„ПОЛИТИЧКИ ГРОЗДОБЕР“ CONTRA „DEUTSCHE WELLE“

Како „архиграматевс“ односно еден од основачите и првопишувачот на еднонасочниот комуникациски канал за масовна комуникација, е-гласилото на кружокот „Политички Гроздобер“ или скратено „Полигрозд“, имам за постојана обврска да не останам „покус“ кон луѓето и/или групациите кои шират лаги, особено за оние лаги насочени кон оваа можеби единствено здружение од ваков тип во Македонија и пошироко.

Пред скоро една година, близу Септемврискиот референдум, осамна статија на е-порталот на „Deutsche Welle“, од извесен автор Кица Колбе, со која жолчно се „докажуваше“ наводната руска врска, која поттикнувала кај Македонците фашизам, недоверба во интеграциите во ЕУ и НАТО, но и кон „историската“ улога на договорот од Нивици. Статијата е под наслов „’Руската врска’ на бојкотирачите во Македонија“. Наводната „руска врска“ на бојкотирачите сме претставувале ние од кружокот, а посебно сум издвоен јас од причина што сум автор на една автентична новост, по едно долго време од илјадници години, во политичката идеологија и систем, на македонската мисла – односно претставувам креатор на „нешто ново“ и автентично наречено како василеизам.

И согласно со тоа, госпоѓата Колбе не штедела на бесмислиците во писанието, а со тоа докажува само колку не си ја завршила „домашната“ зададена од своите германски газди, за во предреферендумската кампања минатата година:

Првин пред да навлезам во јавното излагање на мојата аргументација против пропагандата на госпоѓата Колбе и „Deutsche Welle“, ќе дадам кратко воведение за тоа што претставува и како работи „Политичкиот Гроздобер“.

„Полигрозд“, претставува литературно-филозофски кружок, поттикнат и составен од студенти на правните факултети во Македонија (сега дел од нив бивши студенти и луѓе во брачни води), основан во градот Куманово, во услови на тешка општествена и политичка криза, а пред сè морална во нашата држава, во 2016 година, месец септември/гроздобер.

При настанокот го заобиколивме законското решение за здруженијата, а се повикуваме на одредбите во Уставот плус меѓународното право, кое преку членот 118 од Уставот, оваа право се прифаќа како дел од внатрешниот правен поредок! Со тоа никој нема легално право да ни забрани да се групираме во ваков вид и по овој основ, односно формално-правно здружението е непостоечко и без регистрација, и ја отфрламе формалноста и обврзувањето кон Законот за здруженијата, токму од причина што предвидовме дека целовитоста и сообразноста на правно-позитивистичкиот поредок во пракса во Македонија, ќе биде/е во колапс. Со тоа ја отфрливме можноста да ни се попречува работата и интересот според селективната примена на легалните законски норми. А денес под закони и институции на „Република Северна Македонија“, ни на крај памет не ни доаѓа да правиме регистрација!

Основна цел на кружокот е илустрација, афирмација и поттикнување на македонската национална свест, култура и традиција, следствено на тоа правилно, автентично обликување на македонската интелигенција! Последново произлегува од идејата на нашиот геополитичар и геостратег од минатиот век К. П. Мисирков – т.н. идеја за народна интелигенција.

Во практична смисла, работата на кружокот се одвива на старотипичен начин, односно членувањето не претставува постојана обврска, и се случува на доброволна основа – па според тоа се делиме на активни Гроздоберачи и пасивни Гроздоберачи. Последниве се јавуваат како членови во мирување, и гости во кружокот. Хиерархијата е едноставна: сите сме еднакви мислечки и човечки битија, а еден од Гроздоберачите е во својство „прв меѓу еднаквите“, со цел да има некој кој постојано ќе се грижи за работите и да не настане застој во „Полигрозд“ – таа одговорност на доброволна основа при основањето ја прифатив и извршувам токму јас. А доколку не е јасно зошто сме „Гроздоберачи“ – затоа што го береме знаењето, преку литературата, филозофијата и искуството. Постои и симболика во гроздот, од причина што од неговиот сок преку ферментација се создава виното, а во „виното е вистината!“

