Современи митови поврзани со економските односи
Во последниот период под влијанието на глобалната акултура, некои митови и илузии меѓу светското население станаа многу популарни и со многу верба дека тие претставуваат „вистинската работа“. Некои од митовите држат на популарност од најстарите времиња, но денес се повторно во фаза на кулминација во нивното верување. Некои пак од нив се нови митови, но сепак имаат поврзаност и нишка со староновите популарни митови кои се наметнати во умот на современиот човек.
МИТ ЗА МОЌТА НА ПАРИТЕ, е мит кој речиси секогаш држи на популарност и верба кај луѓето, иако суштината за кои истите се создадени е тие да служат на луѓето како помошно или олеснително средство при стоковно-прометните односи. Но бидејќи парите претставуваат т.н. монополна стока, односно стока која ги мери вредностите на сите останати стоки, тие во умот на луѓето често создаваат изопачена илузија за нивната моќ. За оваа илузорна проблематика, Шекспир во своето дело „Timon Athenian“ (Тимон Атињанинот) дава детално објаснување:
„Злато (полновредни пари)?” Скапоцено, светкаво, црвено злато?
Не, богови, не сум замолувал залудно.
Толку од него се создава црно во бело,
Неубавото во убаво, а злото го прави добро,
Старото во младо, плашливото во храбро,
А подлото во благородно.“
Шекспир директно појаснува на кој начин се гледаат од луѓето према парите, и во што таквото гледиште ги преобразува истите. Првин дека тоа е „видливо божество“, кој ги преобразува сите човечки и природни својства во нивната спротивставеност, сѐопшто изменување и извртување на работите, тие се збратимуваат со неможноста. Второ дека тие претставуваат сѐопшта проститутка, и универзален заводник на луѓето и народите.
„Тоа што се парите за мене, тоа што можам да го платам, односно она што парите можат да купат, тоа сум јас. Колкава е силата на парите, толкава е и мојата сила. Својството на парите се и моите својства, својства и моќ на сопственикот. Она што јас сум и можам, према тоа за ништо не е одредено со мојата индивидуалност. Со тоа јас сум грд, но можам да ја купам најубавата жена. Према тоа јас не сум грд, затоа што дејството на грдоста, неговата одбојна сила е уништена со парите. Јас сум по својата индивидуалност кут, но парите ми прибавуваат дваесет и четири нозе, према тоа јас не сум кут. Јас сум недобар и нечесен, безсовесен човек без дух, но парите се ценети, па според тоа и неговиот сопственик. Парите се најголемо добро, па според тоа и неговиот сопственик е добар; парите со тоа ме ослободуваат од трудот да бидам чесен; јас сум без дух, но парите се стварен дух на сите работи, како тогаш неговиот сопственик е без дух?…“
Иако навистина илузијата која се создава околу парите им дава изопачена моќ да ја извртуваат вистината, сепак извртувањето има своја скапа цена.
Најубавите работи кои му се случуваат на човекот во текот на неговиот живот, се бесплатни и не се купуваат со пари!
МИТ ЗА ЕДНАКВОСТ ВО ОДНОСИТЕ, е илузија која наводно е поврзана и испреплетена со т.н. демократски и транспарентни општествени односи. Овој мит навлегува речиси во секоја сфера во општествениот живот, но во овој дел ке се задржиме на илузијата која ја дава во економските движења и односите во т.н. „слободен пазар“.
Постои сериозно верување во голем дел од населението на Земјата дека во слободниот пазар секој има шанса и можност да стане богат, и тоа за кратко време да стекне голем капитал.
Првин потребно е да се забележи дека „слободниот пазар“ се нарекува „слободен“, не затоа што во тој пазар учествуваат слободни луѓе, или луѓе на кои во односите им се дадени еднакви можности, туку затоа што тежнее кон намалување на влијанието од националните пазари и нивните правила, во корист на широки пазари. Поедноставно, слободен пазар претставува широк пазар со што е можно помалку државни граници, царини и други ограничувања во економските односи.
Еднаквоста во економското движење и митот кој е испреплетен околу тој термин, многу лесно може да се разоткрие и доволно е само да се увиди статистиката за одредени фамилии кои формирале одредени претпријатија, кои опстојуваат и профитираат од генерации на генерации многу капитал со векови наназад, никогаш доведени во криза, туку секогаш во поволна положба. Прашањето е кон што се должи нивното лесно и непречено профитирање? Дал можеби имаат способност да ги предвидуваат случувањата? Или можеби само се во позиција да манипулираат вешто со системот и правилата? Тој мал процент од населението, се луѓето кои можат да се наречат меѓусебно еднакви, бидејќи ним им се нудат еднакви можности и шанси.
