Моралот претставува збир на непишани правила и обичаи со кои се утврдуваат човековите односи и се пресудува што е добро а што лошо. Тој често се дефинира како облик на општествената свест, систем на обичаи, навики и норми. Моралот е релативен бидејќи се менува во зависност од општествените групи и во историските периоди. Централните вредности на моралот се: доброто, исправното и праведното.
Сите општествени заедници поседуваат одредени морални норми. Моралот генерално се одредува како облик на општествената пракса, делување на човековиот однос кон светот, останатите поединци и према самиот себе. Со тоа се изразува став дека само оние постапки се морални кои се подложни на вредносна процена. Таа доаѓа од општествената средина и јавноста, што претставува објективна страна на моралот, а доколку изразат вредносно одобрување на самиот човек, кој ја врши самата постапка тогаш со таквиот чин се оформува субјективната страна на моралот. Нужен предуслов за да една активност стане морална е вршењето да е складно со некој емотивен стадиум на свеста и должноста, а не поради своја лична корист или себичен интерес. Некоја активност станува морална кога некоја индивидуа ја врши не затоа што е приморана туку затоа што така е потребно. Да се изврши еден морален чин, претставува добро, па се оценува како добро, прифатливо и како антипод на тоа – лошо. Доброто и лошото се основни вредносни поими на моралот и етиката, како што се примерите во уметноста, убавото и грдото.
Според Зигмунд Фројд, нормите кои ги дефинира едно општество посебно оние со кои се забрануваат одредени однесувања, личноста делумно ги усвојува, па така неможат ни да станат составен дел од внатрешната структура на личноста. Можеме да тврдиме, уважувајќи ги значајните мислења во оваа област, дека потеклото на моралот е човеков чин и може да се најде во човековото општество односно во самиот човек. Со остварување на самиот соживот со останатите индивидуи во општеството се создавани разни видови на норми со кои се регулирани односите на тоа заедничко живеење. Човекот како слободно, свесно, креативно и одговорно битие, го обликува моралот како творевина која служи за сочувување на самиот човеков идентитет.
Морал и обичај
Обичајот претставува најстара форма на регулирање на општествените односи. Во почетните фази на човековиот развој како и на развојот на општеството, стихијски настанале некои правила со кои се регулирани најразноврсните човекови однесувања. Настануваат од причина да се завладее со природните и општествените процеси. Затоа во основата на обичајот лежи навика или пракса која се формира и постои како резултат на трајна претстава. Бројните обичаи со текот на времето прераснуваат во морални норми. Па поради тоа, постои оправдување да се каже дека моралот потекнува од обичаите. Според тоа под обичајот се подразбираат општествени норми кои се остваруваат во општеството на основа на одредени навики кој се формираат, модифицираат и одржуваат во подолг временски период. Обичајот настанува со долгорочно повторување на примерно однесување. Поради долгорочна примена однесувањата се адаптираат на општествените прилики и стануваат составен дел од однесувањето на луѓето. Во однос на моралот, обичаите се разликуваат по тоа што тие опстојуваат подолго време и многу поспоро се менуваат. Покрај тоа, моралот и неговата примена секогаш се врзани за одредено оценување на однесувањето на луѓето, што не е случај со обичаите. Заедничка карактеристика на обичајот и моралот е во тоа што и една и друга создаваат дифузно општество, а нивната примена не се остварува со принуда од страна на државата. Гледано историски, обичаите се најстарите правила на однесување. Поради нивната константност, окарактеризирани се со конзервативност односно не се подложни на брзи промени. Така старите обичаи тешко се менуваат во навиките на луѓето. Новите обичаи поспоро настануваат и потребно е многу време да станат составен дел од свеста и волјата на луѓето. Прекинот на важноста на некои заостанати обичаи кои се често спротивни и на моралот во новото општество како на пример: крвната освета, не е само проблем кој ја засега државата, туку одредена потреба за негово искоренување, кое има длабоки корени во одредени краеви на една држава. Според тоа, обичајот претставува општествено правило, резултат на долго и стихијно градење од страна на општествената маса. Таа маса често делува и непродуктивно без посебна организација.
