ПРЕДМЕТ НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА
Од одредени елементи кои произлегоа од поставувањето и конструкцијата на научниот проблем кој се однесува на втемелувањето на Социологијата на безбедноста, можеа да се согледаат и базичните елементи на содржината на нејзиниот предмет на истражување. Имено, предметот на истражување на Социологијата на безбедноста, најопшто (од аспект на формалната страна на неговото одредување) би го определил во влијанието на општеството на безбедноста и безбедноста на општеството, односно во МЕЃУСЕБНОТО ВЛИЈАНИЕ НА ОПШТЕСТВОТО И БЕЗБЕДНОСТА и истиот вака одреден претставува меѓузависен, повеќеслоен и комплексен однос чија содржина ја сочинуваат две основни и клучни категории (содржински елементи): општеството и безбедноста.
Вака одредена, содржината на предметот на Социологијата на безбедноста има своја предметно-поимна автономија која имплицира и на предметно-поимна засебност на оваа нова научна дисциплина во однос на другите науки и научни дисциплини. Следствено на тоа, предметот на истражување на Социологијата на безбедноста, сметам дека е автентичен и јасно определен, врз основа на што истата претставува автентична научна дисциплина.
НАУЧНА, ОПШТЕСТВЕНА И ОБРАЗОВНА ОПРАВДАНОСТ ЗА ВТЕМЕЛУВАЊЕ НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА
Во овој дел од трудот ќе презентирам синтетизирани ставови за научната, општествената и образовната оправданост за втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина, односно ќе презентирам одреден систем на ставови (аргументи) кои очекувам на научната и стручната јавност да им овозможи претстава за придонесот кој може да се очекува од настанувањето и развојот на оваа нова научна дисциплина.
НАУЧНА ОПРАВДАНОСТ. Потребата за научни истражувања и објаснувања на безбедносните појави во сите области од општествениот живот условува еден процес на силно поврзување на безбедносните науки и општествената (или општествено-безбедносната) практика што за резултат создава научна дилема дали постои научна (и општествена) оправданост од втемелување на нова научна дисциплина која научно би ја осветлила релацијата помеѓу предметот на Науката за безбедност, а тоа е самата безбедност како појава, и општествoто како предмет на Социологијата како општо-општествена наука. Конкретно, научната оправданост на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина се состои во реалното очекување, истата со нејзиниот научен капацитет да придонесе во откривањето на нови научни сознанија (како хевристички резултат) за влијанието на општеството врз безбедноста и безбедноста врз општеството. Имено, оваа нова научна дисциплина сметам дека би имала научен капацитет за откривање на нови научни сознанија за општествената условеност на безбедноста како општествената појава која е нужно одредена од општествените односи, како и за безбедносните содржини кои продуцираат одредени елементи на општеството (општествените појави, процеси, односи, врски, дејности, институции, организации и.т.н.), односно за влијанието на безбедноста врз општеството. Од увидот кој го остварив во официјалната Класификација на научни подрачја, полиња и области (дисциплини) на истражувања[1] (во натамошниот текст: Класификација), структуирана според дефинициите и класификацијата предложени и препорачани од страна на УНЕСКО (1998) и Frascati Manuel (ОЕЦД, 1993 – Организација за економска соработка и развој), а изработена и според појаснувањата од шифрарникот на Европската Унија (CERIF, 1998 – Common European Research Project Information Format), како и од увидот во теориската структура на општествените науки и научни дисциплини кои директно или индиректно научно ја третираат безбедноста, констатирав дека ниту во Класификацијата, ниту во споменатите науки и научни дисциплини (посебно во Науката за безбедност, Социологијата, како и кај останатите безбедносни научни дисциплини со општа и специфична ориентација) го нема за предмет на изучување меѓусебното влијание на општеството и безбедноста, што претставува еден од клучните аргументи за научната оправданост од втемелување на оваа нова научна дисциплина во системот на науки и научни дисциплини, конкретно во Република Македонија.
Со конституирањето на оваа нова научна дисциплина би се овозможила дескрипција и експланација на одредени досега неистражени релации или мрежи на релации помеѓу одредени општествени појави и безбедноста како посебна општествена појава, од што може да се очекува и придонес во развојот на научните сознанија, односно придонес во сознајната област која се однесува на меѓусебното влијание на општеството и безбедноста. Инаку, безбедноста, односно безбедносните појави се општествени појави кои претставуваат интердисциплинарен предмет на истражување.[2] Од ова произлегува дека истите се сложени и динамични појави кои ги детерминираат фактори кои ги проучуваат различни науки и научни дисциплини, па така да оној сегмент од објективната општествена стварност кој се однесува на меѓусебното влијание на општеството и безбедноста (изразен и како фактор и посебна димензија на општествената стварност), би можела да го проучува посебна научна дисциплина – Социологија на безбедноста, која би се потпирала на општата Социологија како на своја теоретска основа, а при тоа би ги користела и научните сознанија од безбедносните и другите науки и научни дисциплини кои би биле научно употребливи за истражување на предметот на истражување на оваа нова научна дисциплина. Фактички, суштината и смислата на мојата основна социолошко-безбедносна идеја и од неа произлезената научна замисла за втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина, се состои во научно-истражувачката интенција да релациите (или мрежите на релации) помеѓу безбедносните и другите општествени појави се систематизираат во една конкретна општествено-безбедносна севкупност, со секако општествено-практични цели, од што и се создава можноста од настанување и развивање на оваа посебна научна дисциплина, која поимно ја одредив како Социологија на безбедноста.
