11-ТИ ОКТОМВРИ – ШТО НАПРАВИВМЕ И ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ?? (2017)

Историографскиот дел за многу важниот датум кој денес го празнуваме, попознат како Денот на народното востание, можете да го прочитате во истоимената статија од 2016 година (линк).

Многу е важно да се знае духот на овој празник, затоа што тој дух (про-народен/филолаон/алтруистичен) ни е потребен, бидејќи само доколку надвладее тој добар дух/евдемон, само така можеме да се оттргнеме од овој општествено-политички и социјален хаос, кој не осипува со негативни мисли, состојби спротивни од смирение, и она најлошото – обесхрабрување и деморализирање односно никакво корисно бездејствие (или плунка кон животот). Иронијата ке е поголема, кога ке излезат јавно да одадат „почит” официјалните државни претставници, и кога ке ни читаат пишани текстови од професионалните цитатолози, затоа што безмалку сите нивни досегашни одлуки од 1991 година па до денес, се спротивни и од духот на овој празник, но и од интересите на она што произлегло како краен производ од народното востание – АСНОМ (македонска држава). Но, и онака знаеме дека станува збор за марионетки, така да тие ке продолжат со својот театар. Нам ни е битно, барем за момент тоа кратко оттргнување од хаосов, со цел да разбереме, што се случува и зошто, односно согледување на вистината, и како нешто би можело да се смени на подобро односно корисна теорија и пракса.

Што направивме ? 2016-2017

Иаку постоеја силни индикатори и од 2015та и од 2016та година, дека хаосот ке се зголемува на штета на државотворниот народ, воедно и на сите други малцинства кои живеат тука, единствено во поблага верзија на штета над малцинството кое гаи надежи да стане со одлучувачки збор, сепак лично јас се надевав дека најлошата варијанта нема да се исполни. Но токму таа всушност се остварува. Единствено од најлошата варијанта, не се исполни пропаст на државата основана од АСНОМ, односно некако опстојува, а по се изгледа – навидум државните установи продолжуваат да функционираат. На сите други делови од општеството, се исполнуваат моментите од најлошото сценарио. Што укажува на тоа дека нема да имаме можност нареден пат да извојуваме „Пирова победа”, од проста причина бидејќи ке ја изгубиме сета „војска”(читај држава).

Ке започнеме првин од државотворниот народ – Македонците. Работата на општо ниво отиде до таму да единствено децата од раната возраст можеби имаат искрена радост на денот, и радост врз она на што го гледаат во текот на денот. Кај останатите возрасти опстојува разочараноста, изнемоштеноста, воопшто човечкиот интегритет отсуствува (а како би постоел кога во континуитет се обезвреднува?). Како онаа кажаното некогаш за Ромеите: „тоа се оние што немаат љубов/сакање”. Згора на се како владејачки вредности се наметнаа оние кои афирмираат его, суета, идиотизам и перверзија, а оние кои афирмираат труд, чесност и воздржаност – не се признаваат како точни. По се изгледа допрва ке се засилува иселувањето кон другите „ветени земји”.

Во економскиот поглед, Македонија никогаш нема да се опорави, се додека се извршуваат политики во корист на краткотрајното владеење, односно во корист на партиите. Невозможно е да опстои економија, ниту половина век, во која од некаде милион работоспособни лица, постојат некаде половина милион вработени, од кои една четвртина од нив се во државна администрација, со над 300 илјади пензионери, заедно со пензиски фонд задолжен со над 5% од БДП, и со јавен долг над 50% од БДП. Невозможно е да постои капиталистичка економија со некое значајно учество на „слободниот”/широкиот пазар, во економија каде најпосакуваното работно место е во некое од државните установи/управи/институции – меѓу другото овој индикатор укажува на тоа дека луѓето и нивните економски активности се сведени на ниво на преживување односно некоја минимална тековна сигурност. И секако невозможно е да се негува уставното начело на социјална држава, каде што веќе имате општа сиромаштија, со економски анализи кои укажуваат на огромна социјална нееднаквост и распределбата на општествениот капитал – тоа е привилегија на веќе воспоставените силни економии, и стабилни држави. Но од друга страна, политичарите нормално е дека нема да имаат смелост да кренат кон било каков чекор кој нешто би променил драстично, затоа што самата политичка поставеност во поглед на позиционираноста и гласањето, не остава простор за напуштање на популистичките политики, односно политики кои се во функција за добивање на гласови. Приоритетот на партиите не им е националниот интерес на долги стази, туку добивање власт преку избори. Со што би требало да ни стане јасно дека политичките прашања на Македонија, се крајно поврзани со економските прашања, односно проблемот ѐ и првенствено лежи во постојниот политички систем.

