Мојот обичај претставува статија од овој тип под наслов со прашањата кои ни се дадени како аманет од К. П. Мисирков за да се запрашуваме, со цел разјаснување на нештата кои ни се случуваат на општ план, да ја објавувам на Денот на народното востание – 11 Октомври, на датумот кога народот му објавил антифашистичка војна на угнетувачот. Но бидејќи станува збор за вонредна состојба во која западнавме, се решив статијата да ја објавам предвреме, на овој голем ден кој е важен за православните мислители и набљудувачи на светот – денот на Преображение на Господ Исус Христос (поопширно).
Пролегомена:
СВЕТОТ МУ ОБЈАВИ ЦЕЛОСНА/ТОТАЛНА ВОЈНА НА СИНОТ ЧОВЕЧКИ
И чествувајќи го овој голем православен ден, честопати мислата ме наведувала кон обидот да разберам што навистина им се открило на Св. апостоли Петар, Јаков и Јован на Тавор? Зависно од какво стојалиште сум поаѓал (православно, секуларно, модерно и др.), често сум доаѓал до разни заклучоци, контрадикторни едни со други. Во едно сум сосем сигурен – Таворската светлина претставува видение на апостолите на еден друг свет кој е од нетварна природа!
Светот уште од настанокот води војна против Синот Човечки, односно против вистинитата природа на човечкото битие, и тоа можеме да го утврдиме и во нашето светоотечко предание. Но во веков кој го живееме, постои новина – и е наречена како трансхуманизам! Трансхуманизмот претставува конкретно оправдување, филозофија односно образец преку кој човекот ке престане да постои како човечко битие. Тоа освојување на човекот, е во план (според официјалните статистики на главните двигатели) да достигне крајна фаза во почетокот на втората половина на XXI-от век. Со ова освен што ке се видоизмени човекот каков што го познаваме, туку и самиот Исус Христос ке наиде на целосна негација односно негирање дека претставува Господ (оттука е изведен и зборот господин) – или највисок авторитет за дефинирање на човечноста, за она што го прави човека човек, за она што претставува човечко битие. Да се биде човек значи да се тежнее да се живее по Христовиот пример – Христоподобно значи човечно!
Доколку Таворската светлина претставува потврда за нетварниот, вистинскиот свет односно дека веќе сме во состојба во која сè е резултат на два света – нетварниот/вистинскиот и плотскиот/овоземниот, тогаш несомнено сме навлезени во фаза преку биоцид на човекот и природата, на влегување и на трет свет – условно кажано виртуелен. Таа новина која постои во веков, наговестува за епскиот карактер на борбата против човекот како човечко битие или попрецизно кажано за обид човекот со неговиот ум и дух да се зароби, покрај телесната/плотска, во уште една (виртуелно-техничка) димензија.
СВЕТОТ МУ ОБЈАВИ ЦЕЛОСНА/ТОТАЛНА ВОЈНА НА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО БИТИЕ
Освен што е објавена целосна војна против човечкото суштествување, преку конкретен план за негово финално освојување/заробување, новина претставува на веков и конкретниот план (повеќе во анализата на А. Корибко) за конечно освојување/уништување на македонското национално битие или во најмала рака план за негово експериментирање од надворешен фактор.
Со спогодбата од Нивици, повторно се отворија прашањата: Што значи македонско? Што значи да се биде Македонец? Што е Македонија? Згора на тоа, се стави во дилема/се погази сè што досега е направено за да се формира и афирмира македонската национална свест!
Од историјата согледуваме дека нема дилема за постоењето на македонскиот етнос, како и за неговиот неколкумилениумски континуитет од прапочетокот на своето основање па до денес. Но доколку го тргнеме настрана етногенетскиот аспект, кој има тварна природа, македонското национално битие кое има повеќе духовен карактер, не секогаш постоело односно имало свои долги историски прекини. Македонецот не секогаш се чувствувал како Македонец, несакал да се чувствува или во најмала рака бил во дилема дали е тоа што е.