Бидејќи сите сме еднакви во кружокот, често без утврден формат и состав, се собираме на различни места, и одржуваме на доброволна основа симпозија, и тоа во оригинална смисла (не современ симпозиум по хотели, исполнет со формалности), туку слична налик старите македонски времиња. На тие симпозии, непосредно и лице в лице споделуваме искуства, мислења и новости, буквално за сè, а најмногу за секојдневието, политиката и филозофијата – и најголема придобивка од симпозиите е што го зацврстуваме пријателството и другарувањето, познавајќи се во најголем дел беспрекорно. Всушност тоа е рецептот на Македонците од старите времиња, кои создавале славна историја, а нивните дружини се јавувале во вид на „хе(тај)рои“, „дру(н)гари(и)“, „комити“, „партизани“ итн.

На сајберпросторот претставуваме еден вид „open source project“. Секој придонесува колку што може! Во оваа прилика им упатувам јавна благодарност на „велешката врска“ на Гроздоберачите, која даде несебична помош и стори професионализација на е-гласилото poligrozd.org, и тоа не за пари (како госпоѓата Колбе и нејзиниот Дојче Веле) туку заради промакедонската линија. Но за да не се наруши целовитоста и суштината во нашите сајберактивности, заради често различните мислења, објавена е јавно своевидна догма, „спакувана“ во е-Устав и е-упатство, која е прифатена на доброволна основа. Таа догма ја практикуваме веќе 3 години, и увидов дека целокупната организација и делување досега, се темели на три основи: свест и доброволност, промакедонска и пробалканска пасија и секако несебичен труд. Овие три темели, се тие што кружокот го чинат жив, жилав и отпорен на секакви прилики и неприлики, а претпоставувам овие работи се чудата за госпоѓата Колбе, кои ја навеле да нè опише како „чуден македонски портал“…

Госпоѓата Колбе вели вака:

„… Дугин има руски извор само за „евроазиската“ идеја. А тоа е теоријата на рускиот филозоф Лев Гумиљов, синот на поетесата Ана Ахматова. Но, целата елаборација на неговите проблематични тези Дугин ја гради ползувајќи се, речиси во целост, само со неколку западни филозофи – декларирани фашисти или националсоцијалисти.“

Contra: Веднаш се забележува површното, да не речам википедиско познавање на тезите на рускиот професор Дугин, но бидејќи без избор сум ставен да бидам апологет на Дугин, во случајов ќе одговорам дека Евроазиската идеја, е далеку постара руска геополитичка идеја од Лав/Лев Гумиљов/Гумилов/Гумиљев (зависно кој како изговара), додека Дугин „има“ руски извори целокупно за неговиот, воопшто и рускиот светоглед! Тој не ползува со неколку, туку со дузина западни филозофи, на кои им се ставени етикетите од неолибералните пропагандисти дека се фашисти, националсоцијалисти, радикали и слично ним, а сè со цел нивна маргинализација.

Госпоѓата Колбе продолжува:

„Дугин се повикува на малку познатиот италијански фашистички филозоф, Јулиус Евола, кој политички стоел уште подесно и од самиот Мусолини.“

Contra: И повеќе од јасно е дека авторот има за цел пропаганда, демагогија и наведување во смисол: Дугин се повикал на фашистички автори, тогаш мора самиот тој да е „фашист“, и има за цел да обучува млади „фашисти“!? Всушност точно е дека Дугин го смета Евола вреден за читање, затоа што Евола како и многу други „малку познати“ (во суштина намерно маргинализирани денес) филозофи од Западна Европа, говорат дека модернизацијата всушност претставува регрес на цивилизацијата и човекот. Но Дугиновите размислувања се повикуваат и на Платон, Аристотел, Рене Генон, на Жорж Дјумезил, на Марија Гимбутас, на Милош Црњански, на Артур Шопенхауер, Карл Јунг, на Ален де Бенуа… долга е редицата.

Дотолку повеќе не ми е јасно како авторот утврдил дека Евола бил „подесно“ од самиот Мусолини, кој изворно претставувал социјалист, односно идеолошки лево? Таа игра лево-десно, очигледно лесно доведува до збунка… но како и да е, она што сигурно знам за Евола, е дека по иницијатива на Мусолини, му давал идеолошки совети во врска со расната супериорност. „Подесниот“ Јулиус Евола, всушност храбро давал права насока, отстапувајќи од догмата во тоа време со тоа што тврдел дека супериорноста нема врска со расата и националната припадност, туку со духот и моралот на човекот, воедно ругајќи се со германските гледишта за расната „ариевска“ и национална супериорност, гледишта кои самиот ги согледувал за примитивни. (За напомена, Ј. Евола никогаш не бил член на фашистичката партија во Италија!)

