ЗАПАД: НОВИ ПРЕДВЕСНИЦИ НА МУЛТИПОЛАРНАТА ГЕОПОЛИТИКА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА САД И БРИТАНИЈАПОВЕЌЕ ЗА ГЕРМАНИЈАПОВЕЌЕ ЗА ФРАНЦИЈА

Изминатиов период од неколку месеци, се случија важни настани кои можат дополнително да придонесат кон идното официјализирање на мултиполарната определба во политичките односи помеѓу државите од Западниот свет:

Конгресни избори во САД

Овие избори познати и како midterms, се одржаа на почетокот на месецов (06 ноември) и на нив многумина гледаа како на еден вид референдум за политиките на Трамп, кои по сè изгледа за претседателот на САД поминаа позитивно, односно од Демократската партија на САД, имаа амбиција да освојат доволно претставници и сенатори, со цел да можат да му поднесат и спроведат импичмент/отповикување на Трамп. Досега во историјата на САД, се имаат случено само два случаја во кои е поднесен импичмент на претседателот (последниот бил поднесен на Бил Клинтон), од кои двата не поминале со зелено светло, а за таа одлука потребна е согласност и од повисокиот конгресен дом, кој ја има надлежноста за конечната одлука. Сепак Демократската партија успеа од овие избори да освои мнозинство во Претставничкиот дом, со што ја зголеми својата фактичка моќ која беше значително нарушена по претседателските избори во 2016-та година, во кои загуби кандидатот Хилари Клинтон, додека Републиканската партија на САД го освои мнозинството во Сенатот – домот кој има поголема моќ во дводомниот Конгрес на САД (вид американско Собрание).

Оваа поделба на Конгресот помеѓу двете партии, всушност ја отсликува состојбата на сега веќе длабоко поделеното американско општество – состојба која многу наликува на онаа која долго време опстојува во нашето македонско општество, и тој резултат може во прашање да ја стави функционалноста на американскиот државен апарат, како на надворешен така и на внатрешен план. Со тоа САД, како Шампион на глобализацијата и униполарност (идеи кои воглавно во овој период ги застапуваат од Демократската партија), во наредните две години нема да има голем простор/а веројатно ниту волја за маневар, со цел да ги успори мултиполарните процеси кои се случуваат во светот. Компликациите со овој распоред на силите се очекуваат и околу процесот познат како Russiagate, односно истрагата за т.н. руско мешање во изборите во САД.

Дополнителни новини во американската политика претставуваат изборот на сè повеќе популарната Александрија Окасио-Кортез – Латиноамериканка која со своите 29 години е најмладата некогаш избраничка во Претставничкиот дом, и Илхан Омар која претставува прв избран бегалец и муслиманка од Сомалија во истоимениот дом, двете од Демократската партија. Воопшто од оваа партија во предизборието (на овие избори освен конгресни избори, се одржаа и т.н. државни избори, во кои се избираа гувернерите и претставниците во легислативата на државно ниво, локални избори и гласање за разни мерки) како понуди на граѓаните, очекувано се промовираа одмаздата кон Трамп, зголемувањето на претставници во Конгресот од ЛГБТ заедницата, од женскиот пол (гинократија) и од небелото население (т.н. colored people). Преку гласањето за мерките (ballot measures), се гласаше и за предлози за олеснување на законската регулатива околу употребата на дрогите, регулатива која се одобри во Мичиген, Јута и Мисури, и во тие држави ќе се легализира употребата на „медицинска“ марихуана односно „рекреативна“ марихуана – нови називи кои најверојатно се измислени со цел правно и научно манипулирање.

Постигнување на договорот за Брексит

Вчера се достави до британскиот Кабинет нацрт-верзијата (draft) на договорот, за кој преговорите напреднале во фази, иако сеуште не е официјално постигнат помеѓу британската Влада и ЕУ, со цел конечно излегување на Обединетото Кралство од Унијата. Британскиот премиер Тереза Меј, ќе мора за договореното да добие одобрување и од Вестминстерската палата (британскиот законодавен дом). Преговорите околу идниот статус на границата помеѓу Република Ирска и Северна Ирска – една дел од Унијата а друга дел од Обединетото Кралство, дополнително го одлагаа овој договор за излез од ЕУ. Сепак многу извесно е дека во блиска иднина Обединетото Кралство формално ќе ја напушти ЕУ, а со тоа сонот за голема европска нација со атлантска односно таласократска ориентација ќе стане апсолутно невозможен, додека Брексит ќе послужи и како пример за другите членки на ЕУ, кои нема да се согласат да бидат асимилирани во наднационалниот мега проект на Брисел.