По Св. Климента, нашиот народ добива промена/осамостојување во начинот на размислување, во смислата на нештата и во согледувањето. А по Самуила, тоа и се втемелува преку повторното одржавотворување на македонското битие. Оттогаш па до денес, „македонско“ значи човек по етнос македонски, со славјанофонски говор и православна вероисповед. Пред овие историски периоди, оној дел од човештвото а по етнос македонски, по падот на државата Македонија под Рим, која била со монархистичко уредување, па до Св. Климента и Самуила, бил во дилема или се идентификувал како дел од нешто друго – најчесто како Римјани/Ромеи.
Пред падот на државата Македонија под Римската Република односно од Филип Македонски, македонското битие било на својот врв, и претставувало гордост (светска мода) да се биде човек по етнос македонски. Што во овој период претставувало „македонско“, и на кои темели било поставено македонското битие, и до ден денес за тоа постојат расправии од секаков тип. Јасно е дека тоа тогаш означувало човек од македонски етнос кој своето дефинирање за човештвото го пронаоѓал по митските јунаци како Персеј, Прометеј, Херакле и по Дионис – јунаци за кои во голема мера станувало збор за карактери со човекољубиви, слободарски и алтруистички (за општо добро) црти.
Но светот, преку спогодбата која сè повеќе наликува на ултиматум, бара од нас „признание“ според кое ке кажеме дека ние не сме по етнос Македонци, туку само луѓе со славјанофонски говор, можеби бугаро-словени, случајно најдени на географска Македонија. Со тоа се укинува македонското суштествување и традициите врз кои почива тоа. Уште повеќе, преку спогодбата се укинува и националното битие, преку барањето да не постои македонска држава – а како и би постоела доколку државно-правно не постои Македонски народ?
Удрено е по суштината на македонското национално битие – тоа е повеќе од јасно и разбирливо е потресувањето на народот. Се надевам нема да ја доживееме судбината на Ромеите, на кои откако политичкиот врв им ја продал духовната суштина во Лион, се претвориле во беспомошни жртви на туѓинци, кои накрајот ги уништиле како држава а нивните земји ги присвоиле како за свои – за оваа лекција подетално погледајте на линкот.
СВЕТОТ МУ ОБЈАВИ ЦЕЛОСНА/ТОТАЛНА ВОЈНА НА СТАРОПЛАНИНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ – БАЛКАНОТ
Нашиот Полуостров го познаваме како место каде отсекогаш имало некаква централна или важна улога. Но сега постои и се наметна како доминантна тенденција таа улога да се оттргне, и никогаш повеќе (или барем за еден подолг период) да не се истакне како појава. Затоа имаме т.н. „Западен Балкан“, Балкан каде официјално го нема своето средиште односно „Централен Балкан“, или само „Југоисточна Европа“.
Веќе сериозно се остварува тоа да нашиот Полуостров (кој е историско словенски) да не е доминиран од славјанофонското население и со словенска етнографија. Мигрантските бранови ке ја одиграат крајната фаза, кои идеално се погодни за завршно решение во услови на лошата демографска слика, која постојано е во минус по домородното население.
И со нестабилни држави, со лоши политики и со несериозен пристап, нашиот Полуостров лесно ке се претвори во место за биоциден отпад противречен по природната околина и природата на човекот. Во таков социјален „смут“, долго време збунето ке се прашуваме сите ние со славјанофонски говор, што сме? и за што сме? суштински неправејќи ништо важно во светов – што е спротивно на досегашната традиција на овој Полуостров.