Моралот и правото
Факт е дека регулирањето на однесувањето на луѓето не може да се препушти да се одвива спонтано, односно на добрата волја на поединците или стремежот на јавното мислење да ја регулира колективната свест. Во превод ова би значело дека мора да постои некоја власт која би ги контролирала истите за да можат да се развиваат во некоја насока се со цел да се редуцираат негативните влијанија. Државата ги одредува општествените норми кои се означуваат како правно-политички норми. Па согласно тоа правото како научна дисциплина претставува збир од општествени норми, општествени прописи чие непочитување го санкционира самата држава. Правото и моралот се разликуваат по самата содржина но истовремено остваруваат тесна корелација. Разликувањето на правото и моралот е највидливо во односот на санкцијата. Моралот тесно е поврзан со природните права кои пак претставуваат и некој извор на позитивното право. Санкцијата за кршење на моралните норми се изразува како спонтана реакција од страна на општеството, во некои варијанти предвидува и исклучување од самото општество што се разликува од организираната принуда од страна на државата заради спроведување на правните норми. Исто така, моралната должност и правната обврска не се секогаш во склад бидејќи одредена правна работа може својот извор да го пронајде во мотивите кои практично се неморални, а од страна на правното гледиште сепак да е регуларна. Меѓутоа правото во одредена ситуација може да се издигне на многу високо етично рамниште во однос на моралниот систем на вредности.
Основна карактеристика на моралот
Основната карактеристика на моралните норми е нивната облигаторност. Облигаторноста е карактеристика и на правните и на обичајните норми. Моралната обврзуваност е двострана, што значи дека моралот обврзува и општествено и индивидуално за разлика од правната и обичајната обврзуваност која е еднострана. Една од поважните карактеристики на моралот е моменталноста – обврска на поединецот морално да постапи, речиси по автоматизам, кога би се нашол во одредена морална ситуација. За да човекот како практично битие ги усвои моралните норми и да се однесува според нив, за да формира вредносно-нормативен однос спрема себе но и спрема другите мора да донесе соодветен морален суд. Моралниот суд е суд за личното однесување, однесувањето на другите, однесувањето на општествените групи во контекст на моралната норма. Судот може да биде позитивен и негативен. Во случај моралната норма да биде прекршена, на одреденото однесување следува морална санкција. Моралната санкција може да биде индивидуална и колективна. Моралниот субјект, чувствува како обврска една норма додека општеството спонтано му наметнува друга. Во тој случај доаѓа до судир на општеството и поединецот.
Субјективен и објективен морал
Кога зборуваме за моралот мислиме на своите судови за доброто, лошото, праведното и неправедното. Со таквото расудување обично се поврзани три карактеристики: моралните судови за исправноста и неисправноста на некоја активност имаат сеопшта важност, моралните судови се значајни, моралната благодарност може прикладно да го следи морално-оправдливите активности и моралот може регулаторно да го следи неморалното дејствување. Кога зборуваме дека некои индивидуи се морални или неморални, можеме да направиме дистинкција во три насоки. Во некоја смисла, одредена личност може да се смета дека е морална ако по навика своите постапки ги управува со својата свест за доброто на опкружувањето. Во друга смисла ако сметаме дека некои постапки се неморални тогаш за некоја индивидуа можеме да кажеме дека е морална ако неговите дела се во согласност со моралниот закон, ако дејствува во правец на она што го бара моралниот закон или ако не дејствува во насока на она што моралниот закон го забранува. Во трета насока моралот претставува спој на две рамништа. Значајна е разликата помеѓу она во што веруваме дека е исправно и она што е неисправно. Таа разлика можеме да ја подвлечеме ако ги земеме во предвид субјективно допустливите и објективно допустливите постапки. Една активност е субјективно допустлива ако некоја индивидуа верува дека е морална. Активноста е објективно допустлива ако е во согласност со моралниот закон. Некоја активност може да биде субјективно допустлива а објективно погрешна. Ставовите и намерите го сочинуваат делот на она што е предмет на морално вреднување.
Моралот и нашето општество
Нашето општество уште нема остварено сопствен кодекс на морални норми. Прогресивно се наоѓа во состојба на општо-општествена трансформација, евидентно е дека и моралот сам по себе се трансформира. Може да се зборува за различни видови на моралот како што е средновековниот морал, античкиот морал и слично, меѓутоа во едно исто општество може да се акцентира на постоење на повеќе типови на моралности. Разликуваме неколку видови на морал и тоа:
- Традиционален – се базира на авторитетот на обичајот односно на традицијата. Па според тоа во овој случај обичајот и моралот се преклопуваат.
- Утилитаристички – го пренесува ставот дека моралните добра, сигурноста, моќта на државата и благосостојбата, личната корист стојат над сите други принципи. Се базира на начелото: Вредиш онолку колку што поседуваш. Овој тип на моралот често е опишуван во различни книжевни дела.
- Морал-вредност – тргнува од ставот дека во основа на секој човек како живо битие, благодарејќи на неговата свест постојат одредени трајни особини, морално тежиште, сеедно дали се изрично развиени или само потенцијално дадени. Тоа се храброста, верноста, искреноста, скромноста итн.
- Императивен или нормативен морал – се заснова на авторитетот на прописите и должноста. Особено е строг вид на морал кој често се манифестира негативно, со ограничувачко дејство кон развојот на личноста.
