ПОВЕЌЕ ЗА МАКЕДОНИЈА – ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ
Вчера на прес-конференција, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, даде обзнание дека е постигната согласност околу суштината и деталите за договорот околу спорот за името со Грција. Со тоа, македонскиот политички врв со низа лоши чекори, од обврската за „разговори околу разликата“ со Грција, произлезена од резолуцијата(ите) 817/845, донесена 1993 година, и од договорот од 1995 година со посредство на американскиот дипломат Сајрус Венс, премина во фаза на преговори, за да на крајот, од вчера, се постигне погубен договор кој има недемократски и геноциден карактер по конечното решавање на македонското прашање.
Недемократскиот карактер на овој обзнанен процес, се огледува во тоа што во минатогодишната предизборна кампања на партијата која формираше владеачка коалиција, не потенцираше дека ќе се согласи на крајно погубните услови, со цел да се одблокираат меѓународните интегрирачки процеси, а фокусот во кампањата беше ставен во афирмација за решавање на социјалните и економските прашања кои постојат во македонското општество. Се даваа изјави со гаранции дека нема да има менување на Уставот на Македонија, прашање кое сега се јави како една од клучните точки во овој обзнанен недемократски процес! Со тоа практично гласачите на тие избори се измамени, и во внатрешно-правосудна смисла со овие дејанија од страна на политичарите се исполнети елементите на најтешки можни кривични дела предвидени во одделот за кривични дела против државата, 28-ма глава од Кривичниот законик. Партијата Левица, пред краток период пред да се обзнани вчера почетокот на овој недемократски и геноциден процес, поднесе кривична пријава против Зоран Заев со можност за проширување на пријавата против Никола Димитров, во месец мај, кога јавно се објави прифаќањето на erga omnes – име за севкупна употреба, во преговорите со Грција.
Геноцидниот карактер на овој обзнанен процес се огледува во тоа што се менува значењето на поимите „Македонија“, „Македонци“, „Македонец“, „Македонка“, и македонската национална самосвест заедно со традициите кои произлегуваат од неа, која природно и научно се градеше врз гледиштето на историскиот процес за симбиозата помеѓу македонството и словенството. Со неприродната дистинкција и ампутирање на историскиот период на Македонскиот народ до пред појавата на словенството и словенската писменост, која вчера се објасни на прес-конференцијата како една од главните поенти на договорот, се цели кон тоа да Македонците со словенофонски говор, се само „Словени“ (поим кој не е целосно прифатен како етнос) кои својата национална идентификација ја создале врз основ на географскиот регион кои многу подоцна го населиле од оригиналните Македонци, а не по природниот пат на создавање на етнос-лаос. Етнички Македонци со тоа не постојат, односно оригиналните Македонци се дел од грчката нација, додека Македонија е регион кој е поделен помеѓу Словенофони-дојденци, Албанци-домородци и Грци-домородци. А самата држава, се укинува како матична држава на Македонскиот народ. Во надворешно меѓународно-правна смисла, со овие дејанија на македонската и грчката дипломатија, како и на дипломатијата на ЕУ, В. Британија и САД, кои се јавуваат како поддржувачи на овој недемократски и геноциден процес, тотално е погазено правото на самоопределување на Македонскиот народ, исполнета е меѓународно прифатената дефиниција за геноцид врз одреден народ, и погазени се меѓународни рамки за дипломатско однесување во внатрешните работи на една држава-членка на ОН.
Реакција на Македонците
Веднаш по обзнанието на претседателот на Владата, на социјалните мрежи настанаа наплив на реакции од страна на Македонците, кои изразија вознемиреност, гнев и желба за делување. Се одржа и мирен протест пред Собранието на Македонија, во кој присуствуваа и челниците на новоформираните партии на Солза Грчева и Љупчо Палевски. Претставникот на партијата Трета, во својот говор повика на обединување на антисистемските партии, Левица и Единствена Македонија и на сите други здруженија и организации кои се против овој процес, и да се здружат против двете големи македонски партии, кои го прифаќаат учеството во овој недемократски и геноциден процес. Можното обединување, ќе создаде силна политичка опозиција против овој процес, бидејќи стои голема мотивација кај Македонците, а со тоа недемократскиот и геноцидниот процес ќе биде сериозно загрозен. Воопшто, таквиот политички контекст можно е да придонесе до тотална позитивна реконструкција на политичката елита во Македонија, момент кој не одговара на двопартискиот систем кој го создадоа во македонскиот блок партиите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и на западниот меѓународен фактор.