Останатото население е приморано да зема кредит и често со лошо осмислен инвестиционен ризик, од желба да дограби што побргу дел од моќта на парите која како илузија ја имаат вметнато во глава, притоа доведувајќи се до состојба да имаме маси на луѓе-бездомници (особено изразено во земјите каде што овие митови имаат доминантно влијание), луѓе кои од ден за ден трпат и за храна, затоа што при обидот да станат богати, од банките и од новосоздадените прилики во „пазарот на еднакви можности“, го изгубиле и она што малку го имале и што го реално стекнале во својот живот. Мал дел од луѓето кои ризикувале успеале да се вклопат во новините на системот и правилата, односно во економските движења, но тоа често се должи на среќа, која ретко опстојува на тоа поле.
Еднаквост ли претставува тоа што имаме мал дел од населението кој на мистериозен начин секогаш е во поволна положба, и останатиот дел од населението кој речиси секогаш е во неповолна положба, бидејќи не знае кога, како и што ке донесат новините во тој „слободен пазар“?
МИТОТ ЗА ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ, како и првичната суштина и намена за парите, исто и оваа работа доживеала извесно вулгаризирање.
Професионализмот во својата суштина всушност претставува етика, но денес на професионализмот се гледа како кон придржување кон одредени правила, без разлика дали тие правила содејствуваат со етичките норми или не.
Вистинскиот професионалец е исто што претставува и аристојот!
Денешниот професионализам повеќе е во правец кој каков пристап има, каква облека носи и дали истата му прилега на физичкиот изглед со работата што ја работи, а не дали оној што ја работи работата, ја работи правилно и совесно. Популаризацијата на ваквото вулгаризирано гледиште често е благодарение и најмногу се должи на филмската индустрија, која и онака вулгаризира многу други работи. Многу веројатно е дека ваквото искривено гледиште, намерно се наметнува, со цел митот за професионализмот да има содејство со митот за моќта на парите.
Вистинскиот професионализам/аристојот, нема за потреба од илузорната моќ на парите во неговото делување во општеството. Тој е исполнет и задоволен и без таа илузија.
Но, овој мит за професионализам, заедно со митот за моќта на парите, изродуваат појава кај луѓето која се нарекува кариеризам. Кариеризам потекнува од латинскиот carvs кој означува кола, а поточно доаѓа од францускиот cariere кој означува коњска трка. Многу брзо и лесно кога ги откриваме корените на овој термин, на памет може да ни падне сцената од „Јуда бен Хур“ и коњската трка која тој ја има со Римјанинот Месала пред императорот во хиподромот. Таа сцена детално докрај сликовито ни доловува што претставува кариеризмот. На таа сцена имаме тркачи, кои повеќето не бираат средства да станат први. Првиот се прогласува од страна на внимателниот гледач/императорот, кој во негови раце е моќта да го објави победникот, гледајќи ја сета трка како забава, додека во очите на оние кои се натпреваруваат/тркачите, тие се желни за илузијата, не толку желни да бидат претставени во јавноста како први од останатите во таа игра, колку што се желни да си направат простор слободно и оправдано да го изразат подоцна своето его, како победник во одредена игра.
Кај личностите кои се рано/свежо влезени во средната старосна група, односно кога личностите станале граѓани со полни права во општеството, бидејќи им е ускратена потребата на други поправилни начини себеси да се докажат пред општеството, влегувајќи во вакви односи, претходно изложени под силно влијание на митовите, навлегуваат и со години се заплеткуваат како плен во пајакова мрежа во разни психолошки стравови. Сите свежовлезени во средностаросната група, прикажуваат висока енергичност. Оној дел од нив кои ке се вработат и првпат ке стапат во работните односи, секогаш енергично навлегуваат да се докажат како корисни. Но со текот на времето, кога ке се забележи таа енергичност и волја од веќе длабоко присутните во работните односи, тоа кај нив предизвикува љубомора и страв од отказ/губење на позицијата на надреденост, и често од околината врз оној кој првпат влегол во работните односи со енергичност и желба, му се ставаат неправедни препреки сѐ со цел да не успее да се докаже како корисен.
Така свежовлезените средностаросни личности, со текот на времето се приморани да преминуваат кон поголем негативен кариеризам кој во себе содржи голема доза на себичност и желба за моќ. По малку подолго изминат период, доколку истите успеат да опстанат во работните односи, тие без да забележат стануваат исти како и оние кои им завидувале и кои им создавале неправедни препреки. Односно стравот од губење на работниот однос или позицијата, заради влезот на новите генерации кои се енергични и имаат желба да се докажат како корисни, постепено се зголемува, притоа истиот страв приморувајќи ги исто да се однесуваат неправедно према новите генерации, како што на ним некој им се однесувал претходно.
Оној дел од свежовлезените во средностаросната група, кои нема да стапат во работен однос, од разни причини или неможности, а притоа истите во себе имаат голема желба за докажување и енергичност, кај нив пак се појавува состојба на фрустрираност како и акти на поголема агресивност. Кај овој дел како изминува времето агресијата станува сѐ поголема, поттикната од стравот за немаштија/сиромаштија. Овие личности се оние кои најчесто преминуваат кон незаконити дејствија и начини на стекнување на егзистенцијата, останувајќи тешко ранети од фрустрацијата која општеството не им пружило услови себеси да се докажат на правилен начин.
Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество“, глава В, 2015 година.