Во поглед кон политичкиот систем, тој се преобразува, но негативно, и тоа одиме кон официјализирање на некој вид на етнички апартхејд. Албанците никогаш до крај не се еманципираа како македонски граѓани/државјани, ниту нивните партиски идеолози ја напуштија идејата на Призренскиот идеал. Уште полошо никогаш не ги прекинаа врските со страните земји, кои имаат сомнителен интерес во однос на Македонија, поточно во однос кон Македонскиот народ и вредностите кои произлегуваат од нашите традиции. Моменталната политичка поставеност не им дозволува она што многу го посакуваат Албанците во политичка смисла – претворање на Македонија во бинационална држава (за тоа треба уставни промени), но сепак максимално ке ја искористат поддршката од Западот, нашата поделеност и слабост, за социјално обезбедување и благосостојба, односно официјализирање на бинационализмот ке го остават за некои други времиња, додека во меѓувреме ке се наметнуваат и како силна економска класа во општеството. Законското уредување за употреба на албанскиот јазик, и тоа како ке им отвори нови вработувања во моментално најстабилните и најпосакуваните работни места – државните.

Од поширок, визионерско-социолошки аспект, и анализирајќи подробно за тоа кој се влијае и поттикнува промена на политичкиот систем на Македонија, а преку него, промени и во општеството, по се изгледа дека ова веќе е смислен во теориска смисла социолошки експеримент, каде македонското општество е претворено во една голема лабораторија, и каде се практикува експериментот. Најверојатно се експериментира врз Македонскиот народ, со цел да се одговори на прашањето: Дали еден стар народ (во случајов каков што е македонскиот), со толкава силна меморија за своите традиции, би се откажал од своите политички права (правото на самоопределување), со цел да стекне економски права (право на работа, право на избор на работното место и сл.). Ова се преточува во пракса, со тоа што постојано ни се даваат услови (во прв ред промена на уставното име на државата, а претходно промена на државното знаме, промена на државно-правните традиции и др.), и исполнувајќи ги тие услови кои го погазуваат правото на самоопределување, ни се нудат економски права, кои и онака во некој нормален свет би требало да ги имаме без такви ограничувања, односно ни се нуди влез во ЕУ (претходно ни се отвори границата кон Солун за трговија) и многу други разно разни уцени и слични состојби. Општопознато е дека многу школи, институти и денес организациите познати како think tank, имаат разработувано теориски видувања за тоа како може со одредена малцинска група во едно општество (не станува збор стрикно за етничко малцинство, како што е во нашиот случај, туку и за сексуално-ориентирано, религиозно и др.), да се врши притисок за откажување на одредени политички права врз одреден народ или нација. Доколку експериментот од „македонската лабораторија” им стане успешен, со сигурност двигателите на глобализмот, нашиот пример ке го употребуваат како патент и врз другите народи и нации. И ова не е теорија на заговор ексклузивно врз Македонците, туку наша вина е што дозволивме нашата држава, нашето општество и нашиот правно-политички систем да се претвори во експериментална соба, а државјаните внатре во експериментални глувци. Од АСНОМ па речиси до денес, најверојатно бидејќи одамна не сме уживале политички права, односно сме немале сопствена држава, бевме задоволни само од тој факт: што постои држава во чиј Устав и пишува дека е Македонија. Но како да заборавивме дека треба да учиме што е држава и како таа се гради, односно дека треба сериозен напор, труд и пожртвуваност, таа да опстои во иднина, како самостојна и самобитна. Како што велат старите во секое лошо постои и нешто добро, оваа екстремно лошо би требало да не свести за некое екстремно добро: што ја чини државата автентично македонска? кои се интересите македонски вткаени во државата? и како да се остварат во пракса?

