
Откако се открија наоѓалиштата со енергенсите (природен гас) околу морските ексклузивни економски зони на Кипар и државата „Израил“, спорот за границите, односно поделбите на ЕЕЗ помеѓу Турција и Кипар, а особено помеѓу Турција и Грција, постојано добива на интензитет. Овој спор за поделбата на источниот дел од Средоземното Море помеѓу државите на кои им следуваат (согласно според меѓународно утврдените рамки во Конвенцијата на ООН по морското право) ексклузивните економски зони (скратено ЕЕЗ), или зони кои се протегаат 370 километри (200 наутички милји) кон морето, но зони со помала државна јурисдикција врз нив, сепак во случајот стратегиски важни, е со мало внимание во нашата јавност и од страна на тукашните главни медиуми.
Битка за морските површини или само уште една битка за монопол на гасоводните рути?

Во и околу нашиот Полуостров и Блискиот Исток, веќе подолга низа на години, се одвиваат политички и социјални надворешно поттикнати потреси во државите кои би требале да имаат или веќе имаат контрола врз дел од гасоводните рути, и кои би односно веќе поминуваат низ истите тие држави. Борбата на Западот е да ја намали зависноста од Руската Федерација со енергенсите кои пристигнуваат на европскиот пазар, додека од руската страна, пак, борбата ѝ е да ја зголеми или одржи сегашната безбедна позиција околу количинското доставување на енергенсите во ЕУ:
- Првичниот обид претставуваше проектот „Набуко“, кој требаше преку Турција, Бугарија и Романија, да испорачува гас во ЕУ кој не би бил од руско потекло;
- вториот обид беше со случувањата во Украина и Евромајданските настани 2013-та година, кои преку влошувањето на руско-украинските односи, се доведе во ризик главната гасоводна артерија према ЕУ, која поминува низ територијата на Украина. А речиси во исто време, Руската Федерација како одговор објави изградба на дополнителна подводна гасоводна рута долж Балтичкото Море до Германија и нова подводна гасоводна рута долж Црното Море до Турција, проекти познати како „Nord Stream“ II, и „South/Turk Stream“, кои всушност ја заобиколуваат Украина, а го зголемуваат руското присуство во Германија, Турција и државите на нашиот Полуостров;
- третиот обид по Евромајдан претставуваше одбивањето на Бугарија, благодарение на притисокот од Брисел да учествува во проектот „South Stream“, и активирањето на т.н. Шарена „револуција“ во Македонија 2015-та година, веднаш откако се обзнани дека министрите за надворешни работи на Грција, Македонија и Србија заедно со премиерот на Унгарија и министерот за европски прашања на Турција потпишале Декларација, со цел изградба и воспоставување на важна рута низ земјите-потписнички на Декларацијата, на (сега наречен како) „TurkStream“ односно „Турски тек“, која првично (или „Јужниот тек“) требаше да минува само низ Бугарија и Србија од Црното Море;
- четвртиот обид претставуваше неуспешниот државен удар 2016-та година врз Реџеп Таип Ердоган, кој по тој настан, уште повеќе ја зголеми својата моќ во Турција, и кој стана близок со Руската Федерација. Но доколку Ердоган успешно се тргнеше од власта, тогаш проектот „TurkStream“ би бил стопиран, на сличен начин како што беше случајот со Македонија, и
- петтиот обид е најновиот проект кој ќе чини околу 6 милијарди евра, за изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен гасовод кој би требало да поминува од наоѓалиштата „Афродита“ на Кипар и „Левијатан“ на државата „Израил“ до Грција, со дополнителна подводна гасоводна рута долж Јонското Море сѐ до Италија, кој би ја обезбедувал ЕУ со поголема алтернативна достава на енергенси и со тоа би ја загрозил монополната позиција на рускиот гас врз европскиот пазар.

Но таквата состојба би ја нарушила и позицијата на „Турскиот тек“ во ЕУ, односно интересите кои се присутни во спорот за ЕЕЗ во источниот дел од Средоземното Море, преку државата „Израил“, Грција и Италија се отсликуваат и интересите на САД од една страна, и преку Турција се отсликуваат и интересите на Руската Федерација од друга страна, и затоа овој спор за ЕЕЗ претставува прашање од пошироко геостратешко значење, кое ќе има импликации и врз Македонија.
Турската мера за турскиот ЕЕЗ

Најверојатно од тие причини, Турција објави мапа на својата ексклузивна економска зона која се протега дури до островот Крит, а пред околу два месеци потпиша договор со меѓународно признаената Влада на Либија, со кој се определуваат турско-либиските морски зони како гранични, односно со тој договор Турција билатерално го пресекува источниот дел на Средоземното Море на два дела. Признаената Влада во Либија, пак, најверојатно се одлучила на ваков чекор, со цел за возврат да добие турска помош во нејзината внатрешна битка со другите фракции и политички фактори. Овој потег беше осуден од ЕУ, Грција, САД, државата „Израил“ како и од Египет – државата која има внатрешни проблеми со Муслиманското Братство, блиско со политиките и структурата на Ердоган.
Македонија – споредна во сите гасоводни проекти поттикнати од Западот и Русија
Иако Македонија по одбивањето на Бугарија за „Јужниот тек“, се предвидуваше како земја низ која требаше да поминува главната гасоводна рута, сепак доби само споредна улога. И со подводниот гасовод кој треба да поминува долж источниот дел од Средоземното Море, доколку се оствари, Македонија ќе биде заобиколена и единствено може да добие спореден гасоводен крак за потребите на домашниот пазар. Останува како главна нашата земја, предвидена во кинеските проекти за брзата пруга Пиреја-Будимпешта, и за мега-проектот кој би овозможил пловна Вардарско-Моравска Долина. Тие проекти всушност ја определуваат суперсилната Кина како можен голем геостратешки сојузник и партнер на Македонија, и уште поважно, на Македонскиот народ.