ВМРО
Внатрешно Македоно-Одринска Револуционерна Организација, е политички субјект кој од Рилскиот конгрес до формирањето на комунистичката партија, беше единствена политичка матрица на Македонскиот народ. Оваа организација до пред Рилскиот конгрес одржан во 1905 година, претставуваше единствена и обединета организација. По овој конгрес, политичките фракции со кои различно се нудеа решенија за македонското прашање, беа зголемени и се повеќе харизматичните фигури со кои Македонците се идентификувале, станувале се поразединети и послаби во ефективноста и делувањето. Оваа организација е составена претежно од војводи и чети, со потекло од селските средини. Радикална измена во начинот на војувањето и раководството настанува со Тодор Александров и Ванчо Михајлов, каде што од четнички начин на војување преминуваат во тероризам, со што се и видоизменува карактерот и принципите на ВМРО, од претежно селски во градски, најчесто во градовите каде што имало силна македонска емиграција во Бугарија. Таквите измени донесоа и послаб контакт на организацијата со народот во Македонија, како и премини од колективни интереси во лични.
Согласно со дадените политички услови, на овој политички субјект на Македонците, максималистичките барања им биле во склоп за формирање независна македонска држава. Оваа барање им било се до Илинденското востание. По поделбата на Македонија во Букурешт 1913 година, максималистичкото барање се видоизменило во барање за автономија на Македонија во склоп на Балканска Федерација или Бугарија. Со предвременото кревање на Илинденското востание и нејзиниот краток успех, централизацијата на оваа организација сериозно била нарушена, со што дури и по Рилскиот конгрес не успеала да го поврати својот внатрешен ред. Заради емиграцијата и влијанието, оваа матрица има благонаклоност према Бугарија.
Иван Хаџи Николов, еден од основачите на ТМОРО, подоцна кога ке согледа каква грешка направила организацијата а со тоа и политичка штета на Македонскиот народ ке истакне:
„Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна а не национална политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви во луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам виновен за сите тие злосреќници што со моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа, погубувањето на Македонија и Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не нѐ убија со камења откако го согледаа грозниот излез на нашата револуционерна иницијатива.”
Денешните политички наследници на оваа матрица е партијата ВМРО-ДПМНЕ, кој како нејзин основач се наоѓа Драган Богдановски.
КПМ
Комунистичката партија на Македонија е создадена во 1943 година во градот Тетово. Со формирањето на овој политички субјект, тој ги воспоставува темелите на втората матрица. ВМРО под раководството на Ванчо Михајлов, во потполност била загушена од бугарската политика, не оставајќи никаков простор за независно делување на истата. Тоа оставило слободен вакум на страна на новата генерација, да формира нов политички претставник на Македонскиот народ. Оваа партија претежно е создадена од млади личности, претставници на градската сиромашна материјално-базна класа. Политичките услови му овозможиле КПМ да воспостави контрола врз Македонија за само две години, и да го оствари воскреснувањето на македонската држава со АСНОМ. Со тоа овој политички претставник на Македонскиот народ, се покажал како оној кој направил нешто многу посериозно од првиот претставник, но сето се должи на поволните услови кои го овозможиле сето тоа.
Максималистичкото барање на овој политички субјект, во воениот период претставувало формирање на независен државен апарат, додека повоениот период тоа барање се намалило во задржување на македонскиот државен апарат и нејзините установи, макар и декларативно означени како македонски, под покровителство на Белград. Сходно на тоа по воениот период, следела смена на составот и карактерот на КПМ, со премин сличен на оној на ВМРО. Смената тука се случила со промената на раководителите, од оние кои претставувале идеалисти и оние кои верувале во идеалот за ослободување на цела Македонија(оние најзаслужните за слободата денес што ја уживаме) со што се залагале за целосно затворање на македонското прашање, со премин во оние кои биле кариеристи и верувале дека е доволно тоа што Македонскиот народ формирал сопствени установи во Вардарскиот дел на Македонија, па со тоа македонското прашање ги задоволило минимумите, и дека понатаму потребно е да се сконцентрираат силите во оцврстување на установите, под централизација на Белград за изградбата на комунизмот. Интересно е да се забележи, менувањето на карактерот е обратно од оној на ВМРО, односно раководството во КПМ поточно СКМ, претежно во повоениот период станувала партија составена од луѓе со потекло од селските средини, заменувајќи ги оние од градските средини. На КПМ им се случило она што и на сите политички партии и посериозни претставници во повоениот период, кога централизираниот апарат на Југославија постепено ги гушела националните идеи, насочувајќи им го интересот на водечките политички фигури, кон создавање на политичка кариера во новосоздадената федерација. Заради долгодекадното покровителство на Белград, постои благонаклоност према Србија. Со распадот на Југославија, како политички наследници на оваа матрица се јавува партијата на СДСМ.