Но госпоѓата Колбе оди подалеку па вели вака:

„Но, главните аргументи Дугин ги наоѓа кај германскиот филозоф Мартин Хајдегер, кому вистински му се восхитува. Не изненадува што и на социјалните мрежи во Македонија противниците на Договорот се повикуваат на Евола и на Хајдегер како најголемите филозофи на дваесеттиот век.“

Contra: На предавањата во Белград, самиот Дугин во негативна конотација нè посочи дека Хајдегер имал нацистички гледишта, и дека токму тука му е грешката во неговите тези, а тие предавања се јавно објавени и секој може да ги погледне и да научи нешто повеќе (линк). Дополнително Дугин ни препорача да го читаме Маркс, со цел полесно да ја разбереме структурата на капиталот, и како тој функционира. Според логиката на госпоѓата Колбе, Дугин се восхитува и на Маркс, и сигурно и самиот е „прикриен марксист“!? Колку Дугин се сложува со Хајдегер, е на него да одговори, ние, конкретно јас со Хајдегер, се сложувам делумно, особено за „механиката“ и „механичкото размислување“ како и за техниката и технологијата, но дека станува збор за голем германски мислител е бесцелно да се доведува во прашање, особено од госпоѓата Колбе – заради угледот и кредибилитетот ѝ.

И освен јас и уште неколку души по социјалните мрежи, кој поточно противник на договорот се повикувал на Евола и Хајдегер? А би прашал дали на оние кои се повикуваат на Маркс, кога се повикуваат, се коментира дека всушност Маркс го оправдувал робовладетелството во Конфедерациските држави и Јужна Америка како и во минатото во т.н. Античка Грција? Дали тие што се повикуваат јавно на марксизмот значи и дека го оправдуваат во минатото или посакуваат робовладетелството? Мислам дека повеќе од јасно е дека станува збор за чиста демагогија.

Госпоѓата Колбе упорно убедува а не докажува, па вели:

„Нивната перцепција во десничарските кругови во Македонија, најверојатно, е посредувана од геополитичката, славјанофилско-фашистичка филозофија на Александар Дугин.“

Contra: Поверојатно е, барем историски докажано дека фашистичката филозофија никогаш не се манифестирала кај славјанските народи и нации, односно дека тоа не претставувало наша традиција, а во случајов иронично, таквите филозофии се појавиле токму во Германија, од каде се газдите на госпоѓата Колбе, воедно од таму каде што сега таа живее. Зошто ли само госпоѓата Кица Колбе која е од селото од кое водам потекло и јас (Башино Село), не го става и своето македонско моминско презиме Барџиева? Зошто ли со него не се афирмира во списите за „Deutsche Welle“, а се афирмира со германското презиме? Да не станува збор за преференцијалност на нејзините германски газди? Или можеби за малограѓанска етика и срам од себеси? Да беа живи моите дедовци по потекло од Башино Село, сигурно ќе се шегуваа со вас – „Германка von Велес“, како што се шегувале со некој наш роднина оти презимето не си го вратил а го задржал онаа од српската окупација, нарекувајќи го „Србин из Велеса“ (иронијата на шегата е што таму не постојат ниту постоеле Германци ниту Срби).

Искуството на Славјаните под германската управа, како онаа на лужичките Срби или на Чесите и Пољаците, говори дека баш тогаш од фашизмот страдаат токму „славјано-фашистите“. Не случајно Моравците очајно бараа помош од Св. солунски браќа Кирил и Методиј.

Госпоѓата Колбе уште вели:

„Највисоката вредност во светогледот на Дугин е да се сочува сопствениот идентитет. Тоа значи, да се сочува историјата од која еден народ потекнува. Од тоа, за него, произлегува дека никој нема право некому да му ги наметне „својата вистина“ и „својот систем на вредности“.“

Contra: Токму затоа, госпоѓо Колбе, Дугин наиде на почит кај мене, но и кај многумина други луѓе низ светот. Секој кој е при здрав памет смета дека заслужува свое место под Сонцето, и избегнува да е под туѓото!

