ФРАНЦИЈА: БУНТОТ НА ЖОЛТИТЕ ЕЛЕЦИ НЕ ПРЕСТАНУВА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА ФРАНЦИЈА

Сеопштата народна буна која ја зафати цела Франција, и која по многу што наликува на еден вид постмодерна револуција, не престана, иако се очекуваше по јавно најавените мерки по говорот на Макрон и по бруталната употреба на сила од страна на полицијата, да ја задуши или барем да го намали интензитетот на овој сенароден бунт.

Хронолошки, овие настани во Франција првин биле поттикнати од разни интернет иницијативи кои се случиле претходно годинава, и кои биле без партиски предзнак, со исполнети предуслови од претходните раководства и сегашното, за хибридно војување на француско тло како што се социјалното незадоволство, елитистичкиот поглед на политичките и разни други општествени чинители со отстапено внимание во mainstream медиумите, погазена национална гордост, арогантно и самоуверено менаџирање на перцепцијата и бесрамна манипулација со вистината, замав на корупцијата и сл. По наративот на народот кој се бунтува, досега биле одиграни вкупно 5 т.н. Акта (помасовни протести и жестоки судири со безбедносните сили), од кои првиот се одвивал на 17 ноември годинава. Резултатот од овие пет акта на Жолтите елеци (франц. Gilets jaunes) досега е: илјадници уапсени бунтовници, стотина сериозно повредени, околу десеттина загинати (бројките варираат зависно од изворите), а се мобилизирани околу 90 000 жандармери, најмногу распоредени во Париз и околината. Штетите врз јавните згради, продавниците и објектите се бројат во милиони евра.

gilets_jaunes_manifesto

Жолтиот елек како униформа но и сега веќе симбол на отпорот, бил избран од причина што законски секој кој влегува во патниот сообраќај и е сопственик на одредено возило, е обврзан да поседува таков елек како дел од опремата за вонредни и итни сообраќајни случаеви. Тој воочлив елек кој е достапен за секого, е избран и од причина што официјалниот повод за започнувањето на бунтот на Жолтите елеци против власта на Макрон, претставува покачувањето на цената на горивата. Но иако mainstream медиумите се обидоа официјалниот повод да го прикажат како единствен мотив, односно дека Жолтите елеци се бунтуваат против власта само заради незадоволството кое потекнува од социјалната природа, најголем дел од бунтовниците ги поддржаа пакет барањата од вкупно 25 точки, кои сепак содржат и суштинска политичка одредница. А од последниот масовен протест (петтиот акт), кој се случи пред неколку дена и кој исто така заврши со насилство, беше испорачано едно единствено барање до власта: францускиот претседател Емануил Макрон и неговиот кабинет да поднесат оставка.

Манипулацијата на француските mainstream медиуми

lite_facebook_image_saved_16Dec201872124pm

Идејната основа на Жолтите елеци

Овој француски сенароден бунт, всушност е предизвикан од духот на новото време, кој се отсликува преку борбата на народот или мнозинството против отуѓените плутократски елити со тоталитарни тенденции односно малцинството. Жолтите елеци немаат јасно дефинирани и усогласени идеолошки црти, но од барањата и од симболиката може лесно да се увиди дека станува збор за револт поттикнат од критиката кон Западот, неолиберализмот и новиот светски поредок со едноцентрично политичко управување односно глобализација по универзална западна замисла. Жолтите елеци се согледуваат како популистичко движење, и како такви добија широка поддршка од левите и десните популисти од Франција (Меланшон и Ле Пен), но и од целиот свет. Интересно за забележување е и тоа што Жолтите елеци добија јавна поддршка и од француските католички монархисти (Бурбонска династија).

lite_facebook_image_saved_17Dec201863940pm (2)

Можно е оваа движење да претставува патент за постмодерна револуција, кој би можел да се употребува онаму каде што народните интереси не се застапени како приоритетни од државната власт, а на тоа место да се ставени интересите на малцинството (олигархиски, плутократски). Тоа движење заедно со актуелната италијанска Влада, како своевиден популистички патент од позиција на власт, практично го обликуваат новиот политички свет. Жолтиот елек како симбол, се појавува на протестите и во Македонија, Израил, Белгија, Холандија, Бугарија, Црна Гора… додека во Египет дури и се забрани масовната продажба и лесната достапност на оваа униформа, од страв народот таму да не се поттикне на бунт на сличен начин како во Франција.

Главните особини врз кои почива оваа движење се: apolitea интернет иницијатива преку социјалните мрежи; користење на алтернативните медиуми во инфосферата; солидарност помеѓу поддржувачите на иницијативата во текот на теренските активности и непризнавање на ниеден поединец или група како водач(и) на иницијативата – тактика со цел да се оневозможат преговори (а со тоа и манипулирање) со власта сè додека не поднесе оставка и не се предизвикаат нови избори.

Геополитички осврт

Многумина обвинуваат дека зад овие бунтувања ширум Франција стои т.н. руско влијание. Но Путин веќе негативно се огласи за Жолтите елеци, од причина што постои олигархиска компонента во самиот руски државен врв која има силно влијание во руското општество, како и тоа што годинава се спроведоа пензиските реформи во Русија, кои наидоа на големо негодување од руската јавност и предизвикаа социјално незадоволство. Дополнително, можниот пад на Макрон, ќе го загрози или одложи процесот за формирање на т.н. европска армија. Тие состојби многу повеќе одат во полза на политиките на Трамп, односно школата на реализмот во САД, разбира дека глобализацијата е пропаднат проект, но како долгорочна цел имаат поставено САД да го има приматот во мултиполарниот свет, или да се одржува како највлијателна суперсила од останатите суперсили, па отстранувањето на американското воено присуство во континентална Европа преку формирање на европска армија е против оваа цел, а во корист на т.н. „Финландизација на Европа“ односно во корист на Русија која себеси се гледа како телурократска империја и вечен непријател на таласократските империи (Британија и САД). Трамп ќе се обидува да го замрзне овој процес во ЕУ, или барем да го одложи на одреден период.

Исто така, на ред се изборите во ЕУ, за кои бруталните напади на безбедносните сили врз протестите, цинизмот и ароганцијата на Макрон – човекот кој се согледува како „претседател на богатите“, како експонент на банкарската фамилија Ротшилд и како претставник на последната политичка гарнитура на власт во големите европски држави кои го поддржуваат процесот на глобализацијата и создавањето на единствена европска нација, дадоа материјал за негативна кампања. Логично е да се очекува по овие случувања европските популисти и конзервативци (етикетирани како евроскептици), со дополнителна помош од Стив Бенон и Виктор Орбан, да извојуваат лесна победа на претстојните избори, кои целосно ќе ја променат политичката структура во Европа и самата политика на земјите-членки на ЕУ.

По Божик кој во Франција се празнува по грегоријанскиот календар, очекувањата се бунтот да прекине, да го видоизмени активизмот или драстично да го намали интензитетот.