ТЕОРЕТСКИ ОСНОВИ НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА – ТРЕТ ДЕЛ

ЗА МЕТОДОТ НА ИСТРАЖУВАЊЕ НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА

Релациите помеѓу општествените појави (и мрежите на релации кои ги создаваат) научно се истражуваат со различни социолошки методи, па следствено на тоа, и кај истражувањето на релациите помеѓу безбедносните појави и другите општествени појави, нивните длабински нивоа (длабинските нивоа помеѓу многуте мрежи на релации), нужна е научната употреба на социолошкиот метод со кој би се утврдувале научни сознанија, кои понатаму би ја граделе научната теорија на Социологијата на безбедноста.

При тоа, суштинско методолошко правило при употребата на социолошкиот метод во истражувањата на содржините од социолошко-безбедносната научна област (научната област на Социологијата на безбедноста), треба да претставува неговото нужно адаптирање на сознајната природа на предметот на истражување.

ОПЕРАЦИОНАЛНО ОДРЕДУВАЊЕ НА КОНКРЕТНИ ТЕОРИСКИ СОДРЖИНИ КОИ БИ ГИ ИСТРАЖУВАЛА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА

Заради поексплицитно одредување на конкретните содржини на истражување кои се однесуваат на меѓусебното влијание помеѓу општеството и безбедноста, како и оневозможување на произволен избор на други содржини за кои не постои научна и општествена оправданост, или пак истите се предмет на истражување на други науки и научни дисциплини[1], во оваа фаза од мојот обид за втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина, прелиминарно би поставил конкретна, но не и целосно развиена операционализација на оние теориски релации помеѓу одредени елементи на општеството (општествените појави) и безбедноста како посебна општествена појава, за кои сметам дека сочинуваат дел од содржината на предметот на истражување на оваа научна дисциплина. Имено, прелиминарно, во оваа фаза на втемелување на Социологијата на безбедноста, би ги одредил следниве теориски содржини кои се израз на релациите, односно мрежите на релации помеѓу безбедноста како посебна општествена појава и другите општествени појави: 1. социолошко промислување (според правилата на социолошката анализа) на основните категоријални концепти на безбедноста (индивидуалната/поединечната, националната, меѓународната и глобалната безбедност); 2. социолошките аспекти на облиците на загрозување на безбедноста, особено тероризмот; 3. социолошко-безбедносните аспекти на елементите на безбедносните системи; 4. општествените фактори на загрозување на безбедноста (непосредните причини: богатството, власта, моќта, општествениот статус; како и посредните причини: структурните, политичките и економските фактори); 5. социолошко-безбедносните аспекти на конфликтите и разрешувањето на конфликтите (со нужно консултирање на досега развиените социолошки теории); 6. релациите помеѓу криминалитетот, девијантноста, безбедноста и општествениот поредок; 7. безбедноста и семејството (влијанието на одредени семејни функции во стимулирањето или загрозувањето на безбедноста); 8. релациите помеѓу социјализацијата (и политичката социјализација) и безбедноста (социолошка анализа на релацијата помеѓу општеството и оние личности кои усвоиле и изградиле системи на вредности кои подразбираат и системски, адаптивни или неконформистички девијации); 9. БЕЗБЕДНОСНАТА СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА, која ја утврдив како нова и клучна категорија, а под која подразбирам дел од единствениот процес на вклучување на поединецот во општествените односи на конкретно општество, односно процес на усвојување (интернализација) на знаења, вештини и ставови за облиците на загрозување, безбедносните ризици и закани, заштитата и воопшто, безбедносното поведение од страна на личноста; 10. безбедноста и образованието; 