КИРИЛО-МЕТОДИЕВАТА ТРАДИЦИЈА

Ромеите Константин и Михаил, претставувале државјани и високи чиновници во управата на ромејската држава. Очигледна е тенденцијата за „грцизирање” на Ромејското Царство и сиот тогашен историски период, со цел вклопување во историјата на модерната грчка држава и создавање привиден државно-правен континуитет, под изговор дека официјалниот јазик во Ромеја или Византија(зап. историограф.) претставувал „грчки”.

Единствено доколку ја прифатиме тезата за вулгарното значење на поимот „Грк“ и „Грција(Graecia)“, по легендата за настанокот на градот Тарас/Тарентум (според неа основан од непризнаени синови на Спартанците, кои го основале градот како колонизатори, и станал најбогат град од антиката во областа наречена како Magna Graecia/Јужна Италија), како Копиле; Копилиња од нивните оригинални именувачи на поимот – Латините/поданиците на Западното Римско Царство, со веројатна цел поданиците на Источниот дел како нивни тогашни ривали да се прикажат како „копилиња” на Римјаните на Истокот и источните провинции (Македонија, Ахаја, Тракија, Мала Азија), или како присвојувачи од страна на неримјаните по генсот, на името и државата од оригиналниот Рим во Латиум – град кој бил главен центар на Западното Царство кое пропаднало од налетот на варварите, тогаш тоа изедначување на Грција со Ромеја и не би претставувал историографски фалсификат на Западот и можеби појасно ке ни стане зошто дури и во црковнословенските записи (дури и во современите пролози на православните календари) ги наоѓаме и се прифатени овие поими и термини за Ромеја и Ромеите како Грција и Грци, секако прифатливи под услов доколку поимите Хелада/Хелени (оние од класичниот период) и Грција имаат различно етничко и географско значење. Всушност целата политичка борба на државите и до ден денес е кој владетел или која држава/империја, ке стане државно-правен па и духовен наследник на Римската Империја, дал на севкупниот Стар Рим како што имале амбиција Јустинијан и Мехмед Освојувачот, или на Западен односно Источен дел од наследството, како што имале/имаат амбиција разни западни и источни суверени владетели како Наполеон и Хитлер, Иван Грозни…

Но настрана од овие намерни извртувања на етнографските и етнолошките поими, кои се најверојатно сторени со цел да добијат посакувано значење/друго од вистинското, од политички причини, и кои нас љубителите на историјата не доведуваат во разни заплети, поентата на оваа кратко излагање се состои во тоа што помалку да се доведуваме до чудење како по светот се запознаваат/учат луѓето, во врска со овие двајца сесловенски просветители, Св. браќа Кирил(Константин) и Методиј(Михаил), дека се Грци/Византијци, кои само ладнокрвно учествувале во мисии давани од страна на Василевсот во Константинопол. Обидот со лажирање е обид да се намали нивниот цивилизациски придонес, да се обезвредни нивното значење и она најважното – да им се обезличи нивната етничка припадност како Македонци, кои беседјувале/говореле на чисто склавински/словенски мајчин јазик.

Историографски значај на кирило-методиевата традиција

Освен што неможе да се побие фактот дека по државјанство браќата Константин и Михаил биле Ромеи, неможе да се побие и фактот дека чувствувале и покажувале необична благонаклоност кон населението со словенски/славјански говор, притоа и самите родени не било каде, туку во Солун/Тесалоника, или во најголемиот град во етнографска Македонија тогаш. Браќата се родени во многудетно и аристократско семејство, и истите биле синови на Лав кој бил висок воен чиновник/друнгариј во ромејската управа на градот Солун, и Марија. Од подоцнежните записи на нивните ученици, или ученици на нивните ученици произлезени како прва генерација од Охридската книжевна школа кои стекнале „кирилометодиева мудрост” и „светиклиментова трудољубивост”, овие двајца браќа се претставени во текстовите налик на легенди, во кој нешто е прикажано симболично а нешто буквално.

Константин (827-869 год. по Христа) наречен и Филозоф, бил најмалиот брат, и на многу рана возраст бил испратен на школија во Магнаурскиот Пандидактерион, училиште кое можеби поседувало во тоа време најквалитетна обука и кадри во светот. Додека најстариот брат Михаил (815-885 год. по Христа) бил поставен како ромејски намесник во Склавиниите (област – Архонтија по реките Струма и Брегалница) во Источна Македонија, покрстувајќи во текот на својот мандат 54 000 Словени во Христовата вера, население долж реката Брегалница – затоа и тој настан е познат и како Брегалничка мисија. Тука од оваа мисија веројатно со помош на Константин Филозоф произлегол и првиот пишан Законик на македонско-словенскиот јазик напишан со писмо на алфабет/алфавита, текст со кривична и граѓанска правна материја, познат како „Закон судниј људем”.