- Создавачки или делотворен морал – поаѓа од основното определување дека се создаваат нови вредности во културата и општеството, воведуваат нови институции, ги сузбиваат сите ограничувања и ги афирмираат индивидуално создавачките слободни единки.
Најдлабоки и веројатно најтешки причинители за конфликт во историјата биле спротивностите кои постојат помеѓу интересите на различните класи, слоеви и други општествени групи. Друг вид на причинители се наоѓаат во состојба на општествена нескладност и неизедначеност, било да станува збор за нееднаквост помеѓу целите и недоволните средства потребни за нивното остварување или нееднаквости на економскиот и општествениот развој помеѓу поедините делови на општеството. Нереално би било да се очекува целосното согледување на сложеноста на моралните состојби во нашето општество, како што е сложеноста на економските, политичките, културните и историските особености на нашето општество така и поради сложеноста на моралот кој настанува помеѓу можното и невозможното, она што е и што треба да биде. Предмет на етиката личи на подвижна мета која постојано се оддалечува и плови во иднината.
Нашето општество е општество со многу морални судири. Колку повеќе општеството е хетерогено, толку повеќе моралните судири се поголеми и зачестени а и обратно. Бројните и интензивните морални судири во нашето општество претставуваат последица на имиграција, селскиот егзодус од коегзистиран плурализам на морално вредносниот систем, преминот од неразвиено во развиено општество, како и целокупната стопанска, политичка и културната состојба во општеството. Главниот морален судир во нашето општество не претставува судирот помеѓу граѓанскиот и социјалистичкиот морал, бидејќи граѓанскиот морал воопшто не е развиен а условно говорејќи за слабостите на социјалистичкиот морал повеќе произлегуваат од неговите својствени слабости отколку од силата на потиснатиот граѓански морал. Голем дел од популацијата потекнува од село и мигрира од село во град. Најостра слика за нашата морална стварност е прикажана во судирот помеѓу селскиот и малограѓанскиот морал но истовремено и судирот со бирократскиот морал, технократскиот морал, роботско-модифициран морал, остатоци од примитивниот морал, индивидуално егоистички морал. Наведените морали се наоѓаат заедно во еден букет, во развитокот, туркајќи го општеството во морална хипокризија, декаденција и криза.
Селскиот морал доминира во нашите села но се чувствува и по градските опкружувања. Во селата условно доминира поради големиот егзодус од села во град. Селскиот морал може условно да се подели на два вида:
1.Рамничарски, каде што позитивните карактеристики на овој вид на моралот се истрајноста, почитта на туѓиот а и сопствениот труд, додека негативни се егоизмот, давањето предности на инаетот и сл.
2.Ридско–планински или сточарски, каде што позитивните карактеристики се: херојството, човечноста, а негативни карактеристики се експлоатација на послабиот од себе, мрзеливоста и сл.
Малограѓанскиот морал е доста евидентен во градовите. Овој вид на морал нема ниедна позитивна карактеристика. Се манифестира како полтронски, снобовски и сл. Личноста со ваков вид на морал се карактеризира со понизност, преценување, цинизам, суровост, лажна скромност и сл. Може слободно да се каже дека личноста со вакви морални вредности има најтежок облик на морален инвалидитет.
Бирократскиот морал е морал на лицемерите кои чинат едно а зборуваат друго и кои личните егоистични интереси ги претставуваат како заеднички интереси за едно општество. Овој морал се карактеризира во изгубена доверба во луѓето, без’рбетништво и сл. Па поради тоа целта на бирократскиот морал неможе да бидат слободата и правата на човекот и граѓанинот туку доминантниот материјален интерес на овој слој луѓе. Ваквиот тип на морал оригинерно настанува во бирократските држави.
Технократскиот морал како по некое непишано правило се јавува во комбинација со бирократскиот морал, поради заеднички интереси за редуцирање на прогресот на едно општество се со цел да се создаде монопол во одлучување при појава на вишок вредности. Овој морал се карактеризира со наклонетост кон мито и корупција, кражби, нелојална конкуренција, морализам на зборови а не на дела, завист и слично.
Роботско–модифициран морал се јавува во градовите особено во деловите каде што припаѓа младата популација која живее луксузно или бедно. Оваа морална особина најнапред ги цени и вреднува предметите а најмалку ги цени карактерните особини. Овој морал потенцира цинизам, аморализам, невоспитаност, малтретирање и сл.
Примитивниот морал се забележува во економско и културно заостанатите краеви на нашата земја. Во основа претставува суров и безобзирен спрема сите оние кои не припаѓаат во неговиот род, односно опкружување а и се карактеризира со тиранство бидејќи ја деградира женската популација во крајна мера.
Авторот на текстот е Иван Крстиќ – дипломиран информатички инженер.