11. социолошките аспекти на образованието од областа на безбедноста (проучувањето на општествената потреба и оправданост од профилирање и едукација на безбедносни кадри); 12. социолошките аспекти на професијата од областа на безбедноста; 13. безбедноста и општествената интеракција (конјуктивните и дисјунктивните процеси на интеракција и нивните импликации по безбедноста); 14. безбедноста и општествената контрола (функциите на формалната и неформалната општествена контрола во стимулирањето или дестимулирањето на појавните облици на загрозување на безбедноста, како и релацијата помеѓу безбедносните институции и општествената контрола); 15. безбедноста и општествените норми – обичаите и моралот; 16. БЕЗБЕДНОСНИОТ МОРАЛ, како нова и посебна клучна категорија, која во оваа прилика прелиминарно би ја дефинирал како збир на прифатени општествени норми кои одреден субјект го поттикнуваат на совесно, задолжително и одговорно отстранување на изворите и облиците на загрозување кои се насочени кон одредена темелна општествено-безбедносна вредност, при што евентуалниот неуспех во отстранувањето, кај истиот би предизвикало психолошки ефекти на грижа на совест; 17. безбедноста и општествените институции; 18. релациите помеѓу безбедноста, културата и културата на мирот (меѓу другото, и влијанието на субкултурата, контракултурата и масовната култура во загрозувањето на безбедноста); 19. безбедносната култура и нејзините определувачки фактори (семејството, образованието, културните обрасци и националниот менталитет, правото, безбедносниот систем, меѓународно-правните норми и стандарди, како и присуството на безбедносната култура во: политиката, економијата, здравството, сообраќајот, масовните медиуми, заштитата на животната средина, технологијата и техничките процеси, спортот и.т.н.); 20. безбедноста и религијата (општественото влијание на религијата врз безбедноста остварувајќи ја својата општествено-интегративна, но и општествено-деструктивна функција); 21. безбедноста и факторите на општествената структура; 22. безбедносната структура на општеството (општествено-безбедносната структура); 23. безбедноста и општествените промени, односно безбедносните промени во општеството (општествено-безбедносните промени); 24. социолошките аспекти на релацијата помеѓу безбедноста и човековите права (загрозувањата на човековите права во име на националната безбедност; искривената перцепција на човековите права како извор на загрозување на безбедноста; политичката инструментализација на човековите права и.т.н.); 25. безбедноста и етничките (меѓуетнички и интраетнички) односи (меѓуетничките и интраетничките тензии претставуваат елемент на општествената структура и при тоа можат да се јават како структурен фактор на појавата на загрозување на безбедноста); 26. релациите помеѓу општеството, политиката и безбедноста (особено, радикалните политички конфликти кои се насочени кон регулација или дерегулација на поедини аспекти од општественото живеење низ практикување на политичко насилство); 27. релацијата помеѓу општеството, економскиот фактор и безбедноста; 28. идеологијата и безбедноста; 29. безбедноста и глобализацијата (општествените промени кои се резултат на глобализацијата, а кои истовремено продуцирале и безбедносни ризици или конкретни безбедносно-загрозувачки појави, како и оние општествени промени предизвикани од глобализацијата, а кои ја стимулираат безбедноста на едно општество); 29. безбедноста и играта (како општествен феномен); 30. социолошко-безбедносните аспекти на традицијата кон одредени оружја со кои се одржувала или загрозувала безбедноста; 31. еколошката безбедност и општеството; 32. концептот на безбедност во приватниот сектор и општеството, како и други содржини кои се израз на меѓусебното влијание на општеството и безбедноста.

ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА ВО ОБИДОТ ЗА ВТЕМЕЛУВАЊЕ НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА КАКО НОВА НАУЧНА ДИСЦИПЛИНА

1) За втемелувањето на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина во системот на науки, конкретно, во Република Македонија, постои научна и општествена оправданост, односно за истата постои научна, општествена и образовна потреба.

2) Социологијата на безбедноста како научна дисциплина во оваа фаза на втемелување има автентичен и јасно определен предмет на истражување, а тоа е меѓусебното влијание на општеството и безбедноста, врз основа на што истата би ја одредил како автентична научна дисциплина.

3) Бидејќи Социологијата на безбедноста втемелена на ова ниво, претендира на епитетот научна дисциплина, во перспектива има реални научни можности од развивање на сопствена теорија, чиј фонд на научни знаења би се градел врз основа на научни истражувања кои би биле фундирани врз веќе познатите и утврдени научни ставови од теориите на Науката за безбедност и Социологијата како општо-општествена наука, но и врз теориите на другите науки и научни дисциплини со кои како нова научна дисциплина би развивала научно употреблив, комплементарен и методолошки коректен однос.

4) Од аспект на методологијата на научно истражување на Социологијата на безбедноста, до научните сознанија би се доаѓало преку социолошкиот метод кој е нужно потребно да се прилагодува на сознајната природа на предметот на истражување.

5) Паралелно, со одреден научно поволен развој на Социологијата на безбедноста и со организирана систематизација на поимите кои во перспектива би се утврдувале, може реално да се очекува и развивање на нејзин сопствен појмовно-категоријален апарат.

6) Научната суштина на евентуалниот научно-теориски успех на Социологијата на безбедноста да се развие како нова научна дисциплина, би се состоела во објективната и засега недоволно искористена научна можност, од научно препознавање на општествено обликуваниот безбедносен реалитет, при што со примена на социолошкиот метод, нужно адаптиран на сознајната природа со која се одликува мрежата на релации помеѓу општеството и безбедноста, научно ќе се идентификуваат одредени скриени причини за настанување на безбедносните појави, како и од нив продуцираните непредвидливи последици за општеството.

7) Конечно, врз основа на презентираните ставови во овој труд, кои воедно претставуваат систем на аргументација во прилог на базичната научно-истражувачка интенција, очекувам, релевантен дел од македонската академска заедница овој труд да го разбере како втемелување на основите на Социологијата на безбедноста, што воедно претставува и отварање на прашањето за оправданоста од конституирање на оваа нова научна дисциплина, така да, во зависност од успехот на начинот на кој го отворив ова научно прашање, во иднина би очекувал да се развие научна расправа која би била релевантна во респективната научна област.

СЕЛЕКТИРАНА БИБЛИОГРАФИЈА

  1. Доневски Д-р Божин, Класификација на научни подрачја, полиња и области (дисциплини) на истражувања, Скопје – Битола, мај, 2001 год.
  2. Милошевић Д-р Новак, Милојевић М-р Саша, Основи методологије безбедносних наука, Полицијска академија – Београд, Београд, 2001 год.
  3. Мојаноски Д-р Цане, Методологија на научно-истражувачката работа, „2-ри Август С”, Штип, 1998 год.
  4. Стаић Д-р Љубомир, Основи безбедности, Полицијска академија – Београд, Београд, 2003 год.
  5. Ðevad Termiz, Slavomir Milosavljevič, Analitika, NIK Grafit, Lukavac, 2008 год.

© Гоце Аризанкоски

Текстот е извадок од трудот “Теоретски основи на Социологијата на безбедноста (обид за втемелување на нова научна дисциплина во системот на науки)”, 2010 година.

Трудот е објавен во годишникот на Факултетот за безбедност – Скопје, 2010 година, и претставува рецензиран научен труд.

Белешки под текстот:

[1] При втемелување на нова научна дисциплина, конкретно во случајов, при втемелувањето на Социологијата на безбедноста, сметам дека е суштински потребно диференцирање на нејзините теориски содржини од содржините на Науката за безбедност (а и од другите науки и научни дисциплини). Ова теориско диференцирање е научно потребно и оправдано, бидејќи безбедноста, најопшто одредено, е предмет на истражување на Науката за безбедност (или на Основи на безбедност), при што истата претставува содржински елемент и на предметот на истражување на Социологијата на безбедноста кој пак содржински е определен во меѓусебното влијание на општеството и безбедноста. Имено, овие две научни дисциплини би развивале взаемна научно-теориска комплементарност, што не значи и поклопување на нивните предмети на истражување. Инаку, предметот на истражување на Науката за безбедност го сочинуваат следните теориски содржини: безбедноста како функција на државата; теоријата на системот за безбедност; појавите и облиците на загрозување на безбедноста; внатрешната безбедност и облиците на нејзино загрозување; современите безбедносни проблеми; разузнавачките и контраразузнавачките служби; специјалната војна; современиот тероризам; системот на безбедност; човековите права и безбедноста и.т.н. (за ова види во: Д-р Љубомир Стаић, Основи безбедности, Полицијска академија – Београд, Београд, 2003 год. стр. 6). Од друга страна, предметот на Социологијата на безбедноста, за разлика од предметот на Науката за безбедност, го сочинуваат теориски содржини кои се однесуваат на меѓусебното влијание на содржините на безбедноста и другите општествени појави, во што се состои и суштината на нивното теориско диференцирање.