Многумина мудри луѓе, мислители и Старци, водејќи се по есхатолошката логика, православното познавање и Вера, упатуваат на Знаците кои се присутни во нашата доба и кои говорат дека се ближи Крајот на светот, односно последните времиња. Сходно на таквите толкувања, многу е логичен и добронамерен јавниот повик од овие мудри луѓе, кон човештвото кое е сериозно загрижено за случувањата во светот, да ги усмерат силите на духовниот терен, оти главната битка во моментов се случува баш на тоа поле. Но, исто така, неретко овие мудри луѓе упатуваат кон човештвото и да ги остават световните работи, или оние работи кои се под кнезот на светот – работи кои се создадени од него и работи кои се играат по неговите правила, односно луѓето да не се обидуваат и да не вложуваат многу труд, нешто на добро да променат во политиката, „бидејќи Крајот е близу“. Јас се сложувам во најголем дел со изјавите на овие мудри и просветени луѓе, на кои им се радувам кога моето уво ги слуша, и навистина Знаците кои укажуваат дека Крајот е близу постојат и се видливи! Но благодарение на Светите Списи, познато ми е и дека не е на нас (луѓето) да знаеме кога точно ќе биде Крајот на светот, затоа што тие работи и пресметки не се водат по човечката логика, ниту пак по човечката волја – човечкиот ум не може да ги сфати ниту поима нив!
„А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец“ (Матеј 24:36)
Односно Знаците постоеја и во Римската Империја, пред и по нејзиниот распад, и тие можеби беа и повпечатливи од сегашниве, каде во гладијаторските арени се фрлаа луѓе пред ѕверовите крваво да бидат расчеречени пред неколку илјадната публика во екстаза, како казна само затоа што исповедале вера во Христа, каде се одржувале јавни манифестации и фестивали со оргии полни со разни сексуални перверзни настраности, и каде паганството и филозофијата на Епикур и Демокрит наишле на плодна почва… Несомнено е дека сето тоа се отсликува и денес, преку фудбалските стадиони и олимписките игри, преку ЛГБТ+ јавните парадирања, преку современите ереси во Црквата (кои добар дел од нив беа згаснати по Седмиот Вселенски Собор), како и преку современата апостасија и ругањето со Светињите… И иако можеби совремието од стариот период носи далеку поголема тежина, од причина што денес ни се заканува и трансхуманизација на човештвото, сепак и во старото време луѓето појавите тогаш ги протолкувале како „Крајот на светот“. Но дали денес ние сме при Крајот на светот, или можеби сè уште не, никој со сигурност не знае! Затоа јас велам дека треба главните сили да ни се распоредени на духовното бојно поле – таа Битка е вечна и величествена! Но исто така треба да полагаме сили и во обидот да ги промениме тенденциите во световната политика, од причина што не знаеме дали е Крајот, или сепак е само крај на еден светски поредок, кој треба да отстапи место на некој друг, а и многу полесно ќе беше доколку политиката денес навистина го имаше своето значење, и беше водена од луѓе-аристои и луѓе-политес (односно да не беше водена од луѓе-идиоти кои политиката ја согледуваа(т) само како бизнис за личен интерес и профит). Многу е важно за однапред какви и со кои карти на почетокот ќе навлеземе како народ во надоаѓачкиот светски поредок! Мора да постои борба и во физичкиот свет за место во иднината! (Секако, доколку навистина не е Крајот?)
Што претставува Логосот на Дионис ?
Накратко, досега од врвни психолози, социолози, уметници и филозофи, забележано е дека постојат вкупно три (еден вид) општи обрасци по кои делува човекот, односно тие обрасци влијаат на човековиот ум некогаш приметно во свеста, а многу повеќе неприметно, односно под свеста. Тие три обрасци, современата наука ги нарекува како: Логос на Аполон (или машки тип); Логос на Кибела (или женски тип) и Логос на Дионис (или своевиден тип помеѓу првонаведените две, односно избалансиран и драматичен тип).

Првите два Логоса, Аполон (Таткото) и Кибела (Мајката), се спротивставени и водат меѓусебна битка, најмногу за освојување на влијанието врз надоаѓачкиот Логос на Дионис (Синот), кој се појавува како надмоќен и торжествен во оној момент кога војната ја поминува својата кулминација и доживува климакс. Првите два Логоса се крајно различни умствени обрасци: едниот е со соларен симбол, другиот е со хтонични симбол(и); едниот се ослонува на едно гледиште за текот на животот како небо-земја-небо, другиот на друго гледиште за текот на животот како подземно-земја-подземно; едниот познава хиерархија, другиот не; едниот времето го смета циклично, другиот линеарно; едниот е рационален, а другиот емоционален, мистериозен… За пример, општествата кои биле озарени од Логосот на Аполон, биле претежно сточарски и номадски, жената се согледувала како нерационална и станувало збор за ексклузивно машки клуб во свештеничкиот и управувачкиот сталеж; за разлика, општествата кои биле озарени од Логосот на Кибела, биле претежно земјоделски и високо урбанизирани, додека жената била главниот свештеник, а мажот, односно таткото, не се знаел или важел за небитен. Таткото, односно мажот се согледувал во ваквите општества како змија, која излегувала од земјата да оплоди и се враќала назад, односно змијата се согледувала како позитивно и значајно суштество.