Научните знаења на Социологијата на безбедноста (кои, секако не би биле идентични со знаењата на другите науки или научни дисциплини) ќе се однесуваат на една димензија на безбедноста, со што се потврдува научната потреба од разновидност и интердисциплинарност во истражувањето на безбедноста. Имено, Социологијата на безбедноста би ја истражувала безбедноста како општествена појава од аспект на нејзината општествена условеност и одреденост од целината на општествените односи, од нивната природа и содржина, во што би се состоел и карактеристичниот аспект на набљудување со кој сметам дека се одликува научниот и конкретно, методолошкиот капацитет на оваа нова научна дисциплина. Овој карактеристичен аспект на набљудување, фактички претставува адаптирање на социолошкиот метод на сознајната природа на предметот на истражување на Социологијата на безбедноста, што при успешна негова примена при социолошките истражувања на безбедноста, ќе се потврди и придонесот во областа на научно-истражувачката методологија што би се постигнал со втемелувањето на оваа нова научна дисциплина.
И конечно, научната оправданост од втемелувањето на Социологијата на безбедноста може да се согледа, меѓу другото, и во фактот според кој одредени општествени прашања/проблеми постојано имаат капацитет да се трансформираат во безбедносни прашања, односно постои конкретна научна оправданост од социолошки истражувања на безбедноста секогаш кога есенцијата на одредени општествени прашања е испреплетена, или потенцијално е испреплетена со безбедносно-загрозувачки или безбедносно-стимулирачки содржини.
ОПШТЕСТВЕНА ОПРАВДАНОСТ. Отсекогаш луѓето (општеството) имале потреба од (систематизирани) знаења кои ќе им овозможат, помалку или повеќе, јасен одговор на специфичните општествено-безбедносни и животно-практични прашањa (произлезени од општествено-безбедносната практика) кои со векови си ги поставувале, а кои им се наметнувале во секојдневниот практичен и сознаен живот испреплетен и со безбедносни содржини. На пример, и човекот кој се развивал низ историјата и денешниот современ човек се запрашувал: зошто луѓето кои не се вклопиле во одредена општествена група или глобалната општествена заедница, ја загрозуваат нивната безбедност?; зошто одредена култура (или субкултура, или контракултура) може да продуцира општествени услови и одредени општествени ситуации во кои нечија безбедност е загрозена?; како општествените норми (на пример, обичаите и моралот) можат да бидат искористени за стимулирање или загрозување на безбедноста?; како функциите на семејството можат да условуваат стимулирање или загрозување на безбедноста?; дали безбедноста е фактор на општествените промени и обратно?; дали класната и статусната положба на луѓето стои во позадината на конфликтните ситуации кои потенцијално можат да се трансформираат во конкретни безбедносно-загрозувачки ситуации?; како функциите на општествената контрола ги дестимулираат безбедносно-загрозувачките појави?; како идеологијата влијае на загрозувањето на безбедноста?; зошто општествената нееднаквост и внатрешните општествени противречности влијаат на загрозувањето на безбедноста? и.т.н.. Во тој контекст, суштината на општествената оправданост на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина ја идентификував во фактот кој се состои во следното: ако научниот интерес на Социологијата како општо-општествена наука за безбедносната проблематика произлегува од фактот според кој напредокот, развојот и опстанокот на општеството суштински зависат и од безбедноста во и на општеството, тогаш може да се очекува дека со научните истражувања на релацијата, односно мрежите на релации помеѓу општеството и безбедноста (нивното меѓусебно влијание), ќе се овозможи објективно согледување на општествено-безбедносниот реалитет, со што ќе се придонесе и помогне во свесното и планско насочување на општествениот развој. Врз основа на претходните ставови (аргументи), како и утврдената научна оправданост од втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина, логички следи дека за нејзиното втемелување постои и општествена оправданост.
ОБРАЗОВНА ОПРАВДАНОСТ. Образовната оправданост, односно образовната потреба за втемелување, а потоа и изучување на Социологијата на безбедноста, може да се согледа во научниот капацитет на оваа научна дисциплина да овозможи стекнување на научни знаења за внатрешната природа на безбедносните појави во контекст на нивната тесна поврзаност со другите општествени појави. Со стекнувањето на овие научни знаења, студентите кои би ја изучувале оваа научна дисциплина, би усвоиле специфичен начин на размислување кој ќе им овозможи развивање на способност за анализа и дискусија за современите општествени проблеми кои имаат и безбедносна димензија, како и константно анализирање на сите безбедносни појави во нивниот поширок општествен контекст.
© Гоце Аризанкоски
Текстот е извадок од трудот “Теоретски основи на Социологијата на безбедноста (обид за втемелување на нова научна дисциплина во системот на науки)”, 2010 година.
Трудот е објавен во годишникот на Факултетот за безбедност – Скопје, 2010 година, и претставува рецензиран научен труд.
Белешки под текстот:
[1] Д-р Божин Доневски, Класификација на научни подрачја, полиња и области (дисциплини) на истражувања, Скопје – Битола, мај, 2001 год.
[2] Д-р Новак Милошевић, М-р Саша Милојевић, Основи методологије безбедносних наука, Полицијска академија – Београд, Београд, 2001 год., стр. 34