Многумина мудри луѓе, мислители и Старци, водејќи се по есхатолошката логика, православното познавање и Вера, упатуваат на Знаците кои се присутни во нашата доба и кои говорат дека се ближи Крајот на светот, односно последните времиња. Сходно на таквите толкувања, многу е логичен и добронамерен јавниот повик од овие мудри луѓе, кон човештвото кое е сериозно загрижено за случувањата во светот, да ги усмерат силите на духовниот терен, оти главната битка во моментов се случува баш на тоа поле. Но, исто така, неретко овие мудри луѓе упатуваат кон човештвото и да ги остават световните работи, или оние работи кои се под кнезот на светот – работи кои се создадени од него и работи кои се играат по неговите правила, односно луѓето да не се обидуваат и да не вложуваат многу труд, нешто на добро да променат во политиката, „бидејќи Крајот е близу“. Јас се сложувам во најголем дел со изјавите на овие мудри и просветени луѓе, на кои им се радувам кога моето уво ги слуша, и навистина Знаците кои укажуваат дека Крајот е близу постојат и се видливи! Но благодарение на Светите Списи, познато ми е и дека не е на нас (луѓето) да знаеме кога точно ќе биде Крајот на светот, затоа што тие работи и пресметки не се водат по човечката логика, ниту пак по човечката волја – човечкиот ум не може да ги сфати ниту поима нив!
