СОЗДАВАЊЕ НА ПРАВНИОТ ПОЗИТИВИЗАМ ВРЗ ОСНОВА НА ОНТОЛОШКИ ПРИНЦИПИ

Онтологијата и целокупноста на своите ентитети, врски, правила и ограничувања, содржи запишано знаење во одреден реален или деловен домен кој го опишува. Знаењето пак сумирано во тој облик, за човекот е тешко читливо заради начинот на записот односно енкрипцијата, кој за едноставни примери кои опфаќаат значaен број на опишани ентитети донекаде е и разбирлив, но станува тешко сфатлив при голем број особено опишани ентитети. Истата е проектирана за да биде најопшта филозофска теорија за најопштите креации на светот, а најмногу на општите концепти и категории, како и почетна точка за еден поедноставен методолошки принцип на науката. Таа е специфичен вид на семантички модел кој се состои од збир на концепти и меѓусебни врски. Генерално како поднаучна дисциплина онтологијата ги опфаќа истражувањата поврзани со егзистирањето и објективната стварност, а за прв пат е употребена од страна на филозофите Рудолф Гуцкел (Rudolphus Goclenius) и Јакоб Лорхард (Jacobus Lorhardus) во 1613 година од новата ера.

Како општоприфатлива дефиниција за онтологијата е дека истата претставува експлицитна спецификација, концептуализација, каде што концептите кои можат да бидат апстрактни или конкретни, односно елементарни или композитни и реални или измислени, се организирани во објекти или во категорија на онтолошки знаења. Експлицирано, постојат повеќе онтологии во различни области но ќе се задржиме на законскиот „домен“. Покрај тоа постојат повеќе правни онтологии. Французите на пример, посебно ја акцентираат онтологијата на францускиот закон, за да му дадат значење. Најпознатото одредување на современиот правен позитивизам е одвојување на правото од моралот: правниот ум неможе да допринесе развој на вистината во моралниот ум и ништо неможе од него да прими!

Сите хеленистички филозофи без оглед на тоа колку и да се спротивставувале на политичката заедница, сметале дека СЛОБОДАТА е втемелена исклучиво во ПОЛИТИЧКОТО а не во приватното подрачје, кое е базирано на сила и насилство односно во кое владее нужноста. Платоновата „POLITEIA(Πολιτεια) ” може да се сфати како аргумент односно мост на човековите одлуки со вишата инстанца базирана на онтолошки принципи. Карактеристична е и Св. Августиновата напомена која акцентира на тоа дека држава без ПРАВЕДНОСТ воопшто не се разликува од разбојничките банди!. Историски анализирано постојат повеќе видувања на тоа дека владетелот не треба да биде загрижен ниту пак да води сметка за природните закони. Платон подвлекува дека праведноста е корист на силниот!

Во предговорот на „Критиката на чистиот ум” од 1786 година, Кант подвлекува: „Нашето време е вистинско време на критика на која сѐ мора да подлегне. Религијата на основа на својата светлост и законодавството на основа на своето височество обично сакаат да ја избегнат. Но тие тогаш против себе предизвикуваат оправдано сомневање и неможат да сметаат на искрено почитување, кое умот го поклонува само на она што можело да го издржи неговото слободно и јавно испитување“.

Правниот позитивизам претставува филозофска традиција која произлегува од европските мисли, која се развива во опозиција спрема класичната природно-правна теорија и која се спротивставува на сите облици на јуснатурализмот. За Келзен не е важно дали нормата е добра или не, туку дали важи или не!. Под важење се подразбира постоењето на нормата односно дека нормата има обврзувачка сила. Нормата е важечка доколку припаѓа на правниот поредок кој е во целина ефикасен. Дали правната норма во секој поединечен случај е ефикасна, не е релевантен фактор за нејзиното важење. Келзен го заснова позитивниот правен систем на основна норма, од која сите останати добиваат или губат правна валидност. Правниот поредок е систем на норми а секоја норма ја црпи својата валидност од некоја повисока/посилна, додека онаа норма чие важење не може да се изведе од некоја виша норма Келзен ја идентификува како основна норма. Еден правен поредок претставува систем на норми чие важење може да се врзе за заедничка основна норма. Следствено на тоа правната држава е држава во која ефикасно владее правниот поредок.

