Поим за Геостратегија
Многу често денес меѓу новинарите и емисиите кои се емитуваат преку мас-медиумите, кога се води разговор или дискусија на тема поврзана околу политичките потези на силните држави, и кога неможе детално да се заклучи и појасни зошто е така одлучено за некој конкретен потег, се истакнува од страна на соговорниците дека тоа е сторено од „геополитички и геостратешки причини”. Често дури се меша поимот геополитика и геостратегија, зборови кои иаку привидно изгледаат дека имаат исто значење сепак се поими кои имаат друга смисла во научните кругови.
Знаењето на географските особености, или нејзино осознавање на одредена земја, дава насока за каква гео-политика треба да се води, но и какви гео-економски можности поседува некој регион. Тие две осознавања поврзани со географската научна дисциплина, подоцна го даваат правецот за политичкото уредување и економското уредување во одредено општество и држава. Преку пирамидална замисла, географијата би се наоѓала на врвот, додека во долните крајни агли би се наоѓале политичкото уредување и економското уредување. Единството на тие три е она што претставува геостратегија на одредена држава.
Современи геостратешки прилози
Геостратегијата во минатото, од историската пракса на многу држави кои постоеле, можеме да увидиме дека се применувала многу често, без разлика во нивната теорија дали тоа дејствие го нарекувале како „тактика”, „план” или слично ним. Имаме пример од персиската инвазија на овој наш Полуостров, каде Мардониј во обид да го заобиколи морскиот пат и посилната флота на Атина, врши копнени напади преку Тракија и Македонија. За пример го имаме и генијалниот план кој го спровел Александар успешно, во кој знаејќи за оскудноста на македонската војска на море, применил стратегија со која преку копно ги освоил сите морски пристаништа со кои Персијците имале пристап кон Средоземното Море, практично уништувајќи ја можноста за морска инвазија на Персијците и нивно евентуално потпомагање на хеленскиот бунт. Од далечната историја, повеќе имаме примери од историската пракса на државите, војсководците и владетелите, отколку од нивната теорија. Различен е случајот во последниве два века, каде што постојат поголем број на теоретски научни размислувања од кои само мал дел од нив се применуваат во пракса од државите.
Воведувањето на терминот геополитика во научните кругови му се припишува на Халфорд Макиндер. Во неговото дело „Democratic ideals and reality”, спроведува географска и историска анализа, каде во севкупната светска смисла заклучува дека најважен светски предел или парче од каде геофизичките изрази можат природно да изродуваат глобална копнена моќ на одредена држава, е доколку истата го поседува во свои рамки регионот наречен како Стожерен односно Хартленд. Тој регион денес е во најголем дел под државна контрола на Руската Федерација. Согледувајќи ја опасноста од монопол на Русија врз тој регион, англо-саксонската политика речиси век и повеќе е во насока на дестабилизација и создавање услови на нестабилност во државите кои имаат во посед дел од Стожерната Земја, со цел да не се дозволи ојакнување на истите тие држави, и нивно преземање на приматот во одлучувањето во меѓудржавните односи на светско ниво.
Преку Макиндер Британците, а малку подоцна и САД преку Спајкмен и Бржежински, заклучуваат дека на нив природно им лежи морскиот поглед односно според Макиндер „seaman’s view”, или геостратегија која се базира на контрола на крајбрежните приморски делови и контрола на морето, односно морепловството – таласократија (од talassa=море + kratein=владеење). Спајкмен врз основа на Макиндеровата теорија за Стожерната Земја, ке ја догради со теорија за ткн. Рабна Земја, или Римленд. Преку таа теорија ке се истакнува дека доколку се држи под цврста политичка контрола од еден центар, територијата која е наоколу од Стожерната Земја односно Хартлендот, и доколку на територијата на Хартленд не се дозволи формирање на сериозен глобален политички и воено-економски фактор, тогаш преку контрола на Римлендот ке се одредува судбината на светот, односно од оној центар кој врз база на морскиот концепт ја контролира Рабната Земја. Нашиот Полуостров влегува во составот според теоријата во Рабната Земја. Во пракса гледаме дека таа теорија се спроведувала, спроведува и многу веројатно дека и понатаму ке се спроведува од страна на англо-саксонската политика. Некогашната контрола на Британската Империја врз Индија, Персискиот залив, Арапскиот Полуостров, Суецкиот канал, Хонг Конг, Гибралтар, Малта, влијанието во Грција како и современите воени интервенции на САД во истите предели, се само отсјај на нивното спроведување од геостратешка визија во пракса.
Русите од времето на Советскиот Сојуз, имаат помал број на теоретски пишани примери, иаку од нивната пракса согледуваме дека и тие имале свое одредено геостратешко размислување во изминатиот период. Двојба најверојатно постоела околу тоа дали целосно внимание да се посветува кон излез на „топлите мориња”, политика која се водела од времето на царот Петар Велики или да се гради што поцврста контрола врз база на копнениот принцип. Денес очигледно е дека разбрале какви глобални промени во меѓудржавните односи може да донесе копненото поврзување со поголеми мрежни линии на автопатишта и брзите железници помеѓу Европа и Азија, односно Западниот дел од Европа со Кина, Јапонија и Кореја. Таквата состојба ке ја редуцира потребата од морската трговија, и ке ја намали значајноста на Римлендот, а ке ја зголеми значајноста на Хартлендот. Затоа руската геостратешка определба денес се однесува на земјениот концепт, односно контролата врз земјените важни точки кои се наоѓаат на тлото на Евроазија – телурократија (од telluro=земја + kratein=владеење). Ним природно им лежи земјениот поглед или според Макиндер „landman’s view”. Затоа не случајно на Русија многу повеќе ѝ одговара политичка стабилизација на евроазискиот предел, како и економска меѓудржавна соработка и поврзување на народите и нациите кои живеат во Европа и Азија. Тоа ке значи помал ризик од нестабилност близу границите на Руската Федерација, но и монопол на патиштата преку кои би се одвивала европско-азиска трговија. Од друга страна тоа поврзување ке донесе и отфрлување на САД и Велика Британија како важни глобални политички сили, односно ке останат на ниво на регионален политички фактор. Но од третата страна, апсолутен монопол на Руската Федерација, секако дека не е во интерес ниту на клучните земји во рамките на Европска Унија, а посебно не на Кина, состојба што остава непредвидлива борба во наредните декади што претстојат за преземањето на титулата глобален првенец во меѓународните односи.
Авторот на текстот е дипломиран правник.