ТРУД И ДЕЈНОСТ

Криза на современиот труд

На почетокот на патот кон осознавањето на одговорите за големите вистини, често се наоѓаат баналните прашања. На патот кон осознавањето на одговорите за големите вистини, често одговорите се кријат во својата несокриеност, и претставуваат премногу очигледни. Потребно е само да се биде „буден“.

Зошто понеделникот наутро претставува најомразениот момент во неделата и во животите на многумина кои во тоа време се будат за да одат да работат? Со други зборови, зошто целокупното човештво на момент паѓа во депресивна состојба со самата помисла за работа?

Очигледно е дека станува збор за длабока криза која ја преживува модерниот човек, а причините за кризата во која се нашол се повеќеслојни и многубројни. Нејзините корени не се наоѓаат во „трудовите политики“, „синдикатите“, „пазарот на трудот“, „социјалната заштита“, затоа што баш сите овие поими се само нуспојава на болестите кои го зафатија современиот свет. А симптомите на тие болести се недостатокот на интересот за религијата и спиритуалноста, алчноста, глупоста, мрзеливоста, општо кажано насочувањето на вниманието и концентрацијата кон материјалните предмети од овој свет, односно лишување на секојдневицата од било каква длабока смисла и суштина. Современиот човек денес се наоѓа на многу висок степен на технолошкиот развој, неговиот надворешен напредок е очигледен, меѓутоа неговиот развој за осознавање, неговата култура за негување на духовните потенцијали, се уништени на уште повоочлив начин. На тој начин како последица се јавува нереализираната духовност, а таа е причината за губењето на смислата на животот. На човекот му е пресудено, без судење, краткиот животен век да го проведе во извршувањето на работните задачи и во спроведувањето на активностите кои немаат или имаат многу малку вистински творечки карактер, односно како што вели премудриот Давид Псалмопевец:

…дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и бол… (Пс. 89.10)

Животот станува бесмислен, затоа што дејност со цел остварување на внатрешните потенцијали, која е пропратена со напор, телесен и духовен, е претворена во дејност лишена од било каков сакрален карактер, односно дејноста е обесмислена и претворена во „работа“.

Работа и роб

Денот е претворен во механички проток на времето, со јасно одреден часовник кој како камшик напоменува кога треба да се изврши одредена задача, и тоа без можноста на спротивставување без последици на таквиот суров и бездушен поредок. Овие слики во сè потсетуваат на митолошката алегорија во која Крон, тој семоќен бог на времето, ги јаде своите деца. Невидливиот господар – „работното време“, претендира да стане еден од најголемите и најмоќните робовладетели во историјата на човештвото. Притоа, својата робовладетелска и тираниска суштина ја сокрива на многу вешт начин, давајќи му на човека привид за слобода со илузија во која плодовите на неговиот труд се кријат во материјалните награди. Привидот за слободата кој е даден на денешниот човек, на препреден начин ја сокрива робовската суштина на модерниот концепт за работа. Затоа што труд е „работа“ – збор со кој трудот се именува во многу славјански јазици, и кој недвосмислено ја открива нејзината природа. Коренот на секоја „работа“ е „раб“, односно роб, слуга, баш со онаа значење кое носела робовската положба во предисториските времиња и во традиционалните цивилизации. Во тие древни цивилизации работата ја одредувала положбата на робот, а не обратно.

Секоја работа која била лишена од било каков сакрален и свештен карактер, стоела наспроти „творењето“, односно секоја работа која за начело имала единствено материјален критериум, всушност, била обележје на робовската положба. Затоа работата можела да биде врзана само за робот, како еден вид казна, доколку земеме во обѕир дека за традиционалниот свет, секоја активност лишена од духовната слобода и творештвото била сметана за недостојна за човекот. Во таквите цивилизации секое занимање, односно секоја дејност претставувала свештена и света, и насочена кон одржување на сакралниот поредок кој постои помеѓу духовниот и материјалниот свет. Како реликт на едно такво подразбирање на занимавање на современиот човек, добил во свештеничкиот повик, меѓутоа тој повик денес е маргинализиран и одвоен од општествената реалност, баш како последица од безбожната секуларизација на општеството и сеопштата апостасија која го зафати современото човештво.