Госпоѓата Колбе продолжува со бесмислиците па вели:

„Македонски учесници на Дугиновата школа за геополитика во Белград се и некои од луѓето кои пишуваат против Договорот на еден чуден македонски портал, зад кој се крие некое здружение на студенти наречено „Политички Гроздобер“.“

Contra: Школата за геополитика на Александар Дугин, беше предвидена ексклузивно за Србите, затоа што српските интелектуалци покренаа претходно иницијатива за нејзино формирање, но бидејќи јас самоиницијативно стапив во контакт со модераторите, и бидејќи имаше уште еден заинтересиран од Македонија да биде дел од таа школа, тогаш таа стана „Балканска“ школа за геополитика. Всушност јас бев единствениот Македонец по род таму, и тоа беше една своевидна мисија која освен од желбата да дознаам повеќе имаше и за цел достојно да ја презентирам македонската вистина и успешно да размениме идеи.

Госпоѓо Колбе, и вие сте за нас „некоја Кица“ од таму „којзнае каде“. Нит ве знаеме вас, ниту вашите размислувања! А се запрашувам како тоа според госпоѓата Колбе се „криеме“, кога сите мислења и статии се под име и презиме, со слика од авторите, плус со дополнителен опис за професионалното определување/звање? Но госпоѓата Колбе тоа најверојатно го напишала со цел да даде привид дека се работи за некакви „злонамерни“ „плашливци“, без разлика што сите во нашите краишта нè знаат кои сме и што сме.

Госпоѓата Колбе во крешендо-фаза вели:

„На порталот јасно се пропагира бојкот на Референдумот. Секако, на него може да се купат и аудио-книги на Александар Дугин. Порталот е мешавина од христијански содржини, кои најчесто се поставуваат во дневно-политички контекст, со што се манипулираат обичните, неинформирани верници. Секако, православната реторика и иконографија на порталот се само камуфлажа.“

Contra: И уште ќе пропагираме бојкот, сè додека не отпочне да се почитува волјата на мнозинството во Македонија воедно и не се оттргнат недемократските и тираниските обележја на системот.

Што се однесува за аудио-книгите, госпоѓо Колбе, бесплатни се, сте требале да штракнете само на иконата play и звукот автоматски, без да внесувате броеви од кредитните картички, ќе ви се појави. Се надевам не сте до толку!? А веднаш до аудио-книгата на Дугин, има објавено и аудио-книга и на Бжежински. Зошто нејзината не сте ја напоменале дека можела да се „купи“? (да помогнам, затоа што логички би се срушила пропагандната слика дека сме „руската врска“ на бојкотирачите)

Православната реторика и иконографијата не се камуфлажа, секако ова вие го напишавте за да нè прикажете како „злонамерни“ „манипулатори“. Камуфлажа госпоѓо Колбе е вашето презиме, а ние сите Гроздоберачи сме припадници на Православната вера, додека т.н. византиска иконографија ја сметаме за наше непроценливо богатство, и затоа со неа се „китиме“.

Но госпоѓата Колбе жолчно продолжува:

„Но, тие се и добра замка за неупатените православни христијани, некритички да ги „голтнат“ крајно реакционерните идеи, кои, всушност, противречат на христијанството. Имено, во историски и етнолошки текстови на тој портал се слави истовремено и „славјанството” и „античките Македонци”.“

Contra: Како успеавте да класифицирате од православните христијани – неупатени православни христијани? И која реакционерна идеја всушност пречела на Христијанството, а сме ја пропагирале ние? Госпоѓата Колбе очигледно во овој дел навлегла во некој свој орвелски авторитет, па се решила да пресудува кој е „неупатен христијанин“, кој упатен, и што ѝ противречи на Христијанството, чиниш била некој учесник на некој од Вселенските Собори.

