ПРОЛЕГОМЕНА ВО ПОСТАВУВАЊЕТО И КОНСТРУКЦИЈАТА НА НАУЧНИОТ ПРОБЛЕМ КОЈ СЕ ОДНЕСУВА НА ВТЕМЕЛУВАЊЕТО НА СОЦИОЛОГИЈАТА НА БЕЗБЕДНОСТА
Како и кај секое научно творештво, така и кај облиците на творештво од научното поле на општествените науки и конкретно, од научната област на безбедносните и социолошките науки, суштински елемент претставува создавањето на нови научни вредности. За да се создаде нова научна вредност потребно е да се постави и реши одреден научен проблем со што ќе се придонесе и кон развојот на научното сознание. Конкретно, примарна цел на овој труд не е создавање нова научна вредност (истата би била само евентуално поволен научно-теориски исход), туку поставување на научниот проблем кој се однесува на утврдената релација помеѓу општеството и безбедноста, од кој проблем и се разви научно-истражувачкиот процес на утврдување на теоретски основи за една социолошко-теориска анализа на безбедноста, односно се разви идејата за втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина во системот на општествени науки (конкретно, во Република Македонија). Фактички, наведеното претставува почеток на еден научно-истражувачки процес на утврдување на теоретски основи кои ќе овозможат понатамошно утврдување и на предмет, систем на методи, фонд на научни знаења (теорија), категоријален апарат, а и филозофски претпоставки на оваа концепција (за создавање на нова научна дисциплина).
Имено, проблемот за кој сметам дека е научен, а кој се однесува на релацијата помеѓу општеството и безбедноста го изведов откако ја проучив (за мене) достапната литература во која се изнесени резултати од одредени теориски истражувања кои се однесуваат на врската помеѓу одредени општествени појави и безбедноста како посебна општествена појава, при што утврдив празнина во теориското знаење за тој сегмент од општествено-безбедносната стварност, односно немање доволно теориски информации (меѓу другото, и во облик на клучни теориски категории) кои во облик на теориски основи би овозможиле покоректно научно осветлување на влијанието кое елементите на општеството го имаат врз безбедноста, како и обратно, влијанието на безбедноста врз истите. Наведеново не треба да се разбере како тврдење дека досега не се доволно истражени одредени релации помеѓу одредени општествени појави и безбедноста како посебна општествена појава, туку како утврдена научна потреба од теориско објаснување на фактите за релацијата помеѓу општеството и безбедноста (на општо теориско ниво), која релација содржински е одредена со нивното меѓусебно влијание. Значи, суштината, односно една од клучните точки на проблемот на релацијата помеѓу општеството и безбедноста се состои во нивното меѓусебно влијание кое е генерирано од релациите, односно од мрежата на релации помеѓу безбедноста како посебна општествена појава и другите општествени појави.
Во вкупната научна стратегија која ја развивав со основна цел – втемелување на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина, се решив, теориски да конструирам почетен, клучен, а при тоа и научно употреблив поим (категорија) чија содржина и обем ќе ми овозможи иницијално развивање на социолошко-теориска анализа на безбедноста како општествена појава, што воедно ќе оди во прилог и на развивањето на систем на аргументи за оправданоста од втемелувањето на базичните теориски елементи на оваа нова научна област. Имено, како почетен клучен поим за развивање на мојата социолошко-теориска анализа, го конструирав поимот ОПШТЕСТВЕНО ОБЛИКУВАН БЕЗБЕДНОСЕН РЕАЛИТЕТ под кој подразбирам вкупност на безбедносни содржини кои се наоѓаат во даден општествен простор и систем, при што истите се наоѓаат во состојба на меѓусебно влијание со елементите на општествениот систем со кој развиваат нераскинливи врски и релации. Во теориската конструкција на овој поим се наоѓа теорискиот елемент безбедносни содржини, кои содржини, фактички претставуваат безбедносните појави низ кои фактички се остварува конкретизација на безбедноста во општеството. Иако во науката постојат општоприфатени и методолошки коректни дефиниции за безбедносните појави, во обидот да втемелам нова научна дисциплина, сметам дека научно е коректно истите прелиминарно да ги дефинирам, и тоа врз основа на сопствените промислувања на безбедноста и безбедносната проблематика[1]. Имено, БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПОЈАВИ би ги одредил како сетилно достапни појавни облици на меѓусебно дејствување на поединците или општествените групи, како и нивното меѓусебно дејствување со природата или техничките системи, од што како последица произлегува загрозување или стимулирање на нивните физиолошки, психолошки или социјални потреби. Врз основа на оваа дефиниција и некои други тези, а од аспект на феноменологијата на безбедносниот свет, би ја поставил тезата дека БЕЗБЕДНОСНОТО ВО ОПШТЕСТВЕНИ РАМКИ Е ТОТАЛНО, односно сметам дека секој општествен однос, процес или состојба генерирани од општествен субјект или природно дејство, на директен или индиректен начин се одликуваат со безбедносна релеванција.