Говорот на Ангела Меркел во Парламентот на ЕУ

Иако германскиот канцелар претставува политичар на залез, сепак говорот кој го изложи минатиот вторник (13 ноември) пред европратениците е важен од причина што јавно повика на поддршка за макроновата иницијатива за формирање на т.н. европска армија. Оваа идеја се имплементира извесен период на нетранспарентен начин, и веќе има воспоставени темели (PESCO), но по јавниот повик на францускиот претседател Емануил Макрон, оваа идеја сè повеќе се афирмира и обзнанува од политичарите на земјите-основачи на ЕУ. Воспоставувањето на европската армија, дополнително ќе ја намали потребата од присуството на НАТО, а доколку Вишеградската група се согласи за понатамошна интеграција во ЕУ механизмите, Германија ќе ги има сите предуслови да стане независен геополитички субјект (сепак со мултиполарна насока), како стожерна земја на ЕУ. Во пракса, создавање на единствен политички центар односно повеќе обединета Европска Унија, е многу неизвесна цел, од причина што во Европа веќе постојат политички процеси кои зедоа замав и кои имаат антиатлантистичка ориентација, со наклоност кон телурократската мисла. Политичката борба помеѓу оние кои поддржуваат „Европска нација“ и оние кои поддржуваат „Европа на нациите“ во самата ЕУ, можно е да прерасне во еден вид граѓанска војна, а слична опасност постои и во САД (глобализам vs реализам). На идејата за формирање на европската армија, Трамп жестоко се огласи против, воедно при престојот во Париз го нападна претседателот Макрон:

„Емануил Макрон предлага создавање на сопствена армија за заштита на Европа против САД, Кина и Русија. Но, тоа беше Германија во Првата и Втората светска војна – како тоа функционираше за Франција? Почнаа да учат германски јазик во Париз пред да дојдат Американците. Плати за НАТО или не!“ – напиша Трамп на својот Twitter профил.

Владината коалиција во Италија

По резултатите од последните избори во Италија минатата пролет, моќта од позиција на државна власт ја презедоа Матео Салвини од Lega Nord и Луиџи Ди Мајо од Movimento 5 Stelle (5-ѕвезденото движење). Тие всушност на 1 јуни, формираа коалициона Влада под мандат на Џузепе Конте, која освен што веднаш започна независно и суверено да делува во однос на Брисел, како земја-основач на ЕУ и една од поважните земји во еврозоната (мултиполарна насока), е значајна и од причина што оваа коалиција е составена од десните и левите популисти, кои од mainstream медиумите најчесто се игнорирани и нарекувани како ксенофоби, маргиналци, националисти, фашисти, радикалисти, крајни десничари, крајни левичари, евроскептици и слично. Во суштина таквиот сојуз, кој за многумина идеолошки е невозможен, претставува практичен одраз на новата политичка парадигма во Европа. Или отфрлување на идеолошката поделба на левичари и десничари, и нивен спој под идеите за зачувување на колективните идентитети, сочувување на природата, остварување на социјалната правда и борбата против левите и десните плутократски елити – отуѓени политичари, политички коректни, кои ги прифаќаат индивидуализмот и либерализмот како главни во своето политичко размислување и делување. Овој тренд на појава на нови политички сили од типот на италијанските, кој е целосно во склад со мултиполаризмот, значи и почетно втемелување на практичните основи на новите идеолошки теории.

Исто така постојат малку познати за пошироката јавност, современи теоретски дела кои говорат за слична политичка парадигма и слични идеолошки решенија, едните напишани во Русија, кои произнесуваат идеи како националболшевизам, лаократија и четврта политичка теорија, а другите напишани во Македонија, кои произнесуваат идеи како василеизам и манипулација на трите идеологии. Особина за тие дела е тоа што сите ја отфрлаат конвенционалната поделба на лева и десна идеологија.