ИЛИРСКИОТ ДЕЛ ОД ПОЛУОСТРОВОТ: ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОЖНУВАЊА НА ПРОБЛЕМИТЕ

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ

При крајот на оваа 2018-та година, политичките прилики на овој дел од Балканот дополнително станаа испреплетени со нови случувања кои ги заоштрија односите и ја радикализираат реториката.

СРБИЈА:

Самопрогласената држава на територијата на АП Косово и Метохија – „Република Косово“ обзнани создавање на своја војска

Дијалогот помеѓу Белград и Приштина се претвори во еден вид ултиматум врз Србија, откако т.н. косовски власти изгласаа во својот законодавен дом резолуција за дијалог, според која продолжувањето на разговорите со Белград под посредство на Брисел ќе се настават само доколку крајниот резултат од разговорите заврши со меѓусебно признавање, членство на т.н. Република Косово во ОН и поддршка за евроатлантски интеграции на истоимената непризнаена држава. Претходно беше изгласано создавање на сопствена војска, одлука која е вон сите правни рамки (дури и против т.н. косовски Устав) и воведување на такса од 100% врз српските производи кои се увезуваат особено на Северот од оваа покраина односно непризнаена држава, одлука која исто така е против нормите на CEFTA, а „Република Косово“ обврзана да ги почитува затоа што преку туторство и меѓународно застапништво на UNMIK претставува потписник на овој меѓународен трговски договор. Согласно со последната провокативна резолуција за дијалог со ултимативните барања, дополнителна навреда за српските национални чувства претставува и усогласениот состав на преговарачкиот тим на Приштина, во кој ќе членуваат воедно и ќе го предводат тимот Фатмир Љимај и Шпенд Ахмети, првиот воен злосторник и припадник на некогашната озогласена Дреничка група – која дејствувала и вршела злостори врз цивилното население во текот на воените дејствија на Космет (тогашна држава СР Југославија) во 90-тите години, вториот актуелен градоначалник на Приштина.

Овие акции на „Република Косово“, наидоа претходно на одобрување од амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет, а поддршка беше јавно искажана од Британија и Германија. Претставниците на ЕУ и генералниот секретар на НАТО искажаа резервиран став, додека Руската Федерација заедно со Кина ја поддржаа Србија и беше свикана седница во Советот за безбедност при ОН, одржана на 17-ти месецов, на која се дискутираше за одлуката противправно да се формира т.н. косовска војска.

„Денес, институциите во Косово најавија усвојување на трите закони кои го започнаа процесот на транзиција на Косовските безбедносни сили. Жалам што оваа одлука беше донесена и покрај загриженоста изразена од НАТО. Додека транзицијата на Косовските безбедносни сили е во принцип прашање за Косово да одлучи, ние јасно ставивме до знаење дека овој потег е лошо темпиран“ – посочи Јенс Столтенберг.

Се најавуваат уште пожестоки мерки, како покачувањето на таксите до 1000% врз српските производи и барања за воена оштета од Србија. Официјална Србија не ја исклучува можноста за воена интервенција.

Овие заоштрени мерки и реторика врз Белград од страна на Приштина, претставуваат одговор на дипломатските победи на Србија: во Интерпол каде „Република Косово“ се обиде да стане членка, но таа апликација беше отфрлена со гласањето од земјите кои се веќе членки, на Генералното собрание одржано во Дубаи; во Обединетите Нации, преку намалувањето на бројот на земјите-членки на ОН кои го признаваат Косово како држава – реверзибилен и крајно негативен процес по меѓународното признавање на „Република Косово“; како и попречувањето на договорот од Брисел, склучен 2013-та година, според кој е предвидено создавање на Заедница на српски општини, но и компании за електропроизводство и електродистрибуција, кои се од голема важност за независност на економијата на „Република Косово“.

Косовското прашање, кое често го дестабилизира централниот регион на нашиот Полуостров, со тоа и Македонија, е премногу сложено за едноставно решавање, затоа што околу оваа прашање се испреплетени настани кои се претходно случени и кои имале насилна природа. По Кумановскиот воено-технички договор (1999 год.), односно откако војската на СР Југославија се повлекла од покраината Космет и се прекинале воените дејствија и НАТО бомбардирањето, во 2004 година во присуство на меѓународните сили се случило масовно протерување на Србите од Космет, настан познат и како Мартовски погром, кој ја видоизменил етнографската слика на оваа покраина, дополнително намалувајќи го бројот на Србите од некаде 19% на 5-6% (процес од 1989-та година кој сè уште трае). Во 2008-та година, еднострано и против правните рамки од резолуцијата 1244 и Уставот на Република Србија, било прогласено независност на „Република Косово“. Во 2010 година било донесено одлука од страна на Меѓународниот Суд во Хаг во врска со прогласот за независност. По овие настани, со одобрение од Србија, започнала мисијата на EULEX. Како придобивка од делумното признавање од страна на Белград, Србите добиле 79% полициски припадници во северниот дел од покраината и еден командир во составот на косовската полиција.

До идната пролет 2019-та, се очекува финален договор помеѓу Белград и Приштина.