Сакрална дејност

Усмерувајќи ја сакралната дејност кон профан труд, човекот е како сурогат на занимавањето, кои некогаш биле блиско врзани за човековата личност и служеле како средство за остварување на неговото самоспознание – создавал професија, во модерното значење на тој збор. Тука треба да се има во предвид дека поимот занимање или занает во традицијата имал значење на „повик“, односно бил со изразен духовен карактер. Во традиционалниот поредок, претставувало незамислива можноста за промена на занимавањето, затоа што секој повик, или занимање, биле во склад со самата суштина на човекот, односно со духовниот поредок („rtha“, санскр.) кој одговарал на човековиот нарав, природа и со вештините кои тој ги поседувал. Традиционалниот човек бил уметник во традиционална смисла, затоа што помеѓу занаетот, занимавањето и сакралната наука која ги следела од една страна, и уметноста како изразена духовна вештина од друга страна, постоела силна врска која средновековните градители ја дефинирале со максимата – „arssinescientianihil“ (уметност без наука не постои!). Денес занаетот, односно дејноста, апсолутно е лишена од свештениот карактер и на бездушен начин претворена во профан труд олицетворен во „сериското производство“, кое е насочено кон квантитетот а не кон квалитетот.

Целта на современиот концепт на работа е да го сведе човекот на бројчана единица и со невидливи окови да ги заврзе неговите раце за машина во разни форми. Таков човек со текот на времето станува припадник на таа машина, истовремено останувајќи без никакви можности за создавање и индивидуална креација. Вака проектираниот начин на живот се остварува низ постоечкиот, современ концепт на професијата, занимавањето, работното место, работното време и сите оние поими кои се блиско поврзани за човековата секојдневна активност. Создаден е шаблон кој систематски го обликува човекот по мера на современата индустрија, во која човекот е сведен во мера на шраф во огромната конгломератна корпорација, економија и технолошкиот напредок. Почнувајќи од образованието, претворено во „систем“ кое одамна не е поттикнувачко, и кое одамна не служи за ослободување на интелектуалните и духовните потенцијали на човекот, па преку професијата, кои се логични продолжетоци на таквиот концепт на образование, се создава homofaber, на чиј секојдневното одлучување му е лишено од било каков онтолошки карактер.

мајсторот-копаничар Нестор Алексиев Мирчевски

Творам, значи постојам

Бесмислениот труд, ја истура човековата животна енергија и го гуши патот кон саморазвојот на личноста. Обредите и ритуалите кои се алфа и омега на секое дејствување, односно на сакралниот труд, заменети се со сурогати во вид на секојдневно механичко повторување на воспоставените образци и одлуки. Таквиот труд е лишен од било каква преобразувачка енергија и е неспособен да го култивира и одгледува човекот. На глобално ниво се создава, односно веќе живее, една своевидна каста „вајшија“ или како што тоа би се нарекло со модерниот социолошки речник, како класа на „прекаријатите“ (терминот „прекаријат“, е изведен од зборовите „précaire“ (несигурен) и „proletariat“) која е неспособна за било какво творење во вистинската смисла на зборот. Механизираниот човек стана роб на својата професија и на својот ден, затоа што неговото чинење не е насочено кон „внатре и горе“, кон создавање и кон „одржување на битието („Sein“)“, туку е насочено кон „надвор и долу“, кон извршување и завршување, односно одржување на минималната животна енергија. Човекот веќе не твори, човекот работи. Како што вели Бела Хамваш, таквиот човек, „го изгубил својот дух, ги изгубил своите идеи, ги изгубил боговите, ја изгубил радоста, среќата и сам се изгубил во работата, во надворешните предмети, во моќниот инстинкт за крадење на земјата, во експлоатацијата на природата“. Таквиот човек не е способен да твори. А само човекот кој е способен да твори, е способен да биде, способен е да постои.

Авторот на текстот е магистер на правни науки.