Ознака: playing

Read More

ЗА ПОГУБНОТО ПОДИГРУВАЊЕ СО НАРОДНИТЕ СВЕТИЊИ

„Направи плочка од чисто злато и на неа изрежи како на печат‚ Светиња Господова“ (Излез. 28, 36) – му беше заповедано на светиот пророк Мојсеј, кога ја градеше Скинијата Божја. Светиња за еден народ се мирот и слободата, кои преку личните стремежи и напори на неговите најголеми синови и ќерки, со многу жртви и откажувања се достигнати. Затоа во Библијата е речено:

„Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија, прашај ги татко си и старците свои и тие ќе ти раскажат… не биди сој безрасуден, народ без ум и паметење“ (Повторени закони, глава 32).

Тешко на оној народ што со почит не се сеќава и кој правилно не ги вреднува своите најголеми светињи. Таквиот народ си ја сече гранката на која седи и длабоко во земја си го затрупува кладенецот, од кој, со возвишени идеали, ја гаснеле жедта неговите предци. Таквиот сој е безрасуден и безумен и во своето лудило се нуди себеси како лесна стрвина за гладните грабливци. Има патишта што на човека му изгледаат дека се исправни, но крајот нивни води во бездна и смрт.

„Во цврстиот народ е величието на царот, а кога народот исчезнува, пропаст е за господарот… Правдата народот го подига, а беззаконието цели народи срамоти“ (Изреки, глава 14).

Со јад и чемер во душата се прашуваме: Има ли крај на ова „лудило“, кое како сенка од темен облак се надвишува врз македонското небо? До каде мракот ќе ги распостели своите недофатливи контури? Оној што на гревот свесно му се подава, до бескрај ќе остане негов вечен заробеник! Тоа е основното духовно правило…