Нормално е дека ќе ги славиме и Славјанството и Македонците од античкиот период, затоа што госпоѓо Колбе тоа го правеле и Ромеите и не случајно. Вие како упатен „познавач“ на христијанските прилики, би требало да знаете за уделот на Македонците од античкиот период во ширењето на Христијанството, а впрочем самиот простор кој го отворил Александар Трети, допридонел многу за продорот на нашата Вера. Меѓу славни „антички“ Македонци се вбројуваат и Св. апостол Лука, Аристарх, Секунд, Сосипат’р, Гај и многу други ревносни архипастири. За Аристарх од Солун и за Гај од Дервија децидно е наведено дека биле Македонци по род во Светите списи (Лука, Дела, 19). Сите тие се наши славни предци! Но можам да ви пишувам десетици страни за тоа, вас сепак не ви е битно, и сигурно нема да прочитате, затоа што сево ова е дел од една идеолошка и валкана војна.

Сепак госпоѓата Колбе си продолжува:

„Јазикот е чист маниризам, сличен на тоа што Адорно кај Хајдегер го нарекува „жаргон на своебитноста“. Знаци од глаголицата на веб-страницата се само декоративен прилог. Многу македонски изрази се појавуваат во граматички неточна форма, создадена по урнек на старословенскиот, но, и на рускиот. Овие нешта треба да сугерираат духовност и архаизам. Македонската нација, секако, се опишува како вековно постоечка – непрекинато од прапочетоците на светот. Сето тоа е во духот на фашистоидната компилација на филозофијата на Дугин, која се врзува за земјата, за територијата. Затоа овие македонски „Дугинисти“ сметаат дека имаат право во својата слика за идентитетот да бидат истовремено и Словени и антички Македонци – само заради територијата Македонија.“

Contra: Глаголицата за нас не претставува само декоративен прилог, туку и активно ја изучуваме. Лично, сметам дека современото македонско писмо треба да се реформира од кирилско во глаголично, заради, како што потенциравте, своебитноста – наспроти туѓобитноста. Додека рускиот е создаден по урнек на црковнословенскиот, кој пак е создаден врз основа на солунскиот, македонскиот говор, а не обратно како што тврди збунето госпоѓата Колбе!

Сите Гроздоберачи имаат своја филозофија, која меѓусебно се разликува во нијанси или суштински. Најголем дел од Гроздоберачите се или перипатетици или стоици по својата суштина, но поттик за нашите филозофски размислувања не се изворно поттикнати од самиот Дугин, односно госпоѓо Колбе, постоевме и творевме и пред Дугин да се појави на нашиот Полуостров. Точно е дека ние имаме допирни точки со идеите на Дугин, најверојатно затоа што и самиот доаѓа од земја и народ со православна, славјанска и антифашистичка традиција, но во геополитиката и гледиштата кон историјата, имаме суштински разлики и сите од Гроздоберачите го прифаќаат тој факт, кој воедно и се потврди, откако ја признаа „Република Северна Македонија“. Сходно на тоа, госпоѓо Колбе, не го прифаќаме поимот „македонски Дугинисти“. А лично себеси се сметам за македонски василеист!

Нашата слика за идентитетот истовремено е и словенска и македонска и заради културата, традицијата и генот, а не само заради територијата која ја населуваме. Тука ви се открива вашата фашизоидност, госпоѓо Колбе, затоа што директно ни го негирате меѓународно утврденото право на самоопределување!

Госпоѓата Колбе продолжува овојпат со бесмислици за Корибко:

„Освен тоа, на тој портал како клучно толкување против Договорот стои текстот на некој Андреј Корибко, руски аналитичар од Москва. Тој е советник во некој „Институт за стратегиски студии и предвидувања“ при „Рускиот универзитет за пријателство и мир меѓу народите“ во Москва. Но, тој е и новинар на рускиот пропагандистички новински портал „Sputnik international“, а и на други новински онлајн-портали, блиски на „Путиновата хибридна војна“ со информации. Тој самиот е автор на книга за „хибридната војна“. Ако го изгуглате неговото име, ќе сфатите дека тоа веќе подолго време се појавува во вести на десничарски, националистички и проруски портали во Македонија – најчесто со критика на решението на спорот за името со Грција.“