Напластени култури кои биле под влијание на двата крајно спротивставени Логоса, и со текот на историјата се помешале, постојат кај секој еден индоевропски народ: т.н. Палеоевропска цивилизација (која средишното место го имала на нашиот Полуостров и Анадолија) се смета дека претставувала матријархална цивилизација, односно под огромно влијание на Логосот на Кибела; додека на Север и Исток, постоеле номадски и сточарски општества кои биле под огромно влијание на Логосот на Аполон или патријархална цивилизација. Според тезата на Марија Гимбутас, номадско-сточарските племиња во еден период навлегле (во повеќе бранови) во просторот на цивилизацијата на Големата Мајка и ја уништиле т.е. покориле. За пример, Македонскиот народ, најверојатно како последица од овие прастари процеси, името го стекнал како остаток од Палеоевропската цивилизација, по (или во чест на) Големата Мајка, додека соларниот симбол (Сонцето) го добил како остаток од патријархалната цивилизација, во чест на Аполон (т.е. Таткото), која ја покорила претходната и создала нова.
Основните особености на Логосот на Дионис се: појава или раѓање на нов (револуционерен) тип на Логос, размислување и цивилизација; претставува Светлина во мракот, односно е во пеколот, но не претставува самиот пекол (А. Дугин); делува надвор од Законот, го крши Законот, умира, па воскреснува и завладува заедно со Таткото.
Двојникот или симулацијата на Дионис

Но, бидејќи вистинскиот Логос на Дионис претставува нејасно дефиниран за лесно препознавање, односно тежнее кон балансирање помеѓу другите два јасно дефинирани Логоса, неговото место, благодарение на семантичката војна, знае да го зазеде на одреден момент црниот двојник на (Дио)нис – (Ад)онис, или уште попознат во Христијанската цивилизација како Луцифер (лажна светлина, лажно спознание, лажен спас). Двојникот, кој е присутен како сенка, во обид да постане Логос ги симулира дел од особеностите на Дионис во пракса но во обратна смисла. Мотивот ја менува смислата и суштината на сè! На пример, имаме симулација на црква, симулација на вера, симулација на свештенство, симулација на брак, симулација на љубов, симулација на хуманост, на мудрост, компјутерска симулација на човек, симулација на војна, на политичари, на лидери, на држава, на економија, на револуции итн.
Како се симулираше Дионис во современите македонски услови ?
Претпоставувам, откако ќе стигнат читателите на статијата дотука, многу лесно ќе разберат каде точно имаше и има манифестација на двојникот на Дионис во македонските работи. Класичен пример претставуваше т.н. Шарена револуција, еве и зошто: некој почувствува дека се исполнети условите Законот да биде скршен, односно постоеше Закон без суштина, или хипокризија на моралот во општеството, и со пари од странски фондови се покренаа масовни акции и протести (посредно раѓање), со проповеди под лажен мотив полни со (лажно) спознание под слоганот „Нема правда – нема мир“. Се понуди (лажен) спас во ликот на т.н. Специјално Јавно Обвинителство (нов бунтовен, револуционерен тип на размислување), го скршија Законот, се смени името и ликот на државата и „револуцијата“ едноставно умре, притоа без да воведе баланс во хаосот, туку напротив го зголеми – тука се навраќаме на горниот дел од статијата, на образецот според Логосот на Кибела, односно Шарената „револуција“ од подземјето се стори и во подземјето се врати! Луѓето кои се наоѓаа(т) во пеколот видоа во неа светлина, но тоа било лажна, симулирана светлина во пеколот, односно Луцифер е и самиот пекол! А воскресение не може да има затоа што нема дух, односно материјата самата по себе не воскреснува!
Сега се насетува повторно истата шема, овој пат со т.н. трети/нови партии, трета/нова опција, трет/нов блок… Дополнително годинава се појави и филмот „Џокер“ кој доби невообичаена популарност, каде класично се прикажува/популаризира/оправдува симулацијата на Логосот на Дионис во општеството и револуцијата, филм кој најверојатно е посебно наменет да воспостави и наметне слично размислување кај iPhone-генерации (зап. социолошки термин) дека така треба, односно да поттикне желба за водство кај онаа категорија на млади луѓе која е апсолутно некомпетентна и неталентирана за тоа, и во иднина тие да го кршат Законот, да убиваат/измачуваат луѓе и да креваат „револуции“ кои се јавно или тајно поддржани од „граѓанскиот сектор“, без јасна слика од самите нив за тоа кои се всушност проблемите и како треба тие да се решат – што се вели од криминал без причина во општеството, стасавме до револуции без причина! (Предусловите за револуции на домашно и светско ниво се постигнати, но на современите „револуционери“, односно оние кои се поттикнати за нивниот бунт од страни фактори и за други цели, не сосем им се јасни причините за револуцијата, туку само користат пароли.)
Овие актуелни работи кај нас и во светот, би требало да нè упатат на предупредувачкиот факт кој говори само колку добро е проучуван и разбран следствено на тоа и лесно манипулативен човековиот ум!
Авторот на текстот е дипломиран правник.