Филозофијата е разбирање на Божјите и човечките работи, до кој степен човекот може да му се доближи на Бога и како со своите дела да добие лика и прилика на Оној што го создал.– дефиниција на Св. Кирил за филозофијата

Патешествијата на Св. Кирил Солунски

ПатКирилоМетодиев

Св. Кирил (монашко име на Константин), усовршувајќи го своето знаење во богословијата и лингвистиката, се образувал во кадар способен за придонес во дипломатските работи на Ромеја. Затоа бил испратен на теолошка дебата со мохамеданите кај абасидскиот Калиф во Багдад, или настан познат како Багдадска мисија (851 г.). Додека Св. Методиј (монашко име на Михаил) во тој период се повлекол во манастирот Полихрон.

Втората мисија (860 г.) на Св. Кирил во која му се приклучил и Св. Методиј му била зададена во Хазарскиот Каганат, моќна тогашна држава долж реката Волга денешна Југозападна Русија до Крим, дипломатска задача која била побарана од патријархот Фотиј – учителот на Св. Кирил, со цел да го спречи можното влијание на јудаизмот, и по можност Хазарите да се покрстат во Православната вера.

Во еден дијалог хазарскиот „Каган му рекол: За сè зборуваме еднакво, а се разликуваме само во следново – вие ја славите Св. Троица, а ние единствениот Бог според книгите што сме ги примиле… Константин му одговорил: Ако некој те почитува тебе, а не ги почитува твојот збор, и твојот дух, а пак друг ги почитува трите, кој те почитува повеќе? Каганот одговорил: Оној што ги почитува трите.

По делумен успех во оваа Хазарска мисија, но со богато искуство и уште побогато знаење Св. браќа Кирил и Методиј се повлекле во манастир на Олимп во Мала Азија.

Но многу бргу им стигнало барање за нова задача од ромејскиот дворец. По молба на великоморавскиот владетел Ростислав, Ромеите прифатиле да им помогнат на Моравците. Имено тамошното население кое говорело словенски сè повеќе потпаѓало под притисокот на германолатинизација, процес спроведуван од страна на германските владетели кои себеси се гледале како наследници на Западниот Рим преку нивните вазали. Од друга страна постоело опасност и за Ромејското Царство, од продлабочување на сојузничките врски помеѓу Германите и Бугарите, односно бугарската држава, која сериозно се проширила на Балканот тогаш. Затоа ромејскиот василевс Михаил во врска со Моравската мисија (862 г.) на Константин му се обратил со зборовите:

Вие бојеста Солуњани, да Солуњани вси чисто склавински беседјут

Св. браќа, разбирајќи ја севкупната поставеност на работите и можностите во политиката и дипломатијата тогаш, разбрале дека оваа задача може да добие епохални размери. Затоа претходно внимателно подготвени ја искористиле шансата да зададат финален удар на „Тријазичниот ерес” (богословска теорија од тоа време која тврдела дека литургиите смеат да се служат само на латински, еврејски и грчки/коине јазик), каде преку оваа мисија успешно го афирмирале црковнословенскиот јазик кој се темели врз македонскиот јазик поточно врз солунскиот говор. Во текот на дејствијата во Моравија, Св. солунски браќа биле повикани од страна на Папата во Рим. Таму преку дипломатска вештина, со предавањето на моштите на Св. Климент Римски, кои браќата ги нашле во текот на нивните дејствија во Хазарската мисија, нивниот труд ке добие крајно меѓународно признание, каде за прв пат ке се отслужи литургија на црковнословенскиот јазик во Рим, со што преку ова всушност сите народи со словенскиот говор ке добијат можност за стекнување културолошка а со тоа и политичка независност, односно ке се удрат силни темели на новата словенска цивилизација, покрај тогаш веќе воспоставените латинска и ромејска/византиска цивилизација во Европа.

Тука на рана возраст ке го заврши својот животен пат Св. Кирил во Рим, градот каде што и ден денес му почиваат неговите мошти во базиликата посветена во чест на Св. Климент Римски, додека неговиот брат Св. Методиј ке продолжи со просветителските дејности во Моравија.