Што направивме ? 2017-2018
Во овој дел првин мора да ја истакнеме појавата, која за мене лично е многу интересна за набљудување: за само една година врз оние кои себеси гордо се идентификуваат како Македонци, им се наметна дека сè и русофили – иако Груевски цела една декада се обидуваше (макотрпно и вештачки) да создаде правило во кое сите горди Македонци мора да се и членови/симпатизери на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Што значи пред една година доколку себеси се сметавме за Македонци и тоа не го криевме јавно, ние од страна на воздржаниот дел од популацијата бевме сметани за „вмровци“. Сега важи правилото: доколку си Македонец – си против САД, против ЕУ, против НАТО и нормално догматски русофил. Тоа правило Македонец = русофил, е до таа мера наметнато чиниш Македонија е некоја губернија во Руската Федерација, а не држава-членка на ОН. Но сè говори дека „некој“ намерно ги повржува овие поими, со цел македонската популација да се самоцензурира и воздржи од своето истакнување на идентитетот, односно да е несигурна во тоа дали треба јавно да си го изрази своето. Дополнително тоа создава и поделба меѓу Македонците, па така ако се истакне на некоја веселба знамето со Сонцето од Кутлеш – тогаш дефинитивно станува збор за „вмровски“, „русофилски“, „корумпиран“ настан. Но доколку се истакне сегашното државно знаме – тогаш можеби сте сè од горенаведеното но во умерена (moderate) смисла.
Оваа лето 2018-та, политичките партии од т.н. македонски блок: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, само го потврдија официјално она што народот го пречувствуваше – овие две партии се најголемото зло што постои по независноста од 1991 во Македонија! Со непобитни факти, кои што влегуваат во категорија ноторни односно општопознати, претставниците на македонскиот политички врв си го потврдија својот анационален, крајно корумпиран и опортунистички карактер. Тие заедно со нефункционалниот систем, се работи во Македонија кои првенствено треба да бидат уништени/сменети, додека претставниците на политичкиот врв да бидат осудени и од судот и од историјата за да се дадат како пример (за никогаш повеќе) и со цел да се отстапи простор за нов праведен и функционален систем, како и за нова политичка елита која ке биде бенефактор, а не идиотска.
Епскиот карактер на нештата говори дека немаме веќе право на грешки, и како луѓе но и како народ, особено при идниот избор кој да ни ги претставува интересите.
Што се однесува до новите партии, очигледен замав зедоа Левица и Единствена Македонија, благодарение на своите доследни ставови. Е. Македонија со „вмровски“ камен ја удри партијата ВМРО-ДПМНЕ, односно проруското расположение кое го создаваше претходно структурата на Груевски меѓу своите членови и симпатизери, како алтернатива и одговор на обвинувањата на СДСМ за закочените НАТО интеграции и status quo, сега со своите понизни и опортунистички ставови, ВМРО-ДПМНЕ изгуби голем дел од членството и симпатизерите (особено оние со проруски гледишта) кои во најголема мера преминаа во (или за) Е. Македонија. Особено смешен е ставот кој постојано официјалните лица го повторуваат и кој гласи дека ВМРО-ДПМНЕ била „одговорна партија“, но очигледно не разбираат дека тие изјави народот ги согледува како одговорност/понизност пред странските амбасади, што е крајно контрапродуктивно. Левица пак ја има благонаклоноста на опортунистите од ВМРО-ДПМНЕ, од причина што оваа партија најчесто одзема од членовите и симпатизерите на СДСМ по лево-идеолошка линија.
Ако согледуваме од позиција на македонските општи интереси, добро е што се појавија партии кои им „дишат во врат“ на двете најголеми партии и редно време е да се случи пад на двопартискиот систем во условно кажано македонскиот блок, од причина што на ВМРО-ДПМНЕ им е смален просторот за пазар на националните интереси, и доколку не се произнесе со јасен став за бојкот на претстојниот референдум, несомнено е дека ке биде „прегазена“ од Единствена Македонија, која има јасен и одлучен став по ова прашање. Истото станува збор и за СДСМ каде Левица ја притиска особено по социјалните прашања.
Што треба да правиме ? 2018–?