Современа македонска политичка реторика
Македонската политичка сцена, иаку не се многу разликува од соседните земји и пошироко, како последица од глобализацијата која ги наметна своите правила, сепак во одредени делови може да се истакне политичкото обележје на македонската реторика.
Полемиката, е главно обележје во современата пракса на македонската политика. Оваа обележје се истакнува особено кога ке дојдат на ред изборите, со кој Македонскиот народ е принуден да ја подели општествената моќ на некоја од партиите. Од овие полемики ке забележите теми и дискусии кои воопшто не носат подобрување за Македонците, а ке воочите дека сите партиски теми кои се на мета на полемиката, укажуваат само на што полошо претходно водење и справување со проблемите, кој во македонскиот пример ги имаме сериозно многу. Тука како придружник на полемиката мораме да ја потенцираме цитатологијата, која е присутна кај секој посериозен политички индивидуалец. Речиси и да нема политичар од Македонија, што својот јавен настап не го истакнал со парче хартија напишано, држејќи го во неговите раце. Нема воопшто да забележите некој искрено и од срце да го каже својот став према Македонскиот народ, туку сите се под некаков цитат, кој многу веројатно е да претставува нарачан или напишан од професионални цитатолози. Бидејќи на македонската сцена има разум без страственост, тогаш остварувањето на македонските политички права се бесплодни. Освен што нема плод во делот за кој се и основани тие државни установи, увидуваме големо присуство на разум со страственост во личните интереси, со што остварувањето на личните материјални самоприуштени права се со голем плод, создавајќи од македонскиот државен апарат само систем на грабеж. Системот на грабеж е воспоставен како политика, кај сите неолиберални уредувања. Тој систем на грабеж, постепено создава се посилно чувство кај македонската нација, секако во прилог на глобализацијата и нејзината дезинтеграција, да од македонските граѓани према македонските установи се гледа како на паразитизам. Таква состојба во умот на народот е оправдана, затоа што ниту политички ниту економски права и слободи се почувствуваа, додека системот на грабеж најмногу се чувствува, без разлика кој наследник од која политичка матрица е на власт.
Друг поголем проблем во македонската современа политика, претставува тоа што политичарите кога ке дојдат на власт, поставуваат клучни луѓе на клучни позиции во државниот систем. Со тоа тие луѓе на клучни позиции во системот, му должат на човекот кој ги воспоставил на таа позиција, а со тоа влијанието на политичарот-поставувач останува и по завршувањето на политичкиот мандат. Така новиот политичар-мандатар кој е свежо стигнат на власт е приморан, долгогодишно да е фокусиран кон „чистење” на клучните луѓе кои се на клучни позиции и под влијание на претходниот мандатор. Тоа оневозможува формирање на стабилни државни установи и стабилна државна политика, со кој би се заштитувале државните интереси но и водење на долгорочна и сериозна политика. Ова всушност претставува и главната слабост на современите неолиберални „демократии”.
Таквата состојба оставува лесен пат кон делбата на народот, под партискиот предзнак. Главните македонски политички субјекти, кои себеси се декларираат како претставници на ВМРО и КПМ, освојуваат масовно гласови кај Македонскиот народ, најмногу заради историското брендување на тие партии. Во самата суштина тие две партии само ги извалкаа историските значајни и важни организации и својата непрактичност ја покажаа неколку пати на дело. Согласно со тоа, тие не прават ништо корисно за правата на Македонците, туку само прават разделби кои се на штета на сеопштите македонски интереси.