Contra: За госпоѓата Колбе, како да постојат само Германија, „славјано-фашистички непријатели“ и Т. Адорно. Имено тој „некој Андреј Корибко“ (во обид да се прикаже како небитен во текстот), е често присутен по медиумите во азиските земји, каде неговото мислење го ценат милијарди луѓе по светот. Пакистан, Кина, Индија, Русија, па дури и по земјите во Западна Европа. Се прашувам дали воопшто е замисливо на „мегдан“ да се ставаат анализите на Корибко и госпоѓата Колбе, на која писаниево и го имаат прочитано само 700-тина потсетители, а за содржината воопшто и да не зборувам? Всушност најголемата болка, која ја зададе Андреј Корибко, преку „Полигрозд“, е тоа што предвреме ја уништивме секоја недоумица околу штетноста на „историскиот“ договор од Нивици по македонските општи интереси. Од денот кога ја објавивме анализата на е-гласилото poligrozd.org, до денот на Септемврискиот референдум, имавме десетици илјади самоиницијативни споделувања по социјалните мрежи. За потсетители, бројка не кажувам оти ќе ја ставам во очај и депресија госпоѓата Колбе. А сето тоа се преточи и во резултатот на референдумот, кој не излезе по како што била уверена госпоѓата Колбе. Но таа победа во инфосферата, не ќе беше можна без тие самоиницијативни споделувања на Македонците и од другите народи и нации кои имаат здраворазумно размислување, низ целиот свет. Односно Македонците не ја прифатија анализата на А. Корибко затоа што Дугин, јас, или некој друг од кружокот ги натерал Македонците да ја прифатат, туку затоа што самите препознаа вистина во текстот. За разлика од вас госпоѓо Колбе, која упорно нè убедувате во вашите бесмислици, но и ние упорно не препознаваме вистина во вашите тврдења.

Госпоѓата Колбе против василеизмот за кој воопшто и незнае што е:

„И левите, и десните конзервативци ги обединува во таборот на „бојкотирачите“ нивниот национализам, нивната желба за еднонационална држава, нивните соништа дека може да се создаде православна алтернатива на западната демократија во вид на возобновување на Византија или на „василеизмот или василија“ (религиозна држава), нивното одбивање да ги прифатат правата на маргинализираните групи како што тие се пракса во ЕУ, нивниот антиглобализам, антиамериканизам, антилиберализам, како и критиката на капитализмот кај левичарите.“

Contra: Воопшто лично, не се сметам за конзервативец, бидејќи тоа е англиски идеолошки поим, кој бара задржување/успорување на модернизмот и „прогресот“, односно не ги негира нивните цели. Јас сметам дека има потреба од отфрлување на векторот на модернизмот во социјалната сфера кој води кон трансхуманизација, и видоизменување на поимот „прогрес“ како и враќањето на суштината на технологијата – да служи на човекот, а не против него!

За несреќа, по госпоѓата Колбе, точно имам прецизирано во книгата „Василија – архитема на новото општество“, напишана 2015 година, дека василеистичкото уредување на државата, нема да претставува теократско односно теократија, или „религиозна држава“ како што вели самата:

Агема нема да биде активен чинител на државната политика, освен во моменти кога ќе се создадат услови за вмешување, со тоа системот или поточно василеизмот нема да претставува теократија“ – извадок од книгата, стр. 155

А погоре на истата страна точно образложувам и сум подвлекол зошто државата не треба да се согледува како „религиозна творба“:

Спојот на државните установи со општоморална свесна и совесна контрола, е невозможен и непрактичен.“ – извадок од книгата, стр. 155

Самиот поим „василија“ е славјанизиран и е изведен од „василеја“, и тој не означува „религиозна држава“. „Добро упатената“ госпоѓа Колбе би требало да знае дека Византија поточно Ромеја, е создадена по урнек на македонската држава на Александар, но дискутабилно е и колку самата Византија претставувала „религиозна држава“, од причина што постоело сифонија на власта, односно василевсот ја претставувал секуларната власт во јавната сфера преку правото, додека патријархот бил определен за устројување во духовната сфера преку Црквата. Сè ми се чини дека иако сум творец на василеизмот, ќе дојдам во ситуација да испаднам незнаејќи самиот, дека не сум ти бил василеист!? Слично како што Маркс во Франција го убедувале во нешто друго за теориите на марксизмот, па во таа прилика иронично дал изјава дека во тој случај самиот не претставува марксист.