Иаку мнозинството од Македонците се крајно против овој недемократски и геноциден процес, сепак постои минимум една третина која е согласна со суштината на овој процес, или пак која е во добро расположение процесот да го прифати за одредени лични бенефиции или од свои либерални и прозападни убедувања. Најрадикалните поддржувачи на овој процес се оние со неолиберално идеолошко убедување и оние кои се во подолг контакт и соработка со фондацијата на Сорос и со програмата на USAID, а тука спаѓаат разни политичари, професори, новинари и сопственици на медиуми. Сите впрочем се „откриени“ и јавноста е запознаена претходно со нивните настапи, со што нивното влијание врз расположението на мнозинството од Македонците ќе биде со минорен ефект.
Реакција на Албанците
Албанците, по сè изгледа целосно му дадоа поддршка на овој недемократски и геноциден процес. Тоа се огледува и на социјалните мрежи, и преку партијата на ДУИ. Нивниот став е јасен, и бараат интеграција во ЕУ и НАТО, без разлика на цената што се бара од Македонците. Таквиот став несомнено уште повеќе ги загрози и онака лошите меѓуетнички односи и довербата со Македонците. При евентуално пропаѓање или стопирање на недемократскиот и геноцидниот процес кој се наметна врз Македонскиот народ, Албанците од Македонија и од Космет можат да се радикализираат, и да бидат сè погласни во своите сецесионистички барања за одделување на Западна Македонија, притоа користејќи ги како изговор лошите социјални и економски прилики, лошото јавно управување, блокираниот Закон за употреба на јазиците како и можната изолација од западните институции. Можно е да бараат интегрално решавање заедно со прашањето за статусот на Косово, доколку случувањата паралелно временски бидат поклопени.
Реакција на Западот
Веднаш по прес-конференцијата, официјалните лица и главните медиуми од Западот, „ликуваа“ за постигнатиот договор, но и ја извртуваа вистината, бидејќи овој договор го обзнанија во светската јавност како готова односно завршена работа, без да нагласат за допрва претстојниот тежок и нестабилен процес со исполнување на многу одредени претпоставки и процедури кои следат: изгласувањето во Собранието, можното вето од страна на Претседателот на Републиката, есенскиот Референдум, разни можни непредвидливи ситуации и ескалации…
Со овие наслови, од Западот, уште еднаш, како при нелегитимниот избор за претседател на Собрание, грубо се наметнува туѓи посакувања и влијанија во работите на Македонија. Со тоа Западот јасно стави до знаење дека докрај ќе го поткрепува овој недемократски и геноциден процес, и сигурно ќе има антиреакционарни дејствија против Македонците кои ќе се обидат да го спречат и поништат недемократскиот и геноцидниот процес за промена на идентитетот на народот и името на државата.
Реакција на Русија
Од страна на руската дипломатија и руските медиуми, немаше одреден официјално објавен став. Тоа укажува на status-quo-то кое сеуште постои во врска со стратегијата на Русија кон нашиот Полуостров. Можна е одредена медиумска и пропагандна помош во текот на борбата против овој недемократски и геноциден процес, бидејќи Русија сака да го задржи угледот меѓу Македонците, но од друга страна имаат желба и да негуваат посебен однос со Грција, што можеби тоа е причината за медиумскиот и дипломатскиот молк за овие свежи настани, со цел да не се прикаже пристрасна заложба кон ниедна од вклучените страни во процесот, ни на страната на Македонците, ни на страната на Грците.