Правниот позитивизам, позитивистичките теории не ги отфрлува во целост односно идеите и учењата на природно-правните теории, туку најчесто ги отфрла природно-правните ставови поврзани за вредноста на правната норма. Според правните позитивисти, наведените вредности се поврзани за личноста на човекот и за неговото поимање и како такви се од субјективна природа и од одредено траење. Без оглед на тоа за кое ПОЗИТИВИСТИЧКО право станува збор, сите имаат неколку заеднички карактеристики и тоа:

  • Ставот дека правниот живот на одредени држави се состои од правни норми донесени од страна на луѓето;
  • Ставот дека донесените правни норми најчесто важат за одредено подрачје или областа во која се донесени;
  • Ставот дека донесените правни норми важат на одредено време и како такви имаат одредено односно ограничено траење;
  • Ставот дека донесените правни норми не се совршени;
  • Ставот дека нормите се РЕЛАТИВНО праведни.

ЗАКОНСКИОТ ПОЗИТИВИЗАМ и воопшто позитивистичкиот MAINSTREAM во деветнаесеттиот век и првата половина на дваесеттиот век, не ја доведе во прашање ниту пак ја деградираше идејата за јуснатурализмот. Позитивизмот правото го обликува од правната култура која настанокот и престанокот на правото го води исклучиво низ одлуките на луѓето и државата, а без нивно знаење и без нивна волја правото не може да постои. Се покажа дека реафирмацијата на природното право го одржа во живот правото кога позитивното право падна во криза. Позитивизмот не успеа во мера колку што се очекуваше од него. Нормата, донесена од страна на луѓето и со тоа „обележана“ со релативизмот, културата, менталниот капацитет и далековидноста на своите творци никогаш не остана таинствена како енигма.

Радбруховата (Gustav Radbruch) „Четврта минута“ од филозофијата на правото (Fünf Minuten Rechtsphilosophie) со законското неправо и надзаконското право, ја степенува правната вредност низ поврзаноста на легислативата и протестантската опција на праведност. Правдата е највисоката правна вредност. По неа следува правната сигурност која завзема место помеѓу експедитивноста и правдата. Таму каде што се раѓа конфликтот помеѓу правната сигурност и правдата, помеѓу законот кој може содржински да се побива а кој е позитивен и помеѓу праведното право кое не добило ниту правно обликување, навистина постои конфликт на правдата со самата себеси, односно постои „конфликт помеѓу привидната и стварната правда“. Тој судир помеѓу правдата и правната сигурност, мора да се реши на начин да позитивното право има предност и кога е содржински НЕПРАВЕДНО и НЕЕКСПЕДИТИВНО, освен во случај кога позитивниот закон во толку неприфатлива мера и противрекува на правдата, дека законот како неисправно право мора да отстапи пред лицето на правдата. Тешко е да се подвлече остра граница помеѓу случајот на законското неправо и законот кој подлега на неточна содржина. Но сосема е пак коректно, таа граница да се одреди кога еднаквоста која го сочинува јадрото на правдата, при донесување на прописите на позитивното право, свесно да се оспорува. Во тој конкретен случај пак, законот не е само неисправно право туку воопшто нема правна природа.

Резимирано, правниот позитивизам е ШКОЛА на мислења во филозофијата на правото, која го признава само позитивното право за разлика од природното право. Стојалиштето гласи дека нема право надвор од позитивното право, кое како позитивен аргумент важи во општеството. Правниот позитивизам го отфрла природното право од формални причини како право кое НЕ ВАЖИ, но и од материјални причини, со оглед на тоа дека не содржи правила на однесување. Во тој контекст природното право и не е право STRICTO SENSU. Правникот позитивист е заинтересиран само за формата на донесувањето на правниот акт, односно дека е донесен од страна на надлежен орган во пропишана постапка и во соодветен облик, но не и за неговата содржина бидејќи AUCTORITAS FACIT LEGEM!

Авторот на текстот е магистер по право.