Историографски значај
Овој православен и македонски светец е роден во 840 година по Христа, без познато место на раѓање, ниту познато семејно потекло. Таквата оставена мистериозност за потеклото на овој свет човек, може да се согледа дека е од намерни причини, каде мотивот за таа намера можеме да го откриеме следејќи го климентовиот поглед и сфаќања за светот, во кои славата, потеклото и сите останати овоземни и плотски искушенија се оставаат преку воздржание настрана како небитни, оставајќи простор за страственост само за онаа Слава за која зборува Христијанската вера. Таа оставена историографска мистериозност околу потеклото на Св. Климент, дава можност денес за манипулација на историските периоди, од страна на разни институционални умови кои сонуваат за некакви национално-романтични идеи, заборавајќи за суштината. Но тоа е нивен пад во искушението, од кој и невините мораат да трпат од штетите сторени од поделбите и создаденото чувство на меѓунационална нетрпеливост.
Како следбеник на светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент учествувал и имал удел во т.н. Моравска мисија – светителска мисија која се случувала на тлото на денешна Чешка, Словачка и други околни региони во Средна Европа во втората половина од IX век. Оваа мисија била поттикната од барањето за помош на самиот моравски кнез Ростислав испратено до ромејскиот василевс Михаил Трети, со цел да се избегне латинизацијата и германизацијата во тој реон. Од ромејскиот василевс биле испратени светите браќа Кирил и Методиј во Моравија, каде таму отвориле многу школи со кои се ширела Христовата вера преку словенскиот јазик и писменост создадени врз основа на македонскиот солунски говор. Но по смртта на Св. Кирил, а потоа и на Св. Методиј во 885 година, настанал прогон врз нивните ученици од Моравија, каде со прогонот всушност се ставило и крај на оваа мисија. Меѓу прогонетите и едни од малку преживеаните се наоѓал Св. Климент и Св. Наум, подоцна учители кои ке ја продолжат кирилометодиевата традиција на нашиот Полуостров.
„Светите книги за таквите пеат пофално зборувајќи: Ќе се изнајде премудроста на древните, поживејте во пророштвата, сочувајте ги повестите на знаменитите мажи и излезете во симболите на приказните, послужете меѓу големците и јавете се пред игумените, минете преку земјите на туѓите народи, и доброто и злото во луѓето ќе биде искушано низ вас…” извадок од Похвалното слово во спомен на светите и преславни учители Кирил и Методиј.
Година по смртта на Св. Методиј, во 886 година, Св. Климент со помош на бугарскиот цар доаѓа во областа Кутмичевица (денешна Југозападна Македонија и Југоисточна Албанија), каде ја втемелува славната Охридска книжевна школа. Денес се претпоставува дека објектите на таа школа се наоѓале во месноста Имарет. Во оваа школа како особеност ке претставува зачувувањето на кирилометодиевската традиција, додека употребата на кирилицата ке се јави во општа употреба неколку века подоцна, дури по XII век. Освен педагошката и преведувачката дејност на првоучителите од Охридската книжевна школа, важна улога Св. Наум и Св. Климент ке имаат и во втемелувањето на Македонската Православна Црква. Св. Климент ке биде назначен како Прв Словенски односно Епископ Велички, и истиот светител денес се смета како основоположник на Охридската Архиепископија, заштитник на градот Охрид и Македонија, почитуван низ сиот словенски свет, а особено во Бугарија и Србија. Многу веројатно е дека седиштата на Св. Климент, да претставувале повеќе на број, односно имало неколку центри од каде се спроведувала сета просветителска дејност. Струшкиот реон е особено богат со топоними, цркви и преданија поврзани од овој историски период, а постои и теорија за главното седиште на Св. Климент дека се наоѓало во Горна Белица. Од апокрифот за житието на Св. Климент, наоѓаме податоци дека главни центри претставувале Кефалинија односно Главиница (Јужна Албанија) и Охрид.
Езотериски значај
Се претпоставува дека името Климент, е земено од страна на нашиот светец, од Св. Климент кој бил епископ Римски, светец кој живеел и бил современик од Апостолската ера, близок со апостолот Петар. Моштите на Св. Климент Римски биле пронајдени и однесени во Рим од страна на светите браќа Кирил и Методиј, дополнително ставајќи на значај, на оваа нивна посета во Рим, настани од каде словенската богослужба односно литургијата на словенскиот црковен јазик базиран врз солунскиот говор добивал меѓународно признание. Од денешна гледна точка, настаните со чудесното откривање на моштите на Св. Климент Римски, нивниот пренос во Рим и признанието на црковнословенскиот јазик, како и земањето како свештеничко име од страна на најмудриот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, не може да претставува случајност, затоа што животот на Св. Климент Римски, како и животот на Св. Климент Охридски, исто така е исполнет со многу просветителски и проповеднички дејности.
По прогонот од Моравија, областа која била предадена на Св. Климент, за дејствување, исто така не може да претставува случајност. Областа Кутмичевица и Велика, е област во која од географски поглед од тој историски период е реон со незнајни точно утврдени граници. Познати се само градовите Охрид, Девол и Главиница, како градови кои влегувале во состав на таа област. Охрид и околината околу Охридското Езеро, е област која уште од раноантичките, доцноантичките и ранохристијанските периоди, е богат со разни прикази како значаен реон. Се претпоставува дека основач на градот Охрид (Лихнидон) е Кадмо, прастар митски јунак кој го убил змевот. Градот Лихнид подоцна служел како база за заштита на западните граници на македонската држава под водство на старите василевси, почнувајќи од Филип Втори, а во време на римско-македонските војни истиот град бил база за римските легии. Од најраните христијански периоди, Св. апостол Павле, поминувал и се подвизувал во овие краишта, пренесувајќи го Словото, дури и првите христијански цркви на овој наш Полуостров, се изградени токму тука. Ваквиот дијалектички редослед несомнено го прави охридскиот крај мистичен бисер во многудимензионална смисла.
