Позитивизам или позитивистичкиот пристап, претставува сфаќање или метод кој се однесува на проучувањето и осознавањето на работите од страна на човекот. Овој(аа) метод/теорија за прв пат го има изнесено французинот Огист Конт(Auguste Comte), кој воедно бил и ученик на Сен-Симон(Henri de Saint Simon).
Главниот проблем кај позитивистичкиот пристап кон работите, претставува доказниот метод. Имено доколку „нешто“ може да се докаже – тогаш тоа според овој метод постои, но доколку неможе – тогаш тоа „нешто“ се отфрла како реалност. Се запрашувам, дали е возможно човек да има можност да ги истражи сите планети и сите Закони кои постојат во физиката? И дали доколку истиот не ги докаже и не обезбеди докази за нив, тие не треба да постојат како идеи, теории и хипотези – просто како реалност?
Прост пример е неможноста на човекот да ја пронајде тајната формула за толку совршеното функционирање на мравките: согледуваме дека создаваат совршено општество и честопати и лично сме биле сведоци во нивните акции, но незнаеме и немаме докази зошто се такви и како успеваат во тоа – а пред носот ни е нивниот резултат!?
Овој пристап кон осознавањето на работите (или прифаќањето на човекот на надворешната реалност), претставува многу ограничувачки за човечкиот дух и ум, затоа што шпекулативниот метод најостро се отфрла. Несомнено е дека овој пристап, кој во моментов е најзастапен во изучувањето во образовните системи, кај речиси сите држави во светот, има дадено голем придонес кон деловите од некои научни гранки. Позитивизмот како пристап и тоа како е потребен за постигнување на резултати во некои социолошки и правни моменти или ако сакате проблеми. Но овој пристап е неприменлив во сите работи, односно во сите научни гранки (пример Богословските/Теолошките науки), ниту пак за тие научни гранки постои практична можност истите да се одделат, и да се добро применуваат како неповржани едни меѓу други. Заради тоа овој пристап не треба да се целосно отфрли во изучувањето на науките, но нетреба и целосно да се прифати за сметка на отфрлање на другите методологии.
Сè она што е создадено од човекот има позитивистички карактер, но останатото што не е создадено од човекот, тие творби невозможно е сите да ги разбереме со позитивизмот!
Или пак, за да се создаде посовршен метод кон внесувањето на човечкиот ум према епистемологијата, односно кон знаењето, тогаш потребно е спој на позитивизмот со метафизиката, спој кој најверојатно во минатото постоел како појава во методологијата.
Но за да се создаде овој спој, потребно е првин една од теориите која всушност претставува и еден од темелите на позитивизмот, да се отстрани, затоа што таа теорија претставува момент кој не дозволува поврзување на позитивистичкиот метод со другите методи, односно самата теорија ги негира. Таа теорија или тој темел претставува т.н. Закон на трите стадиума.
Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество”, глава Б, 2015 година.