Оваа 2017та година, ке се одбележи по тоа што лицето на македонската држава основана во АСНОМ, го нагрдивме уште повеќе: потпишувањето на билатералниот договор со Р. Бугарија, со што се заколнавме дека и реката Места не ја „запљускујет македонската земја” (Бистрица веќе од 90тите не заплускува во нашите умови, остана само дел од Пчиња и дел од Вардар тоа да го прават). Имено станува збор за дефинитивното (со правни документи) откажување од Македонците кои не уживаат никакви политички права во соседните држави. Р. Македонија и онака не обезбедуваше некаква помош за Македонците во соседните држави, бидејќи и онака имаме уставно правни пречки тоа да го чини на некој конкретен начин, сепак ако го следиме контекстот на случувањата, ке увидиме дека станува збор за симболика: Асномскиот идеал, или мотивацијата поради која е создадена македонската држава, веќе не е официјален мотив за постоење на македонската држава. Со други зборови Р. Македонија не е веќе држава правно овластена да ги штити, брани и унапредува интересите на сопствениот државотворен народ.! Може да се најдат и чујат разни ораторско способни демагози, кои ке наведуваат и убедуваат на тоа дека овој договор со Р. Бугарија, е договор во корист на интересите на Р. Македонија. Тоа е точно, бидејќи железничкото поврзување со Бугарија, е многу важен и корисен план, кој ке има долгорочни економски позитивни последици за двете држави, доколку се оствари. Точно е и тоа дека неприродно отуѓените народи, какви што се Македонците и Бугарите, кои имаат слични културолошки, јазични и верски особености, општо корисно е тие да се зближат, за целиот регион. Но очигледно суштината на овој договор не е тоа, туку нечие обезличување. Зближувањето на Бугарите со Македонците, може да се случи во услови на меѓудржавен договор, склучен од страна на еманципирана бугарска и македонска интелигенција, кои осознале дека решението на проблемите од македонското и бугарското општество, е од регионален карактер, односно мирот и напредокот може да се оствари само во услови на меѓусебно признавање и почитување, на сите јужно-словенски народи и нации. Упростено: ниту влез на „Западен Балкан” во ЕУ, ниту Струмица да влезе во составот на бугарската држава, ниту Пирин да влезе во составот на македонската држава, нема да ги реши демографските, социјалните односно општествените проблеми кои се крајно погубни за сите јужно-словенски народи на овој Полуостров. И веќе премногу очигледно е тоа дека неприродното отуѓување е сторено со посредништво на домашните псевдо-интелектуалци, поттикнувани со векови од разни центри кои сакаат империјална моќ, во минатото Истанбул, Москва, Виена, Берлин, денес Лондон и Вашингтон. Всушност таа псевдо-интелигенција, која само поттикнува поделби и раздор меѓу и онака веќе отуѓените јужно-словенски народи, и како псевдо-решенија за проблемите нудат омаловажувања, е силно присутна и денес и е постојано во интерес на јавното медиумско внимание.

Што треба да правиме ? 2017-?

Како во 2016та, така и во оваа 2017та, но и во годините што ке следат, најтешко ке им биде на луѓето со интегритет кои сакаат нормално да живеат во оваа експериментално општество и држава. Оние кои го припремиле или веќе го припремаат патот за јабанџиштво, не треба да бидат ставени на суд и критика: не секој има стомак да го гледа и доживува овој хаос. Им посакуваме среќен пат, и успешен живот во другите „ветени земји”. Тие пак кои ке заминуваат не треба да ги омаловажуваат ниту да ги предомислуваат оние кои решиле да останат: јунаштво е денес да останеш во Македонија, и притоа да се држиш до чесни и нормални правила и односи, односно да си граѓанин во македонското општество и во исто време да ти стои здравиот разум и памет.

Македонија, како сѐ повеќе ке тоне во социјална криза, во годините што доаѓаат, толку повеќе ке станува плодна почва за Православието. Тоа значи дека луѓето за да ја издржат оваа криза, ке мораат да се подвизуваат налик на монаси. Односно семејствата, и оние пријателски друштва кои внатре во своите кругови како владејачки вредности ги почитуваат Православните Начела, полесно ке ја пребродат кризата, бидејќи православните набљудувачи полесно ги забележуваат и пронаоѓаат замките на искушенијата кои доаѓаат однадвор (околина, тв, интернет и сл.). Не велам слушајте ги поповите што зборуваат, или правете како тие ви велат, туку читајте го Светото Писмо, посебно Новиот Завет, и водете разговори за опишаното – така ке ја одржите силата на здравиот разум.

