СЛАБОСТИ И ПРЕДНОСТИ НА КОМУНИЗМОТ – ВТОР ДЕЛ

Најголемиот теоретичар и практичар на марксизмот – Ленин, повикувал на радикални решенија, кои би требало да го воспостават вистинскиот правец на општеството кон комунизмот. Тој всушност со својата теорија и пракса, под извесно влијание од претходните социолози Чернишевски и Енгелс, по успешно изведената револуција, со негово стапување на власт ја вовел ткн “пролетерска диктатура”. Оваа диктатура во теорија наишла на оправдување и од основачите на марксизмот, говорејќи за потребата од владејачката класа и во идното комунистичко општество. Фридрих Енгелс ке истакнe:

“… крајна лудост е да зборуваме за слободна и народна држава, се додека пролетеријатот има корист од државата, таа ке користи, но не заради постигнување на слободата, туку да ги држи долу нејзините непријатели ”   писмо до Август Бебел, 1875 год.

Освен што се наметнала револуционерната диктатура во бившата царска Русија, во голема мера општеството се милитаризирало, со цел успешно да се спречат контрареволуционерните движења. Во овие моменти големи крвопролевања ке се случат на територијата на Советскиот Сојуз. По успешното воспоставување на власта, Владимир Илич Ленин ке ја објави новата економска програма или скратено НЕП, а со тоа и ке го укине ткн воен комунизам. Во оваа програма постоеле одредби кои предвидуваат полиберални економски односи, дозволување на приватната иницијатива, заедно со поголема државна контрола врз индустријата. На почетокот овие мерки до некаде ке ја стабилизираат економијата во Советскиот Сојуз, но со неодржливост на подолги стази. Ленин исто како и многумина марксисти, сметале дека како ке расте свеста за социјализмот, така ке расте и свеста за потребата на пролетеријатот, со што луѓето самите ке се откажуваат од потребата за приватната сопственост, во корист на општествената сопственост. Со исчезнувањето на приватната сопственост, постепено ке исчезнувало и потребата за национално самоидентификување, која според логиката на теоријата, на нацијата се гледа како “производ” од приватната сопственост. Па така пред фазата на преминот кон замислениот комунизам, потребата за државата и дел од нејзините институти ке пропаѓаат, односно ке исчезнат, а на место на државата ке настанат комуни односно економски организации или корпорации, кои внатре ке се самоуправуваат и ке ги уредуваат економските односи, рамноправно и совесно со сите членови-пролетери кои ке бидат припадници на одредена комуна. Под влијание на оваа идеологија, им било дадено каде што претходно во царската Русија биле забранети, политички права на народностите кои живееле во Советската унија. Така самата држава била преуредена како федерација на народите кои живеат во неа. Тоа дало причина за популарност на комунистичката идеологија кај другите народи кои долго време немале такви права. И со право во тој период важело дека:

Комунизмот е советската сила, плус електрификација на целата земја

По смртта на Ленин ривалите Сталин и Троцки ке започнат битка за освојување на власта во комитетот. Сталин ке се наметне како лидер, но со него економските политики и идеи на Ленин ке исчезнат, додека ке продолжи ткн “црвен терор”. Масовни политички ликвидации и чистења, масовна експропријација на поседите на селаните, масовна насилна индустријализација, а со тоа и нагла урбанизација како и масовен глад ке завладеат во советското општество во почетните години од владеењето на Сталин. Идеите на Сталин за владеењето, повеќе се базира на автократно владеење од византискиот тип, но овојпат без прикази на божествениот ореол по црквените фрески, туку со масовни паради и со истакнување на култови на личности. Имало ист систем како во претходната царска Русија, само со сменета владејачка структура и мотив. Позитивноста од револуцијата се состоела во тоа што општеството било бргу индустријализирано и со тоа таа земја се вратила во натпревар за империумот, со другите високо индустријализирани нации.

Главни проблеми во функционирањето на теоријата на комунизмот, претставуваат преголем фокус кон материјалното влијание (најверојатно затоа што првите творци на комунизмот се родени и израснати во традиционално капиталистички земји), недокрај функционалниот метод на историскиот материјализам и неодржливоста на системот на подолги стази. Творците на комунизмот својата теорија исклучително ја засноваат врз основа на западните капиталистички земји или како што еден марксист од овие простори ке истакне:

Комунизмот се раѓа од утробата на капитализмот

Тие со својот метод предвидуваа, дека комунизмот првин ке се појави во западните земји, затоа што тие се земјите со најразвиени капиталистички односи. Но знаеме дека комунистичкиот пат, првин официјално е формиран во Русија, земја која имала сурови феудални односи (феудализмот според методот, се смета за пониска/претходна фаза на економски односи од капитализмот). Освен во Русија, тој најмногу е прифатен и најмногу се истакнува во земјите кои се свежо излезени од туѓи угнетувања и експлоатации, земји како што се од Балканскиот регион, Африканскиот и Латино-Американскиот, додека најмалку комунистичката теорија беше изразена токму во земјите каде што според методот првин би требало таму да се случи, земјите како што се Италија, Германија, Франција и Британија. Со ова освен археолошките пронајдоци и древните пишани дела, кои го демантираат претпоставениот развој на човечката цивилизација, овој метод на марксистите се покажа неточен и од праксата.

Друг проблем претставува неодржливоста на системот на долги стази. Невозможно е денес овој систем да прогресира без притоа да нема извор од кој би експлоатирале туѓи добра. Односно бидејќи оваа општество за прв план ги има социјалните еднаквости и социјалните права, тоа бара уште поголема акумулација на капитал, кој е невозможен истиот да се создаде еднакво за сите во една држава, особено не во земји кои не располагаат со ценетите ресурси. Затоа во споредба со капиталистичките држави, помалку витални се државите со оваа уредување, во момент кога ке дојдат до степен на криза. Во тој момент еднаквоста и правата губат на тежина и за да продолжи едно општество да функционира бара жртви, додека луѓето сите претходно навикнати на социјална благосостојба (заради начелото на бескласност), во таквите кризни моменти не се подготвени за “жртвувањето”, па најчесто или се губи довербата во комунистичката теорија и се бара преобразба на општеството, или државата преку кредитирање го одолговлекува рокот на нејзиното изумирање.

Текстот е извадок од книгата Василија-архитема на новото општество”, глава А, 2015 година.