Врз основа на оваа моја прелиминарна дефиниција за безбедносните појави (обликувана врз основа на реалните безбедносни содржини од тетраголникот: природа-општество-човек-техника) како и врз основа на критериумот кој се однесува на општествената насоченост на безбедносните појави, истите ќе ги класифицирам на безбедносно-загрозувачки и безбедносно-стимулирачки појави. Инаку, само заради илустрација, би навел дека безбедносни појави претставуваат: безбедносните активности (се пројавуваат низ многубројност на дејности, функции, дејствија, постапки, мерки, операции и.т.н.), безбедносното однесување (кое исто така може да биде безбедносно-загрозувачко, а кое се пројавува комисивно, односно со сторување или омисивно, односно со несторување), безбедносната состојба, безбедносниот систем и неговите елементи, безбедносните стратегии и.т.н.. Овие безбедносни појави се наоѓаат, односно претставуваат содржини во одреден општествен простор под кој (најопшто) подразбирам распространетост на мрежи на општествени односи и процеси кои ги создаваат поединците и општествените групи. Во овој општествен простор се наоѓа и одреден општествен систем кој би го дефинирал како систем кој го сочинуваат сите општествени односи и процеси како и општествените норми кои ги регулираат тие односи и процеси. Во општествениот простор и општествениот систем, освен безбедносни појави, луѓето создаваат и многу други општествени појави преку кои општествениот систем влијае на самите безбедносни појави. На овој начин, безбедносните појави се испреплетени и условени и од другите општествени појави при што се создаваат релации и мрежи на релации помеѓу нив, така што и безбедносните појави влијаат на другите општествени појави. Од ова следува дека безбедносните појави кои се постојано присутни во објективната општествена стварност, се наоѓаат во постојана состојба на меѓусебно влијание (интеракција) со другите општествени појави, односно со општеството, така да, општествената стварност, меѓу другото, е постојано испреплетена и со безбедносни содржини, врз основа на што истата може да ја набљудуваме и како безбедносна стварност, а бидејќи истата е општествено условена, и како општествено-безбедносна стварност. Во оваа општествено-безбедносна стварност, состојбите, процесите и односите кои обликуваат одреден вид на безбедност, впрочем претставуваат сегмент на одреден категоријален концепт на општествено условена безбедност. При тоа индивидуалната/поединечна (човекова) безбедност[2] претставува базичен категоријален концепт на безбедноста, која е интегрирана во (пошироката по обем и содржина) ОПШТЕСТВЕНАТА БЕЗБЕДНОСТ, која пак прелиминарно би ја дефинирал како конкретна и потенцијално менлива состојба во конкретен општествено-безбедносен простор, во кој последиците кои настануваат од влијанието на вкупните општествени, природни и технички загрозувања и стимулирања, егзистенцијално не ги попречуваат, туку ги стимулираат општествениот развој и заштитата на општествените вредности, при што на членовите на конкретното општество им е создадена елементарна, реална и релативно постојана можност од остварување и штитење на своите вредности, потреби, интереси, слободи и права кои се наоѓаат во одредена општоприфатена и општопризната рамка. Значи, вака одредена, општествената безбедност ја детерминираат безбедносните загрозувања и безбедносните стимулирања. Во тој контекст, а и врз основа на претходно утврдената поделба на безбедносно-загрозувачки и безбедносно-стимулирачки појави, би ги дефинирал и нивните извори и појавни облици. Имено, изворите на безбедносните загрозувања и безбедносните стимулирања би ги одредил како причини кои се израз на делувањето на одреден општествен субјект, природно или техничко дејство, од кои се предизвикува појавата на загрозување или стимулирање на безбедноста на одреден референтен објект. Облиците на безбедносните загрозувања и безбедносните стимулирања би ги одредил како надворешно манифестен начин на пројавување на одредено загрозување или стимулирање кое е израз на делувањето на одреден општествен субјект, природно или техничко дејство. Објектите на безбедносно загрозување и безбедносно стимулирање (сфатено како облик на заштита) се воопштени во конкретни општествени вредности (животот на човекот, неговите права и слободи, материјалните добра на општеството, основните општествени институции, државното уредување и територија, животната средина-еколошкото опкружување на општеството и.т.н.), кои пак се загрозуваат со различни облици на општествени и природни загрозувања, но од друга страна, истите се штитат и со низа на безбедносни мерки и активности (кои претставуваат безбедносно-стимулирачки појави).