И точно, јас лично сонувам за преродба на Македонија и Македонскиот народ, воедно тоа го согледувам преку василеизмот, идеологија која претставува едно од решенијата, која се темели преку македонскиот историцизам, на македонската традиција и македонскиот политички Ум.

Мојата трага госпоѓо Колбе, нема да можете да ја избришете или маргинализирате, ниту пак да ѝ налепите некаква „руска“ и/или „злонамерна“ етикета, затоа што народот наш напатен, препознава независно размислување од зависно, и разбира што значи злонамерност и добронамерност! Иако книгата на волшебен и чудесен начин не е објавена до ден денес, како што книгата на Мисирков била саботирана во Софија, сепак идеите кога-тогаш ќе продрат во умовите на некои идни генерации, и многу побитно, ќе ги спроведат на дело! А од вас и вашето изглобализирано стадо, кое „знаењето“ го збира читајќи набрзина од Википедија, не очекувам воопшто разбирање.

А за „правата“ на „маргинализираните“ групи кои вршат социјален терор врз нормалното население, госпоѓо Колбе, подобар одговор зошто одбиваме да ги прифатиме, од оној на Љубодраг Симоновиќ – Дуци, скоро и да не постои:

„Каква е природата на „правата на хомосексуалците“ може да се види во однос кон остварувањето на правата на децата. Каква е таа „хуманост“ која се пресметува со основните потреби и права на децата? Наместо борба за зачувување на семејството и во тој контекст, борба за правото на децата да имаат два родитела и нивна љубов и грижа, се инсистира на „право на хомосексуалците да посвојуваат деца“. Истовремено, заедницата на децата со еднополови „родители“ станува пример за „семејство на иднината“.“ – извадок од книгата „Последна Револуција“.

Но госпоѓата Колбе продолжува:

„Бојкотот кај обичните луѓе, всушност, е реакција на нивниот страв и збрканост.“

Contra: Стравот очигледно, земено од денешен аспект бил оправдан, затоа што со променет Устав на недемократски начин, понижени и обесправени, воедно и потврдени од Руската Федерација, како „Северна Македонија“, од каде според вашите тези сме биле „поттикнувани“ и „насочувани“, како и кога да бојкотираме, и манипулирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори, без потврдени, а „ветените“ интеграции во ЕУ, а можеби и со блокирање на оние за во НАТО, мојот народ госпоѓо Колбе, е во супер очајна и безизлезна состојба, и сè погласни се гласините за формална или неформална поделба на територијата на државата, сега веќе нелегално и нелегитимно прекрстена како „Република Северна Македонија“.

Разделни зборови на госпоѓата Колбе:

„Договорот навистина беше политичкиот „лакмус тест“ за интелектуалците во Македонија.“

Pro: На крајот сепак се согласуваме во едно нешто, и сметам дека договорот од Нивици, и настаните потоа, направија најголема лустрација некогаш. Мојот интелект госпоѓо Колбе, благодарение на мојата пасија кон мојот народ, традиција, воопшто кон трагањето за Вистината (која постои и е една, но не е онаа „универзалната“ на протестантите и неолибералите, која очигледно сте ја прифатиле за своја и вие), го лустрирав на тој „лакмус-тест“ како пронароден/народен интелектуалец, и сум задоволен од тоа. Запрашајте се, по скоро една година од вашите пропагандни текстови, како што се лустриравте вие госпоѓо Колбе и пред кого? Дали воопшто ви е гајле за страдањата на народот од кој потекнувате? Или намерата само ви беше да се лустрирате како верен поданик пред вашите газди, кои се финансирани од официјалните германски институции? Каков е вашиот „интелектуален“ образ при ваква ваша лустрација, во која според теоријата на „омилениот“ ви Гумиљов испаѓате како „субпасионарен идиот“, земајќи си притоа за право од Германија, благодарение на и со германските јавни пари, да напаѓате студенти и мислители, широкопознати аналитичари и филозофи, кои имаат самоиницијативен човечки порив да го изобличуваат вашиот лажен поредок во кој нè сместивте и нас, и тоа како непостоечки/забранет народ? Зарем не сте баш вие пропагандист на фашизмот кој си ја објавил својата „вистина“ за „универзална“, и кој си зел за право да ја наметнува на сила врз целиот свет?

Авторот на текстот е Филип Наумов Радомиров дипломиран правник.