Откако политичкиот врв е debunk-иран односно разоткриен во своите подли намери од страна на народот, ке направи сè за да успеат, во спротивно нивната лична егзистенција и безбедност ке им биде загрозена. Јасно е дека огромен притисок постои врз вработените во државната администрација за да излезат на претстојниот референдум, со цел да помине успешно и да се даде легитимитет на овој геноциден процес. Ним им е потребно отисокот на папиларните линии и потписот кој треба да го дадат граѓаните на гласачките места, потоа е лесен процесот за фалсификување на гласовите, преку смена на гласачките листови.
Голем дел, ако не и сите, ке паднат под притисокот, што значи тие 150 000 ке бидат како бројка запишани на претстојниот референдум. Со некаде (+- фалсификувани) 200 000 гласачи од албанско потекло и со некаде 250 000 традиционални гласачи на СДСМ, теоретски се достигнува бројката од „сигурни“ 600 000. Во таа најоптимистичка реакција во корист за легализирање на геноцидниот процес, клучната улога ке ја имаат оние кои на претходните избори гласале за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Сходно на тоа, разбираме дека многу е важен официјалниот став на оваа партија во врска со референдумот – за да немаат дилема тие гласачи во своето делување/бојкотирање.
Исходот на референдумот за нас Македонците како народ е во смисол: „Да се биде или не“ (Хамлет).
Но што и да се случи пред и по 30 септември, едно е сигурно: брзи решенија за македонските проблеми не постојат! И никој однадвор не ни е целосното решение. Дополнителен факт е присуството на голема омраза и негативна енергија меѓу народот, и таа енергија кога-тогаш ке се излие на некој настан. Тоа наведува дека е потребно луѓето со авторитет меѓу народот, внимателно да ја канализираат/насочуваат таа енергија, затоа што лесно може да премине во општо неконтролирана и насилна ескалација, каде многу невини лица ке настрадаат, што ке биде состојба на предност за двигателите на овој геноциден процес. Тие и онака голем удар зададоа врз нас, со тоа што веќе официјално сме поделени и на раб на граѓанска војна – ако главната поента на целокупниот процес не е и тоа.
По ваква акција против нас, македонското национално битие може да закрепне само доколку во блиска иднина оствари целосна победа по одредено политичко прашање. Логична реакција на Македонскиот народ, би била докажувањето во тоа дека оваа држава е негова држава и дека тој претставува државотворниот народ (единствениот). Албанските застапници на идејата за претворање на Македонија во бинационална/билингвистичка држава, на Призренскиот идеал (Shqipëria Etnike), на радикални исламски концепти и сите оние претставници кои имаат конекција со страни и очигледно непријателски држави, се погодни мети за реакционерното однесување на Македонците. Напоменувам повторно – само со целосна или тотална победа врз нив, победа која ке ја поттикне „пасионарната експлозија“ (Л. Гумиљев) во колективниот дух на Македонците – пасија која ке мотивира еден човек да работи (а со тоа и да вреди) колку за десет/сто луѓе. Само така можеме да надокнадиме за малиот број на население кој се соочува со решавање на гигантски проблеми, или фокус кон квалитет заради малиот квантитет.
Фактори на изненадување кои досега настанаа и се непријатни за двигателите на овој геноциден процес се: 1) зголемената мобилизација на младите, нивната одлучна и храбра дрскост во разни кампањи и политички (но не и партиски) дејствија; 2) доследниот и цврст став на претседателот на Републиката, што беше навистина изненадувачки; 3) високиот степен на организираност на дијаспората; 4) веќе измината шок-фаза меѓу Македонците – што се очекуваше да трае повеќе; и 5) забрзаните глобални поместувања кои одат во корист на мултиполарна меѓународна насока: средбата Путин-Трамп и победата на Ердоган во Турција.
За крај, ке посочам дека јас како млад човек, освен што несакам да се убие човечкото во човекот и македонското во Македонецот, несакам ниту да сум припадник на „губитничка нација“ – како што современите Грци нè велат, односно несакам мојата македонска нација да стане пример за таква нација.
И затоа ке запрашам „Од што се плашиш мал човеку?“
Јас #Бојкотирам!
Авторот на текстот е дипломиран правник.