Безбедноста, меѓу другото, претставува и општествен однос, односно луѓето стапувајќи во најразлични општествени односи (политички, економски, културни, верски, и.т.н.) делуваат едни на други, создавајќи општествена практика која е испреплетена и со безбедносни содржини, односно истите создаваат и одреден облик на ОПШТЕСТВЕНО-БЕЗБЕДНОСНА ПРАКТИКА која би ја дефинирал како посебен облик на општествена практика со која човекот (луѓето) предизвикува промени во општествените односи и состојбата на природата со своето безбедносно-загрозувачко или безбедносно-стимулирачко дејствување. Конкретно, оваа општествено-безбедносна практика генерира микро и макро безбедносни промени во општеството, односно условно одредено, микро и макро општествено-безбедносни промени, но и обратно, одредени микро и макро општествени (политички, економски, социјални, културни и.т.н.) промени генерираат одредени безбедносно-загрозувачки или безбедносно-стимулирачки појави, односно генерираат конкретна состојба на одреден вид на општествено условена безбедност. Имено, безбедноста е резултат на континуираниот процес на трансформација на општеството со која се опфатени сите делови на општествената структура (процесот на општествени промени), но од друга страна, безбедноста претставува и фактор на општествените промени, односно стабилната општествена безбедност продуцира општествена кохезија која претставува квалитетна рамка за одвивање на општествената интеракција и општествениот развој, и обратно, нестабилната општествена безбедност продуцира општествено дезинтегративни состојби, појави и процеси. Инаку, општествените промени, за потребите на овој труд, најопшто би ги дефинирал како промени кои се случуваат во основата на општествената структура, но и во реалниот живот, односно промени во системот на меѓучовечки односи (иако реалниот живот се наоѓа во релативно постојана форма на општествен живот). Следствено на тоа, БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПРОМЕНИ ВО ОПШТЕСТВОТО (условно одредени како општествено-безбедносни промени), како нова и клучна теориска категорија, би ги одредил како промени на елементарната можност на општествените субјекти од остварување и штитење на своите вредности, потреби, интереси, слободи и права кои се наоѓаат во одредена општоприфатена и општопризната рамка, како и промените во основата на безбедносната структура на општеството. Инаку, БЕЗБЕДНОСНАТА СТРУКТУРА НА ОПШТЕСТВОТО (условно одредена и како општествено-безбедносна структура) би ја одредил како елемент на вкупната општествена структура кој ги опфаќа односите помеѓу општествените субјекти кои создаваат одредена општествено-безбедносна практика обликувана од безбедносните загрозувања или безбедносните стимулирања, нормите кои ги регулираат општествените односи во контекст на безбедноста, како и безбедносно-релевантните институции. Понатаму, овие безбедносни промени во општеството, во зависност од критериумот кој се однесува на обемноста на општествените односи кои со овие промени се зафаќаат, би ги класифицирал на: а) микро безбедносни промени во општеството (условно одредени и како микро општествено-безбедносни промени), кои би ги одредил како промени кои му се случуваат на поединецот или на помалите општествени групи од аспект на безбедностa, и б) макро безбедносни промени во општеството (условно одредени и како макро општествено-безбедносни промени) кои би ги одредил уште и како социетално-безбедносни промени, под кои подразбирам промени кои ја опфаќаат целината на едно општество од аспект на безбедноста. Во контекст на класификацијата на безбедносните промени во општеството (општествено-безбедносните промени), сметам дека постои методолошка оправданост и на поделбата на: а) безбедносни промени во општеството кои условуваат квалитативни политички и/или економски промени во конкретно општество (при што и одредени политички и/или економски промени условуваат одредени општествено-безбедносни промени) и б) безбедносни промени во општеството кои не условуваат квалитативни политички и/или економски промени. Од аспект на релацијата помеѓу општествените промени и безбедносните загрозувања и безбедносните стимулирања, сметам дека безбедносните загрозувања и безбедносните стимулирања претставуваат облик на реализација на безбедносните промени во општеството. Од друга страна, и ефектите на безбедносните загрозувања или безбедносните стимулирања предизвикани од природни промени кои пак се резултат на природните дејства (безбедносни загрозувања или безбедносни стимулирања предизвикани со движењето на природната енергија во некој облик: ветер, воздух, вода, движење на тлото, топлина и.т.н.) влијаат на луѓето, односно влијаат на општеството, предизвикувајќи при тоа одредени општествени промени (предизвикани од безбедносни загрозувања или безбедносни стимулирања), односно се предизвикуваат безбедносни промени во општеството.
