ШКОЛА ЗА ГЕОПОЛИТИКА НА АЛЕКСАНДАР ДУГИН

Во државата која е централен наследник на некогашната Југославија (наследството од воено-економски и интелектуални капацитети), меѓу народот кој создаде последица да се креира Југославија по условно кажано „Првата” светска војна, и во градот кој беше еден од главните центри на оној збир на држави кои себеси во ерата на Ладната Војна се нарекуваа „Неврзаните”, се создава школа која нуди специјализиран тип на образование, поинаков од оној вообичаен на кој сме навикнале со нашите образовни догми за политикологија, географија, право и филозофија… Станува збор за држава Р. Србија, за народ Срби и за градот Белград, додека за школата наречена како Балканска школа за геополитика или Школа за геополитика на Александар Дугин, наречена така по професорот од Руската Федерација, Александар Гелевич Дугин, современиот предводник на евроазиската идеја, и ткн Четврта политичка теорија (4пт/4pt).

Првата сесија со предавањата на професорот Л. Савин

LeoSav SKGEOAD

Во оваа школа, во која како претставник од Македонија и како член од литературно-филозофскиот кружок Политички Гроздобер – Полигрозд, членувам и јас, од досега двете сесии на неколкудневни интензивни предавања, едното на професорот Леонид Савин, кој прв започна со предавањата и званично ја отвори работата на школата со темите: вовед во класичните геополитички школи (во прв ред на англо-саксонските мислители, и на Русите од времето на Царска Русија и Советскиот Сојуз); западните политички и филозофски идеи (реализам, либерализам, марксизам, феминизам); гледишта кон географијата и политиката; меѓународните односи (САД); мрежните војни; кибергеополитика; како и геополитиката на државите кои имаат силно влијание на Блискиот Исток (во прв ред Израил и Иран), и втората сесија на професорот Валериј Коровин со темите: етносоциологија односно опширно појаснување за процесот кон формирање на етносот кон лаосот/народот; етногенеза на народите; сакралните особености на етносот и лаосот; формирање на империја; демос и патот кон создавање на нацијата/État-nation по моделот на Француската Револуција; етногенезисот на рускиот народ; како и моделот на граѓанско општество и крајната цел кон глобалното општество, а и во двете сесии учествуваа луѓе-предавачи од југословенско и српско „педигре”, во кој како највпечатливи беа предавањата на Синиша Боровиќ – некогашен член на ГШ на СРЈ (кој презентира една ретка карта со приказ на изгледот на современата окупација на Ју-просторот, односно поделените сфери на влијанија во политичка, економска и културолошка смисла, во која целата територија на Р. Македонија е ставена под неоспорено влијание на САД), предавањето на Бобана Анѓелковиќ за филозофските мисли на Мартин Хајдегер, како и предавањето на Иван Правдиќ за развојот на уметноста и театарот, кој даде одличен прилог кон тоа: Што е уметност? – суштината и целта, како се развивала и во што се деградирала денес.

Професорот В. Коровин (лево) со претставници од Македонија

ValKor SKGEOAD + I

Сознанијата и импресиите, од оваа прва половина од школата која има квадримесечен курс, се огромни, а можеби за нас на Балканот се огромни, благодарејќи на нашите „експерти”, нашето „слободно новинарство” и медиумските куќи, кои како најважни информации во етерот ни ги пуштаат приемите на евро-претставниците, нивните изјави за тоа како сме напреднале но само уште малку и ке сме ги достигнале нивните универзални евро-критериуми, и „експертскиот хор” со појаснување како сиов пат до ЕУ и НАТО ни се судбина?!.

Македонскиот интерес од Школата

Освен што се разменуваат искуствата од научен карактер, и се надополнуваат знаењата од теоретскиот и емпирискиот дел, оваа мултидисциплинарна школа претставува добра можност да се „помирисаме”, ние (од Македонија, Србија, целиот наш Полуостров) да дознаеме што точно мислат Русите за нашите држави, нивниот светоглед и нивниот начин на меѓународно уредување, поточно што наумила „ново” (! под посебно внимание на нашиот кружок е новата политичка парадигма 4пт/4pt) руската политиколошка авангарда, но и тие да не видат одблизу нас, односно да видат како мутирале нашите сеопшти интереси, и дали овие народи имаат достојни претставници, а со тоа и можности и капацитети за нешто кон иднината. Интересот е двоен, и од наша страна бидејќи ние имаме непознаница за современиот руски политички ум, и мислењето и делувањето на Москва врз Балканот потсвесно ни е врежано од времето на Сан-стефанскиот мир и Конференцијата на Јалта, но и од нивна страна, затоа што Русите од времето на Борис Елцин, па некаде до сега (2014-15та), имаат мрачен период во информациона и структурална смисла на овој наш Полуостров. Тоа најмногу се должи на нивната про-западна струја, односно на рускиот дел од изглобализираното стадо, кој на секакви можни начини, во содејство со перфидните Западњаци, ги саботирале руските оригинерни позиции и капацитети особено во надворешната дипломатија (тие работи ни се познати од пракса и нам). Истото се огледува и во нивните предавања, кои кога станува збор за Балканот се служат со застарени или општи информации. Затоа не треба да нѐ чуди бледото и несогледливото влијание на Русите, кога станува збор за сооднос со влијанието на САД. Во овој дел имаме можност ние Македонците, кои сме старонова појава во поглед на државотворност и геополитичко размислување, внимателно и подробно да го проучиме нашето опкружување и нивните односи со Русија, и подробно во порана фаза да го проучиме рускиот интерес на Балканот кој постепено се засилува (англо-саксонскиот разбравме дека е со негативна замисла по нас Македонците, по словенофонското полуостровско население, но и по самото човечко битие воопшто), за да создадеме нова идеја за македонската геополитика, која ке е практична за нас, но и за сите слични околу нас, бидејќи со досегашната политика на еквидистанца со соседите: воспоставена геостратешка доктрина на сега веќе покојниот Киро Глигоров, две декади се ограничувавме надворешно-политички без да ги користиме нашите природни географско-историски потенцијали и можности, и доктрина која со дејствијата на сегашната влада се напушта (зближувањето со Бугарија и флертот со Албанците). Теоретска идеја со цел во иднината да востанови геостратешка доктрина која ке одговара и ке биде во склад со интересите на нашиот народ, кој е македонски, православен и славјанофонски. Дополнително школата претставува можност и за афирмација на научно-историскиот дел на македонската државотворност (династијата на Аргеадите, Дијадосите, династијата на Комитопулите и династијата на Димитрија В’лкашин), македонската култура (Аристотел син Никомахов, Св. браќа Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум) и македонската традиција (аграрниот и винарскиот живот), области за проучување во кој Русите како современа политичка филозофија ги разбираат како работи кои се неповредливи и суштински, за било кој етнос или народ/лаос.

Авторот на текстот е Филип Н. Радомиров – дипломиран правник.