог, освен Тебе, којшто направил толку многу за оние, кои на Него се надеваат. Ти милостиво го пресретнуваше секого, кој се радуваше и кој вршеше правда, кој Те спомнуваше на Твоите патишта. Но, ете, Ти се разгневи, зашто ние одамна грешевме; па како тогаш ќе бидеме спасени? Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар нѐ однесуваат. Нема никој кој би го повикувал Твоето име, кој би установил да се држат здраво за Тебе: затоа Ти го сокри лицето Свое од нас и нѐ остави да гинеме од беззаконијата свои. Но сега, Господи, Ти си наш Отец; ние сме глина, а Ти – наш грнчар, сите сме дело на Твоите раце. Немој да се гневиш безмерно, Господи, и немој вечно да го помниш беззаконието. Но, погледај: сите сме Твој народ. Градовите на Твојата светиња станаа пустелија; пустиња стана Сион; Ерусалим е опустошен. Домот на нашата светиња и на нашата слава, каде што татковците наши Те прославуваа, од оган изгоре, а сите наши добра така пропаднаа. По сево ова, ќе се воздржуваш ли уште, Господи, ќе молчиш ли и ќе нѐ казнуваш ли без мерка?“

Авторот на текстот е брокер.