Инаку, во научните кругови општопознато е дека науката, освен што е интернационална и социјална дејност, нејзиниот контекст е општественото битисување на човекот, при што нејзината телеологија е социјалната телеологија која им служи на општествено спознаените цели[3], па оттука, и контекстот на Социологијата на безбедноста како нова научна дисциплина во настанување и развој, би го определил во БЕЗБЕДНОСНОТО ЕГЗИСТИРАЊЕ НА ЧОВЕКОТ ВО ОПШТЕСТВОТО (условно одредено и како општествено-безбедносното егзистирање на човекот), што воедно претставува нов и посебен клучен поим кој има своја посебна теориска смисла и значење. Од аспект на неговата содржина и обем, овој поим-категорија би го определил како појавен облик на постоење на човекот врз основа на задоволувањето на природно-општествената потреба од безбедност, кој облик на постоење свој израз има во онаа состојба која подразбира релативно, но доволно отсуство на физиолошки, психолошки и социјални недостатоци потребни за функционирање на човекот и неговиот организам, како и однесувањето на човекот насочено кон задоволување на потребата за безбедност. Во теориската конструкција на овој поим, се наоѓа и ПРИРОДНО-ОПШТЕСТВЕНАТА ПОТРЕБА ОД БЕЗБЕДНОСТ како посебен теориски елемент кој во горенаведената дефиниција го утврдив врз основа на прифатените ставови од некои автори кои се однесуваат на објаснувањата за тоа дали потребата за безбедност е општествена или природна потреба. Имено, како што наведуваат одредени автори, низ развојот, дејностите кои ги опфаќаат знаењата и умеењата на човековото општество, поединците, групите и заедниците кои го сочинуваат општеството, културата и цивилизацијата, одредени потреби, како и начините на нивното задоволување, се развивале и се менувале.[4] При тоа, може да се одговори дека основните, физиолошки, нагонски потреби останале природни, но се трансформирале и во општествени потреби. Нивното задоволување останува природна нужност, но начините на нивното задоволување станале општествени (култивирани и цивилизирани).[5] За основната потреба, одредена како потреба за безбедност и сигурност, може да се каже дека е сложена, мешовита природно-општествена потреба, која и се задоволува на мешовит, природно-општествен, индивидуален и колективен начин.[6]
Од теориската конструкција и развивањето на претходно наведените клучни теориски категории (поими), може да се согледа дека една од целите на овој труд е меѓу другото, кај одреден дел од македонската, а и пошироката научна заедница, да се презентираат ставови кои (според моите размисли) претставуваат вовед во една научна проблематика која открива и конституира нов пристап кон филозофијата на безбедноста сфатена како нов, современ, продлабочен, интердисциплинарен и меѓу другото, нужно социолошко-безбедносен пристап на промислување на безбедноста.
© Гоце Аризанкоски
Текстот е извадок од трудот “Теоретски основи на Социологијата на безбедноста (обид за втемелување на нова научна дисциплина во системот на науки)”, 2010 година.
Трудот е објавен во годишникот на Факултетот за безбедност – Скопје, 2010 година, и претставува рецензиран научен труд.
Белешки под текстот:
[1] Под безбедносна проблематика ги подразбирам сите елементи кои се однесуваат на: безбедносната наука, поставеноста и остварувањето на безбедносната политика, како и остварувањето на безбедносната практика (организирањето и вршењето на безбедносните мерки и активности) и безбедносно-загрозувачката практика (практиката создавана и обликувана од облиците на загрозување на безбедноста).
[2] Концептот на поединечна безбедност (официјално) произлезе од Извештајот на УНДП за човеков развој (од 1994 год.) според кој основни компоненти на овој концепт се: економската безбедност (проблемите поврзани со сиромаштијата), безбедниот пристап кон храната, безбедност на здравјето (овозможување на пристап до здравствена заштита и заштита од болести), безбедност на животната средина, личната безбедност (проблемите поврзани со физичката безбедност од тортура, војна, криминални напади, семејно насилство, дрога, самоубиства, безбедност во сообраќајот), безбедност на заедницата (опстојување на традиционалната култура и етничките групи како и нивната физичка безбедност) и политичката безбедност (остварување на граѓанските и политичките права и заштита од политички притисоци).
[3] Živan Ristič, O istraživanju, metodu i znanju, Institut za pedagoška istraživanja, Beograd, 1995, str. 17-18, во: Д-р Цане Мојаноски, Методологија на научно-истражувачката работа, „2-ри Август С”, Штип, 1998 год., стр. 56
[4] Ðevad Termiz, Slavomir Milosavljevič, Analitika, NIK Grafit, Lukavac, 2008, стр. 345
[5] ibidem
[6] ibidem