Јазикот и писмото, се основните елементи за остварување на општа комуникација, елементи кои се изучуваат од страна на комуникологијата денес како наука. Кога се посакува да се пренесе некоја информација или порака, од една личност кон друга, испраќачот на пораката мора нејзе првин да ја кодира во јазик, или писмо. Примачот на таа порака, мора да го препознава тој код, односно јазик или писмо, со цел да може да ја декодира и да ја разбере суштината и смислата на пренесената порака. Овој процес укажува за значајот на јазикот и писмото, и упатува кон тоа дека овие елементи на комуникација, претставуваат длабоко интимни чувства кај одредена личност. Односно ние и внатре во себе можеме да разговараме, разговор или комуникација позната во науката како интраперсонална. Таа длабока интима кај човекот со кој истиот се служи со одреден јазик или писмо за да оствари комуникација, може да предизвикува и чувство за припадност кон одредена групација или колектив, односно некоја личност ке се чувствува за припадник или блиска на одреден колектив, доколку се разбира со тој колектив на јазик и писмо кои нему му се познати. Затоа јазикот и писмото, уште од времето на Филип Втори, имале сериозно државно и институционално внимание како работи од стратегиски значај. Пример во државата на Филип а подоцна и на Александар и сите негови Дијадоси, Коине или Општиот јазик бил прогласен за административен јазик.
Продолжувањето на кирилометодиевата традиција, на црковнословенскиот јазик со глаголско писмо, на тлото на Македонија, од страна на Климентовата школа, на нашиот народ дало можност за духовно устројување и ширење на Христовата вера, независно од ромејската (византиската) волја. Односно сме стекнале духовна и културна независност, елементи кои се важни за одржување или стекнување на политичката и економската независност на одреден народ. Од изворите дознаваме дека над 3500 ученици произлегле од Охридската школа, ученици кои подоцна станувале млад кадар кој вршел просвештение меѓу Македонскиот народ, додека трудот кој го вложувале за духовното устројување на запуштеното население Св. Климент и Св. Наум, преку Охридската Архиепископија, дало подоцна богати плодови во делот на меѓучовечките односи и нивна материјална благосостојба.
Многу кратко, сите услови кои се благодарение од трудот на Св. Наум и Св. Климент, како и од трудот на мнозина нивни ученици, дале и резултат во полето на политичката и државничката независност. Односно духовното и културното осамостојување, прераснало во создавањето на Самуиловото Царство, држава која од Ромејското Царство по нејзино уредување не се разликувала по ништо друго, освен по јазикот и писмото. Тој жесток и масовен конфликт тогаш помеѓу државата која за општа употреба го користела коине јазикот и алфабетот за писмо и државата која за општа употреба го користела црковнословенскиот јазик и глаголицата за писмо, е всушност стариот извор и корен на крвната одмазда и политичката нетрпеливост кои денес се отсликани помеѓу грчката и македонската нација.
За тоа колку била значајна и потребна на македонското население, Охридската Архиепископија, како сопствена Црква и црквена администрација, најдобро говори текстот на песната која ги опишува настаните поврзани околу нејзиното подоцнежно укинување, од страна на Султанот и ставањето на епархиите под управа на Цариградската Патријаршија:
„Грцкиј патрик ќе ни строши, славна Охридска Столица
и мене до смрт ќе држи в заточение
Еј! В заточение.
Ќе прати владици Грци, лицем светци срцем в’лци
ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв.
Еј! Ќе молзат до крв.
Меѓу народа ќе сејат, несогласје и раздори,
да се мразат син со татка и со брата брат.
Еј! И со брата брат.
И ќе викнете до Бога, и крило не ќе најдете,
смирени ќе наведете глави доземи.
Еј! Глави до земи.
Ќе ми бидете сираци, така било написано.
Елате ми да ве гушна за последен п’т.
Еј! За последен пат…”
извадок од Песна за Патрикот, 1762-ро лето.
Тој говор од текстот на песната, јасно укажува за важноста и улогата на сопствената црква, во делот на нашиот внатрешен, меѓусемеен и меѓуопштествен мир и благосостојба, работи кои ние како припадници на овој народ во најголем дел денес ги немаме. Затоа е потребно посебно внимание од страна на верничкиот дел од населението, државата и општеството, а посебно свештеничкиот дел, или оние кои ја претставуваат нашата обновена Охридска Архиепископија како Македонска Православна Црква, страствено да ја чуваат нејзината суштина, а преку неа ревносно да служат на Православната Вера и да го шират Евангелието, кое во голем дел е заборавено и занемарено, со цел да можеме успешно да се одбраниме и штитиме од напакостите опишани во песната по укинувањето на Охридската Архиепископија како автокефална црква во 1767 година, и кои истите драстично ги воочуваме и во современото време. Нека ни е вечна нашата Црква свјати Климентова! Нека се вечни споменот, празникот и славата во чест на нашиот архипастир Св. Климент Охридски!
Авторот на текстот е Филип Н. Радомиров – дипломиран правник.