Составот и одличје на т.н. косовска војска

Оваа војска е замислена да биде составена од 5000 активни припадници со 3000 резервен состав. За тие цели оваа војска структурално е устроена на: Команда за копнени воени сили; Команда за национална гарда; Команда за логистика и Команда за обука. Се претпоставува дека националната гарда на „Република Косово“ во најголем дел ќе биде составена од припадниците на ОВК (Ushtria Çlirimtare e Kosovës), додека постојат информации дека веќе за потребите на оваа армија постојат школувани кадри кои се/биле стипендирани во воените академии на САД (Вест Поинт), Швајцарија и Турција. По замислениот структурален состав, војската на „Република Косово“ очигледно е базирана врз американските воени правила. Донации веќе се пристигнати од САД во облик на воени униформи, возила и сл.

Масовни протести во Белград

Во пресрет на горенаведените настани, опозиционата коалиција во Србија, именувана како „Савез за Србију“, предводена од Драган Ѓилас, покренаа масовни протести во Белград. Официјалниот повод за овие масовни протести на кои излегоа десеттина илјади граѓани под слоганите „Стоп крвавим кошуљама“ и „Један од пет милиона“, е физичкиот напад врз еден политичар од Левица (партија која е дел од опозиционата коалиција) во Србија. Од претставниците на српската власт пак обвинуваат дека овие протести се поврзани со косовските случувања, посочувајќи на изјавата на Р. Харадинај, дека целта била да се собори власта во Белград и да се создаде политички хаос.

Можно е идната година, во наредните месеци што следат да се одржат нови избори во Србија.

Наводен антисрпски пакт

Енвер Хоџај, кој е сегашен вицепремиер на „Република Косово“, за хрватските медиуми изнел информации дека разговарал за официјално здружување на силите на „Република Косово“, Црна Гора, Македонија и Хрватска против Србија и српските интереси. Без разлика колку претставува релевантен повикувачот и моменталната интересовна основа за создавање на таков пакт, во српското јавно мислење, преку демагогија на разни јавни личности, овие привидни докази веќе ја зголемија паранојата кај српскиот народ (нешто што е одамна присутно и кај нашиот народ, можеби и со право!), со мислење дека постои координирана акција против нив од страна на соседните држави, но и со многу полошото мислење – од страна на соседните народи. Таквата состојба во јавното мнение, можно е да предизвика одредени импликации врз меѓучовечките и секојдневните односи на Македонците со Србите и дополнително да се зголеми отуѓувањето помеѓу словенофонските народи на Полуостровот, или сите со сомничави погледи ирационално насочени еден кон друг како резултат на долгоспроведуваната империјална доктрина Divide et impera. Неможноста да се усогласат интересите на Србија, Македонија и Бугарија, преку меѓусебно признание и консензус во определувањето на своите сфери, прави долгорочни последици врз словенофонското полуостровско население во целина и практично дисфункционален и хаотичен Балкан.

Албанизација на областа Санџак/Рашка

Околијата околу градот Нов Пазар, која во минатото била посебно издвоена територијално-административна единица во Османлиската Империја и стратегиски важна затоа што во еден период претставувала единствен мост кој ја поврзувал Босна со останатиот дел од Европска Турција, денес претставува мултиетничка погранична област помеѓу Србија и Црна Гора во која мнозински преовладува мохамеданското население. По замислените граници на т.н. Голема Албанија, во неа спаѓа и оваа културолошки богата област, каде во последниот период албанската идентитетска опција меѓу муслиманското население е засилена. Три политички фигури се присутни на теренот таму и кај сите три преовладале различни визии за Санџак односно Рашка: Сулејман Угљанин, кој по сè изгледа прифатил да ја застапува албанската опција и овој политичар има упоришта во градовите Сеница и Тутин; социјалдемократот Расим Љаиќ, искусен политичар и долгогодишен член во повеќе влади на Србија, и муфтијата Муамер Зукорлиќ, кој е сè поприсутен во српските медиуми и кој ја застапува автентичната бошњачко-муслиманската (традиционална) опција за Санџак.

Кој од овие политичари, во дадениот момент ќе доминира во оваа област е важно од причина што не е сè уште утврдено дали албанизацијата на Санџак (или барем обидот за поттикнување на таков процес) ќе претставува дополнителен адут во преговорите во полза за т.н. косовски преговарачки тим, кога ќе се финализира конечниот договор помеѓу Белград и Приштина. Особено постои опасност за Санџак/Рашка доколку конечното решение всушност содржи разграничување преку размена на територии (општини).

ХРВАТСКА И БОСНА:

Хрватска Декларација за Босна и Херцеговина

Месецов, во хрватското Собрание (Sabor), се расправаше за „Декларација за положбата на Хрватите во Босна и Херцеговина и европскиот пат на Босна и Херцеговина“, и истата во петокот на 14-ти е усвоена со мнозинство гласови. Текстот на овој документ предизвика контроверзии, од причина што упатува на грубо мешање во внатрешните работи на БиХ, а се употребуваа во првичната верзија поимите „хрватски подрачја“ и „хрватски простори“, дури се предвидени и идни уставни насоки за државата која е утврдена по Дејтонскиот мировен договор, додека европските интеграции на БиХ очигледно се користат како изговор и за нив во овој документ со десеттина страни е издвоено помалку од една страна. Иако имаше големи реакции од страна на БиХ, сепак можно е овој документ да претставува еден вид дијалектички предговор за оваа држава составена од два ентитета (Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска) и една област со посебен статус (Брчко), кон слични проблеми и блокади при европските интеграции какви што настанаа врз Македонија од страна на Грција, и кои дадоа повод за разни експериментирања во билатералните односи.