АЛБАНИЈА: БОЈКОТИРАНИ ИЗБОРИТЕ И ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

Пред два дена, минатата недела, се одржаа избори за албанската локална власт, кои иако беа спроведени во услови на политичка криза, со длабоки внатрешни поделби и со тензична атмосфера, сепак поминаа без посериозни инциденти. Според податоците на Централната изборна комисија (Komisioni Qendror i Zgjedhjeve), на овие избори излегле само 21% од гласачите, со што повикот за бојкот на овие избори од страна на опозицијата предводена од Демократската партија во Албанија (Partia Demokratike e Shqipërisë), практично е прифатен од повеќето гласачи.

Loader Loading…
EAD Logo Taking too long?

Reload Reload document
| Open Open in new tab

Преземи/Download [319.51 KB]

Времеплов за внатрешните поделби и кризи на политичкиот живот во Албанија

Сегашната крајна поделеност во албанското општество, не претставува новост за Албанија, и влече историски корени уште од времето кога настанува заминувањето на Рамиз Алија како водач на државата и кога започнува постдиктаторскиот период:

  • Во 1997-та, кратко по падот на Берлинскиот ѕид кога оваа држава и општество се обидуваат да го воведат пазарниот и приватниот модел за уредување и управување со општествениот капитал и општествената економија, се случува проневера со пирамидалните шеми, преку кои најголем број од жителите на Албанија, ги губат своите парични средства. Од тој момент, од месецот февруари 1997 година, настануваат секојдневни протести по улиците на градовите, а постепено овие протести прераснале во разни насилства од кои животите ги изгубиле илјадници луѓе. Овие настани, траеле некаде до крајот на летото истата година, но оставиле длабоки последици по стабилноста на државниот апарат и довербата од страна на жителите кон него, последици кои се отсликуваат до денес. Оваа криза во Албанија од 1997 година, освен транзициски карактер имала и етно-лингвистички и политичко-идеолошки позадини, односно тогаш на власт била партијата (Демократската партија) која традиционално се смета дека е поблиску до Гегите, населени на Северот од земјата, додека Социјалистичката партија (Partia Socialiste e Shqipërisë), која традиционално се смета за поблиску до Тоските, позиционирани во Јужна Албанија, тогаш ја обвинувала Демократската партија за измами и изборни нерегуларности. Имено на 1 март 1997 година, премиерот на Албанија дал оставка, додека на 2 март претседателот Сали Бериша објавил вонредна состојба. На 11 март се случиле избори во кои победиле од Социјалистичката партија, при што за премиер бил назначен Башким Фино, родум од Ѓирокастро, но тогаш ескалациите не престанале и овојпат избувнале во Северна Албанија, додека во Јужна Албанија власта изгубила секаква контрола, каде криминалните групации и бандите завладеале на теренот. Реката Шкумба се смета за граница на оваа внатрешна поделба помеѓу Тоските и Гегите. Во оваа полугодишна ескалација на состојбите во Албанија, биле спроведени и неколку странски и меѓународни операции за евакуација на странските државјани кои се наоѓале во тој момент на тлото на Р. Албанија. Преку Резолуцијата 1101 на СБ при ОН, се дало согласност да се испратат трупи од вкупно 7 000 лица со цел избегнување на можноста од граѓанска војна со дополнителна ескалација во соседните земји, како и можноста од појавата на масовните бегалски бранови кон Запад.
  • Во јануари 2011-та година, повторно Албанија западнала во политичка криза, каде се одржувале масовни демонстрации поттикнати од тогаш опозициските партии: Социјалистичката партија со Партијата на единство за човековите права/Κόμμα Ένωσης Ανθρωπίνων Δικαιωμάτων (претставниците на грчкото малцинство), а предводени од сегашниот премиер на Р. Албанија – Еди Рама, против Сали Бериша и тогаш владејачката Демократска партија. Како повод за протестите официјално се наведува корупцискиот скандал со видеото со Илир Мета (тогаш припадник на партијата Социјалистичко движење за интеграција/Lëvizja Socialiste për Integrim) и Дритан Прифти, кое било обзнането во јавноста, но во суштина вистинскиот повод претставувало нивното коалицирање со Демократите, додека кризата и протестите кои траеле некаде 18 месеци на крајот завршиле со оставка на Мета.

По политичката криза од 2011-та година, Сали Бериша бил наследен од Љуљзим Баша (од 2013-тата), кој од 2011-та година до 2015-тата бил градоначалник на главниот град Тирана и кој претставува предводник денес на опозицијата во Албанија.

Кризата по изборите (2019)

Најновата криза во Албанија, започна од февруари годинава, кога пратениците од Демократската партија го напуштиле парламентот, и започнале да одржуваат насилни протести против Еди Рама и владејачката партија. Опозицијата го обвинува Рама и неговото раководство за блиски врски со организираниот криминал и за манипулација со изборните резултати, но сите обвинувања наидуваат на негација од страна на Рама.

Претседателот на Р. Албанија, Илир Мета, се обиде да ги одложи изборите што се одржаа пред два дена, заради нестабилната состојба, но неуспешно, и под притисокот на Социјалистичката партија, изборите сепак се одржаа.

becd896947c69705645e7b22593191a9340e64bd

На протестите против премиерот на Албанија, на транспарентите Рама се прикажувал како чедо на комунистичките диктатори. Исто така се скандирале паролите „Не Гласај!“ и „Рама оди!“, а водачот на опозиционерите, Љуљзим Баша ги негира изборите одржани минатата недела во целост:

„Ова е еднопартиско гласање, контролирано од една партија. За нас, оваа гласање е нула“

Баша се смета за близок до Трамповата администрација и Републиканската партија во САД, додека Рама до Соросовата глобална мрежа.

Дополнителен проблем во оваа најнова криза во Албанија е и тоа што се спроведуваат темелните реформи за кои најмногу притискаат од ЕУ и од САД во правосудниот систем, со што е оневозможена работата на Уставниот суд, како краен легален одлучувач во земјава. Кризата и крајниот исход од неа, најверојатно ќе дадат оправдание за негативни одлуки на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите за влез и членство. Во ист „пакет“ за отпочнување на преговорите за влез во ЕУ со Р. Албанија е ставена и „Република Северна Македонија“.

Политичките кризи во Албанија често даваат негативни последици во регионот, а како добар пример е кризата од 1997-та година, со која хаосот предизвика излевање на државните средства за вооружување од магацините, во Космет (УЧК), предизвикувајќи вооружени судири со југословенската војска и со македонските одбранбени сили во 2001-та година.

Единствената македонска партија во Албанија, на овие избори настапи самостојно, со кандидатот за градоначалник Едмонд Темелко, за општината Пустец (но изгуби од противкандидатот на Социјалистичката партија, Пали Колевски). Дополнително учествуваа уште двајца кандидати за советници, Македонци по род, кандидирани од Партијата на зелените (Partia e Gjelbër) за општината Тирана, Илчо Костовски, и за општината Елбасан, Индрит Абдиај.