Кога наследниците на матрицата на КПМ се во позиција на власт, најголема нивна слабост им претставува тежнеењето кон туѓ помоќен центар. Тие своите главни одлуки ги оставаат на таков центар, без додатна критика, додека за возврат очекуваат стабилна власт, што е на некој начин многу контрадикторно (не)размислување. Претставниците од оваа матрица, прва ваква фрагилна политичка демонстрација ја искажуваше со Белград и Југославија, а денес нивните наследници неколку пати сериозно ја искажаа со Брисел и Европската Унија. На своето име тие навлекоа политички потези, со кои всушност го започнаа своето дефинитивно згаснување како политички претставник на Македонците. Неопростлива политичка одлука претставува промената на знамето на Р. Македонија и правно откажување од македонските малцинства во соседните земји, политичката одлука за кршење на Уставот со цел применувањето на Рамковниот договор, политичка одлука за промена на територијалните граници, со што се воспостави политичка нереална доминација во Западна Македонија на албанските политички субјекти, разни пазарења со страни неблагонаклонети политики за Македонскиот народ и разни други помали ексцеси. Оваа партија од денешна гледна перспектива е во крајна фаза на изумирање, а во тоа освен нивните неразумни дејствија и валкањето на името на КПМ, придонес има и нивната идеологија која тврдат дека ја застапуваат, идеологија која се покажа како многу несоодветна.
Кога наследниците на матрицата на ВМРО се во позиција на власт, нивната најголема слабост им претставува склоноста према приграбување на што е можно повеќе материјални средства од јавните фондови, односно од државните пари. Оваа нивна слабост, се прикажа во 2001 година кога до последен денар беа „исчезнале” парите од државниот буџет, оставајќи го исто Македонскиот народ од тогашното раководство самото да се снаоѓа со огромните проблеми. Праксата со злоупотреба на јавните пари со сигурност се продолжува и денес, секогаш затскриено под патриотизмот, кој во суштина е хипокризија, и претставува најбесрамно манипулирање на Македонскиот народ, злоупотребувајќи ни ја фрустрацијата од долгата насилна забрана да се изразиме самите себеси во онаа руво, какво што ние го претпочитуваме. Политичките потези со кои го извалкаа името на ВМРО, претставува договорот за јазична употреба во односот со Р. Бугарија со што македонскиот јазик стана „јазик на Р. Македонија”, политичкиот потег за Мајскиот договор со политичката партија ДУИ за кои содржината уште не детално ја знаеме, политичкиот потег за „автентично толкување” на вратените ткн. „хашки случаи”, со што Р. Македонија се дрзна да ги руши темелите на Женевските конвенции, со кои се определуваат правилата и обичаите на војувањето, како и разни локални пазарења за јавните работни места помеѓу гореспоменативе две партии. Од денешна гледна перспектива, ВМРО-ДПМНЕ е во почетна фаза на изумирање, односно е навлезена во истата. Нивниот мандат најверојатно е во можност да трае најмалку една декада, но тоа не е благодарение на нивната способност, туку затоа што Македонскиот народ нема подобар избор, односно го избира помалото зло од двете зла.
Сите горенаведени политички потези, се високоштетни во идните политички состојби за Македонскиот народ. Тоа укажува дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ немаат веќе идеализиран углед помеѓу Македонците, додека сета нивна поддршка се сведува на „старата слава” и материјалистички понуди према граѓаните, се со цел да се задржат што е подолго на власта. Тоа ни од далеку не е доволно за да ги реши големите и многубројните проблеми, кои ги имаме како бреме и ни претставува синџир за остварување на политичката и економската слобода. Самиот систем како и самите лидери, немаат капацитет да ги разберат потребите, а со тоа успешно да направат трансформација на политичката филозофија и реторика со позитивни текови, како и немање силна визија кон тоа како да се решаваат проблемите. Дополнително се продолжува делбата помеѓу самиот Македонски народ, а со тоа тие брендирани партии што имаат одреден број на „традиционални гласачи”, создава неможност едната од тие две партии да направи политичко единство кај Македонците. Секогаш на традиционалната бројка која е за една партија, има традиционална бројка која е против и е за другата партија, без разлика што и да понудат истите во своите програми. Со тоа и двете политички филозофии се непрактични денес. И ВМРО и КПМ си ја одиграа својата улога делумно успешно, и затоа народот треба и двата правца, идеологии или начини на делувања да ги цени и почитува. Но во институционалните периоди на Македонија, тие претставуваат истрошени правци на размислување.
За да полесно се разрешат овие внатрешно-македонски проблеми, и во име на идно попродуктивно остварување на македонските права и решавање на македонското прашање, едно од решенијата е во идниот систем на василеизам, овие значајни кратенки како ТМРО, ВМРО, КПМ и други, да се забранат во употреба од политичките партии, за да се заштитат истите од беспотребно валкање, и да останат како позитивни примери во историјата на македонската борба. Тоа ке го разбие традиционалното гласање, и ке остави простор за појава на нови неизвалкани политичари и партии.
Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество”, глава В, 2015 година.