Кирило-методиевата традиција во полза на македонската национална самосвест во современите услови

Glagolitsasporedba1

Кирило-методиевата традиција под најопшто образложение претставува употреба на глаголицата како писмо заедно со црковнословенскиот јазик. Глаголицата претставува боговдахновена азбука составена од основните три христијански симболи, Крстот, Кругот и Триаголникот. Чудесија останува прашањето како за толку кратко време е создадена толку сложена и совршена азбука, додека легендата вели дека таа му се прикажала при молитва на Св. Кирил. Важно е и тоа дека глаголицата првенствено е создадена (некои извори наведуваат дека е комплетирана во 855 година по Христа) заради евангелизирање на народите со словенскиот говор и пренесување на Божјото Слово, додека мотивациите за создавањето на абецедата и алфавита се од сосем други причини, создавани долг временски период и во пагански средини. Оваа прва словенска азбука односно кирилометодиевата традиција, ке продолжи да се употребува и по Моравската мисија, на тлото на Македонија, од страна на кирилометодиевите ученици Св. Климент и Св. Наум, односно таа ке остане во првенствена служба за литературните дела на Охридската книжевна школа и во литургиите на Охридската Архиепископија/Патријаршија, а многу веројатно е дека глаголицата подоцна претставувала и прво и првенствено службено/административно писмо на Самуиловото Царство.

Не постои сигурно образложение зошто „мистериозно” се напушта кирилометодиевата традиција односно глаголицата во општа употреба, и на нејзино место се става кирилицата. Разни теории говорат заради сложеноста на глаголицата како азбука и ракопис. Но периодот во кој таа помасовно се напушта во Македонија, во XII век, односно во периодот кога пропаѓаат и последните востанија и обиди да се возобнови Самуиловото Царство, и кога овие простори потпаѓаат под дефинитивно политичко влијание на Константинопол, како и фактот дека глаголицата останала во употреба во реоните каде што имало послабо ромејско политичко влијание (Хрватска), даваат насоки за претпоставка дека ромејското влијание можеби извршило притисок да се стави во општата употреба кирилицата, затоа што таа за разлика од глаголицата е далеку послична со алфавита, односно со тогашното службено писмо на Ромејското Царство, сè со цел полесно вклопување на народите со словенски говор во ромејската држава, како и бришење на меморијата за Самуиловото Царство, „работи” во кои Ромеите биле мајстори.

Денес во современа Македонија, можеби подобро е да се размислува за тоа што може да придонесе внесот на глаголицата на општ план и нејзино популаризирање, отколку за тоа зошто пред многу векови таа била „заборавена”. Иаку оваа тема е неблагодарна да се отвара во услови на крајна морална, политичка и институционална криза/деморализираност, каква што ја имаме денес во македонското општество и држава, и тема која за нејзино спроведување во пракса бара голема работа, сепак мислам дека вреди кратко да се разјасни за придонесот при евентуалното „враќање” на глаголицата во општа употреба. За мене лично, работа која нуди три позитивни придонеси, е работа која вреди да се размислува, а оваа работа може да придонесе и повеќе од три, но главните би биле:

1) Бидејќи глаголицата е создадена од христијански симболи под виши мотиви за евангелизирање на населението, тоа говори дека таа е потполно складна со традициите на нашата Вера и нашата Црква, со што популаризирањето на оваа писмо, можно е да доведе и до полесна афирмација на моралниот кодекс кој произлегува од Православната вера, кодекс кој и е очајно потребен на оваа македонско општество, кое по распадот на социјализмот, и нема усвоено/наметнато еден општ морален кодекс врз населението;

2) Бидејќи глаголицата е првата и најстарата словенска азбука, нејзината единствена официјална употреба (никаде официјално не се употребува во словенскиот јазичен свет денес), ке има уште поголем придонес во афирмацијата на Македонија како прв и најстар центар кој придонел за словенската писменост и култура/словенската цивилизација;

3) И најглавниот придонес би претставувал дефинитивното културно осамостојување и независност од соседните братски словенски народи, од српскиот и бугарскиот народ/свест, односно наместо да имаме нешто малку модифицирана кирилична азбука која се разликува само во одредени букви од бугарската и српската, со глаголицата ке имаме цело автентично писмо кое ке се разликува од нив. Тоа ке претставува „штит” од злите јазици и умови кои постојано ја напаѓаат македонската национална самосвест и постојано тежнеат кон асимилација на Македонскиот народ, а може да создаде и поттик за нов почеток и развиток кон некоја нова славна културна епоха на Македонците, слична на онаа од времето на Охридската книжевна школа.

Нека ни е честит празникот 24 Мај, празник во споменот на основачите на глаголицата – Светите солунски браќа Кирил и Методиј!

Авторот на текстот е дипломиран правник.