
ПОВЕЌЕ ЗА САД – ПОВЕЌЕ ЗА ФРАНЦИЈА
Деновиве, во „израилската“ и либанската јавност, се објави воедно и се разви дебатата околу можниот договор за разграничувањето (демаркацијата) на спорната поморска граница помеѓу државата „Израил“ и Либан.
Веднаш ова наиде кај јавностите од двете страни на критика, како и на негодувањето од опозиционите политички фактори, обвинувајќи за притисокот овој договор да биде склучен што е можно побргу, од страната на САД, а тука е исто така и интересот на земјите-членки на ЕУ, во прв ред интересот на Француската Република во Либан.
Интересите на ЕУ, државата „Израил“ и САД, од овој билатерален демаркационен договор, се состојат во олеснувањето на патот кон остварувањето на планот за изградбата на најдолгиот подводен цевковод (EastMed pipeline) во светот, кој треба да се протега од ексклузивните економски зони (ЕЕЗ) во Источното Средоземје на државата „Израил“, Кипар и Египет, низ Грција, па сѐ до Италија (ЕУ), т.е. од наоѓалиштата на енергенсите „Левијатан“ и „Афродита“, па до крајниот потрошувач – европскиот пазар.
Попрецизно, се планираат, грчката компанија „Energean“ и француската компанија „TotalEnergies“, да вршат експлоатација во спорните зони, едната во ЕЕЗ на државата „Израил“, во наоѓалиштето „Кариш“, како што и претходно е договорено помеѓу грчката компанија и „израилското“ министерство, другата пак во наоѓалиштето „Кана“, кое во најголем дел се наоѓа во ЕЕЗ на Либан. На долг рок интересот пак на САД и ЕУ во целина, се состои во намалувањето на зависноста на енергенсите од Руската Федерација, со која се наоѓаат денес на работ на официјалната војна, покрај овогодинешните случувања во Украина.
Проблемот за овој договор претставува тоа што Либан и државата „Израил“, не одржуваат меѓусебни дипломатски односи, односно и ден денес се наоѓаат во вид воена состојба, а разговорите секогаш се водат под меѓународно посредство и ООН. Согласно со тоа, се поставува прашањето како е можно било какво договарање и спроведување на договореното помеѓу овие две спротивставени страни, односно без меѓусебната претходна нормализација на односите, единствено доколку не станува збор за исклучок, и за суштински договор од мултилатерален и глобален интерес. Тоа во пракса би значело освен странскиот притисок да се склучи овој договор, и странски гаранции како и удели во неговото спроведување.
Друг проблем, за понатамошните фази кои ќе произлезат по овој договор, доколку тој биде склучен и спроведуван, е и турската мера за турската ЕЕЗ во Источното Средоземје, односно демаркациониот спор за ексклузивните економски зони, во прв план помеѓу Турција и Грција, а пак во втор план помеѓу Египет, Либија, Кипар, Турција и Грција сите заедно.
Премиерот и министерот за одбрана на државата „Израил“, Јаир Лапид и Бени Ганц, веќе се имаат согласено за предлог-текстот од договорот, кој бил доставен од американскиот посредник со еврејското потекло и експертот за енергетската безбедност, Амос Хохштајн, додека се чекаат одговорот и забелешките од либанската страна. Кон ова, силна реакција била изразена од бившиот премиер на државата „Израил“, Бенџамин Нетанјаху, и сегашен главен политички опозиционер, упатувајќи дека со овој договор се отстапуваат суверените права и националните ресурси на непријателската земја, додека властите возвратиле дека 10 години Нетанјаху не сторил ништо по ова очигледно важно прашање.

Делови од договорот кои протекоа како информации во јавноста, упатуваат дека наоѓалиштето „Кана“ ќе биде целосно доделено на Либан, додека безбедносно-стратешки важните 5 километри од близината на брегот, поточно од близината на градот Ен-Накура кој се наоѓа на либанската територија, па кон морската длабочина, ќе припаднат на државата „Израил“. Токму во овој град се очекува да биде местото на церемонијалното потпишување на договорот.
Премиерот на Либан, Наџиб Микати, за „L’Orient-Le Jour“, изјавил дека постои позитивна клима да биде прифатен предлог-текстот од 10-те страни за договорот, и дека можно е претседателот на Либан, Мишел Аун, да го потпише до крајот на месецов, односно при крајот на истекот на неговиот претседателски мандат.