ПОВЕЌЕ ЗА САД – ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ – ПОВЕЌЕ ЗА ГЕРМАНИЈА
Минатиот понеделник (17 септември) се одржа дводневен самит во Букурешт на Триморската иницијатива (Three Seas Initiative). Станува збор за меѓународна иницијатива во која се нудат економски можности за развој и поврзување на земјите од т.н. млада Европа (наречени така заради подоцнежното членство во ЕУ за разлика од земјите во Западна Европа), односно земјите од Балтикот и Јадранот па до Црното Море. Во оваа политичка географија на Триморската иницијатива, се опфатени вкупно 12 земји со население од над 112 милиони и со некаде над 2 трилиони долари БДП вкупно од државите кои се дел од оваа меѓународна иницијатива. Тука спаѓаат Балтичките земји односно Естонија, Латвија и Литванија, земјите од Вишеградската група или Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, заедно со Австрија, Словенија, Хрватска, Романија и Бугарија.
Оваа меѓународно здружување претставува евроатлантски проект или во најмала рака проект поттикнат од нив, отсликувајќи ја таа назнака преку тоа што на овој самит и на претходните, присуствуваа и голема поддршка на иницијативата даваат и претставниците од Германија и од САД заедно со високите функционери на ЕУ.
„Третиот самит ја рефлектира нашата определеност да постигнеме економски интегрирана Европска Унија и со тоа да станеме посилен трансатлантски партнер.“ – истакнала Колинда Грабар-Китаровиќ на овогодинешниот самит во Букурешт кој претставува трет по ред на оваа иницијатива.
Како поважни економско-енергетски проекти кои се поддржани од оваа меѓународна иницијатива се инфраструктурниот проект Виа Карпатија – земјен пат кој треба да го поврзе солунското пристаниште со литванскиот град Клајпеда/Мемел кој излегува на Балтичкото Море, поврзување на гасоводната инфраструктура и за снабдување на земјите со течен природен гас од терминалите во Хрватска (планиран да се изгради на островот Крк) и Полска, а со цел намалување на енергетската зависност од Русија на ЕУ. Виа Карпатија е посебно интересен инфраструктурен проект за Македонија, од причина што патот не поминува преку државата Македонија – со што се одбегнува досега традиционалната рута во правец југ-север и север-југ преку Вардарската Долина, но од друга страна Виа Карпатија ќе поминува низ Пиринска Македонија – со што се зголемува стратешката важност на регионот Македонија.
На овогодинешниот самит во Букурешт во улога на домаќин беше романскиот претседател Клаус Јоханис (кој води потекло од Саксонците населени во Трансилванија), каде освен претставниците на другите 11 земји-членки присуствуваа и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер кој изрази целосна поддршка за иницијативата, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и американскиот секретар за енергетика Рик Пери.
На пленарната сесија на самитот насловена како „Иницијатива која обезбедува – клучни проекти во енергетската, транспортната и дигиталната меѓуповрзаност. Триморската иницијатива како катализатор за кохезија и конвергенција на ЕУ и за зајакнување на трансатлантската врска“, била усвоена заедничка декларација. Првиот самит на оваа иницијатива бил одржан во Дубровник во 2016-та година, каде во улога на домаќин бил хрватскиот претседател Колинда Грабар-Китаровиќ. На вториот по ред самит на Триморската иницијатива одржан во Варшава минатата година, присуствувал и Доналд Трамп – претседателот на САД.