Во однос на изборите што доаѓаат, кои ке одлучат за поделбата на општинската власт, без главната поента останата како неопределена: што е македонско во политичка смисла? кои се македонските државни интереси?, овие избори се бесцелни, односно ке одлучиме само на која партија ке и дадеме можност да си вработи свои членови во управите на општинско ниво. Партиското одличје на двете најголеми македонски партии, наликува на племенизам: две племиња/орди во судир, кои во ништо не се согласуваат. Едните веруваат дека Западот ни е пријател, другите непријател, едните веруваат дека Македонците се Словени, другите Антички, едните веруваат во демократски вредности по теркот на Западот, другите во демохристијански вредности, едните за себе си велат дека се прогресивци, другите патриоти итн. Но тие иаку не се согласуваат сепак и двете партии во целост го прифатиле прагматизмот како решение. И двете партии играат на стравот кај граѓаните: СДСМ плаши со тоа дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде пак на власт, повторно ке не крадат, односно ке ги злоупотребуваат јавните пари, додека ВМРО-ДПМНЕ плаши со тоа дека доколку СДСМ остане на власт, ке ни ги продадат македонските интереси. Кутрите, не се свесни дека со нивниот прагматизам не доведоа на работ на пропаст, воедно не се свесни колку само е јасно меѓу луѓето дека се хипокритични, со слабо партиско лидерство и со локалци кои не се за крупна политичка игра. Во иднина сигурно ке се појави политичка сила која ке бара згаснување на овие две партии, или барем целосна промена на нивните симболи и партиско именување. Меѓу другото светски тренд е опаѓањето на партиите како политичка сила во општествата, а во пораст се нови идеологии – најчесто од синкретичка природа.

Од појавата на новите партии на македонската политичка сцена, најголем интелектуален капацитет има Левица, која решително застана против влезот во НАТО на Македонија, и која покажува солидна критика кон постоечкото општествено и политичко уредување. Но тоа е партија која застапува идеологија која веќе се докажа како една од пропаднатите модели за прогрес, кои потекнуваат од западната материјалистичка мисла и од западно-европската историска дијалектика. Слабостите на таа идеологија се масивни и клучни, а главниот проблем се јавува во нихилизмот кој произлегува кај човекот од таквите владејачки вредности во општеството. Самата партија Левица, сеуште не е дефинирана во пракса кој терк од таа идеологија би ја спроведувале: оној на Ленин? Сталин? Троцки? можеби на Денг Ксијаопинг? или пак некој нов. Од харизматичните личности, кои можеби ке се јават на политичката сцена како кандидати, најзабележителен е Борис Дамовски, човекот кој од неговото појавување на медиумската сцена па до денес, не покажа настап со негативна изјава по однос на македонското, напротив. Но преку неговите јавни изјави се забележува неискуството по однос на политиката и правото: имено по неговиот престој во Москва, му било гарантирано за суверенитетот???. Јас сум наишол на примери на договори и дејствија, каде што одредена држава гарантира нечиј територијален интегритет, но сувереност во полна смисла каде друга држава ја овозможува, или некако да ја даде со гаранција, таков пример не сум нашол. Доколку самата држава не е способна да се избори за сопствениот суверенитет, таа не го поседува. Суверенитетот го гарантираат самите државјани/граѓани – народот (така е и според Уставот), односно држава која има капацитет и кадар во војската, дипломатијата и економијата, заедно со еманципирана интелигенција свесна за своите интереси и за суверено однесување. Впрочем денес има многу малку суверени држави во полна смисла на зборот, на прсти да се набројат.

Другите личности и партии, претежно реагираат емоционално, зависно од нивното убедување, без некоја конкретна критика и идеја како би ги решиле проблемите натоварени врз македонското општество. Она што најмногу воодушевува е квалитетната и издржаната критика кои одредени поединци и групации ја искажуваат, користејќи уметност во искажувањето. Впечаток остава бендот „Едвард Бернајз”, но и многу други, што како појава на израз не сме ја имале во толку јасна и опширна форма. Тој индикатор можеби укажува на тоа дека проблемите ке „искалат” одреден дел од народот, дел кој во иднина ке донесе квалитетна општествена и политичка промена. Нека ни е честит 11-ти Октомври – Денот на народното востание!

Авторот на текстот е дипломиран правник.