ЌИНДАО: САМИТ НА ШАНГАЈСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА СОРАБОТКА

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА КИНАПОВЕЌЕ ЗА РУСИЈАПОВЕЌЕ ЗА СРЕДНА АЗИЈА

Викендов во Кина, во градот Ќиндао, се состана 18-тиот самит кој го организира ШОС. Оваа организација ги има сите меѓународни елементи и карактеристики какви што поседуваат НАТО, пактот на Југо-источните азиски нации, и останатите меѓународни сојузи и организации кои се засноваат на разни безбедносни и економски, регионални и глобални интереси.

Во Шангајскиот пакт членуваат вкупно осум членки, од кои сите поседуваат територија на азискиот континент. Во таа група спаѓаат: Кина и Руската Федерација, кои се јавуваат како членки-поттикнувачи и членки-основачи, односно само рускиот и кинескиот јазик се негуваат како јазици на оваа меѓународна организација; Казахстан, Киргистан и Таџикистан, кои исто така се јавуваат како први членки и основачи; Узбекистан, држава која нешто подоцна од основањето станува дел од оваа организација, во 2001 година; и Индија во пакет со Пакистан кои се најнови земји-членки, од јуни 2017 година. Шангајската организација за соработка е основана на 26 април 1996 година.

Како земји-набљудувачи се јавуваат Авганистан, Белорусија, Иран и Монголија. Турција, Ерменија, Азербејџан, Камбоџа, Непал и Шри Ланка (Цејлон) се јавуваат како „земји за дијалог“. Како учесници на настаните одржувани од ШОС, во улога на гостини, се јавуваат Туркменистан и меѓународниот пакт на Југо-источните азиски нации (целиот регион на Индокина, Филипини, Индонезија и Брунеј).

Со ваков збир и меѓудржавна поврзаност, оваа организација всушност го покрива просторот на речиси целиот континент на Азија и пошироко.

Највпечатливи беа претставниците на Индија и Пакистан, кои одржаа пријателски средби, држави кои имаат долга историја на меѓусебна нетрпеливост. Индија често го обвинува Пакистан за терористичките напади кои се случуваат во Индија, како и за тоа дека Пакистан е поттикнувач на терористичките ќелии. Современиот интерес на овие земји воглавно се судира во врска со интересот на Индија за воспоставување на економски комуникации и инфраструктура со богатите извори на Авганистан, додека Пакистан има апсолутен географски монопол врз тие врски. Оттука Индија излезот го гледа на море преку Персискиот Залив и Иран. Но индиректно преку овој индиско-пакистански судир, се отсликува и руско-кинескиот баланс за доминација во ШОС. Проектите на Индија и Иран на долг рок се во корист на балансирање на кинеската економска доминација, односно во корист на Русија, додека економските и инфраструктурните проекти на Пакистан, финансиски поддржани од Кина на долг рок се во корист на поголема кинеска доминација врз тој регион, и поголеми гаранции во однос со Индија, кој е можеби најголем потенцијален ривал на Кина, особено по бројност на населението.

Слика со претставниците на земјите-членки од самитот

china-sco-summit-Poligrozd (2)

Индискиот премиер Нарендра Моди, на самитот го афирмираше и концептот SECURE: S – security односно безбедност за граѓаните; E – за економски развој; C – за конектирање односно поврзување на регионот; U – unity, за единство; R – за респектирање на суверенитетот; и E – environment protection, односно за заштита на околината.

„Ние треба да ја отфрлиме егоцентричната, кратковидната и политиката на затворени врати. Ние треба да ги задржиме правилата на Светската трговска организација и да го поддржиме мултилатералниот систем на трговија за да изградиме отворена светска економија.“ – изјави Кси Џинпинг.

Кинескиот претседател повика и на заедничка и одржлива безбедност: „Ние треба да го отфрлиме менталитетот од Ладната војна и судирот помеѓу блоковите, како и да ја отфрлиме праксата на воспоставување на апсолутна безбедност за себе на сметка врз безбедноста на другите земји, со цел да се постигне безбедност за сите.“

Кси Џинпинг, исто така предложил на самитот Индија и Кина да склучат нов билатерален договор за трговија во вредност од 100 милијарди долари.

„Покрај заедничкото комунике, 12 други документи беа потпишани помеѓу земјите-членки… Вкупно 22 документи беа потпишани, помеѓу нив еден од поважните е апелот кон младите против радикализација.“ – изјави Мадхумита Хазарика Багат.

На овој настан зеде учество и рускиот претседател Владимир Путин. Киргистан по самитот, ќе го преземе претседателството на ШОС кој има ротирачки модел.