По повод овој настан, имајќи во предвид каква важност има, и ќе има во иднината, неможев да се воздржам и да останам само на разни активности по социјалните мрежи, и затоа се решив да напишам кратка статија во чест на храбрите луѓе кои ги положија животите. Но многу поголема мотивација зошто се одлучив да пишувам посебно во оваа чест, претставува обидот да одговорам на прашањето зошто загинаа овие храбри луѓе? Следствено да најдат утеха блиските на загинатите, вклучително и самиот јас, затоа што потекнувам од семејство кое генерациски дава жртви во македонската борба за слободата. Воопшто и моите сонародници да најдат логика зошто мораме да плаќаме цена од човечки животи и дали воопшто тоа има смисла? Иако, сега, во севкупниот општествено и политички контекст одговорот е јасен: дека тоа е за ништо, бескорисно и без посебна смисла.
Историографски значај
По објавувањето на т.н. „бомби“ (аудио-материјал снимен на нелегален начин, дел од нив од познат а дел од непознат извор), сегашниот премиер на „Република Северна Македонија“, Зоран Заев, започна агресивна кампања со протести, финансирани од невладините организации под патронатот на Сорос. Таа кампања, освен што откри дека целиот систем е веќе отруен од корупција правејќи го нефункционален, откри и дека во Македонија, сите коишто се претставуваа за авторитети во сите фели и области, дека всушност не претставуваат навистина. Настанаа невообичаени активности, каде Јавното Обвинителство не реагираше на осознаеното од „бомбите“, тогашен премиер на Република Македонија јавно читаше собран материјал од правосудните органи, додека сето тоа даваше мотив на опозицијата да почне да спроведува т.н. Шарена револуција, под изговорот дека сме станале заробена држава. По одржување на неколку насилни протести, се појави веста дека одредени терористички формации се движат во правец граница со Косово и Метохија–Липковски регион–Кумановско, дури и при нивните акции дека заробиле неколкумина граничари на Република Македонија. По овие информации сите претчувствуваа дека при крајот на пролетта 2015-та ќе има немири и вооружени акции.
На датумот 9 мај 2015-та, рано од сабајлето, МВР започнала тајна акција во етнички мешаната населба „Диво Насеље“, која се наоѓа во близина на строгиот центар на градот Куманово. Претходно информации за одредени активности на терористите имале тогашниот градоначалник на општина Куманово, и мештаните кои дел од нив и соработувале со терористичката групација.
Борбата интензивно и жестоко се одвивала првиот ден, а траела неколку дена, со вкупно загинати 8 припадници од специјалните единици на МВР: ЕБР и ЕСЗ „Тигар“, додека со далеку поголем број на загинати од терористичката групација, кој сè уште објективно не е утврден, заради создавањето на лажниот привид за соодносот на загубите (сличен лажен привид создаден е и за 2001).
По овие настани, следеа уште неколку масовни протести во Скопје, при што под притисок на ЕУ, САД и амбасадите во Македонија, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, започна нелегитимни преговори во скопската населба Пржино, под медијаторство на Јоханес Хан, во кои учествуваа воопшто без таков мандат, две партии од македонскиот блок и две партии од албанскиот блок. Следеа неколку фази на преговорите до финалното постигнување на договорот од Пржино, каде биле договорени т.н. техничка влада пред одржувањето на изборите, СЈО и нови собраниски избори. Изборите биле одлагани неколку пати, сè до декември 2016-та, каде резултатот бил скоро изедначен, по што следело нова криза која траела до формално давање на правото за мандатот владата да ја состави Зоран Заев, од страна на претседателот Ѓорге Иванов, благодарение на оствареното мнозинство во Собранието преку албанскиот блок на партии, со што бил прекршен договорениот принцип од т.н. Мајски договор, со кој составување на владината коалиција по изборите би се одвивала со победникот од македонскиот блок и победникот од албанскиот блок. По овие настани владата под водство на Зоран Заев, активно започна антимакедонска политика, која резултираше со изгласување на законот за двојазичност, потпишување на договор со Бугарија и потпишување на договорот за смена на името со Грција – сите акти без легитимитет согласно со резултатот од консултативниот референдум во септември 2018-та.
Настаните од Битката кај Диво Насеље низ призма од моето гледиште со искуството „да се биде таму“
Пред само некоја недела од случувањата, април 2015-та, официјално зедов диплома и станав дипломиран правник, а при крај со пишувањето ми беше и книгата „Василија“.
За среќа или не, во мојот живот досега имам почувствувано двапати што значи „да се биде“ таму, во или околу вооружените дејствија. Првпат тоа беше 2001-та, кога беше стопирана водата за целиот град, и кога надлетуваа хеликоптери и авиони над нашата глава речиси секојдневно, а качувајќи се кај месноста „Бел Камен“ или „Маракана“, која се наоѓа над Диво Насеље, набљудувавме со двогледи најчесто ноќно време (заради полесната визуелизација во вид на огномет, од испуканото), како се одвиваа борбите во тој дел околу Кумановско и Липково. Вторпат беше овој настан, кој централно жариште имаше од моето живеалиште некаде 100 метри воздушна линија оддалеченост.
Од моето искуство „да се биде“ таму паметам: на изгрејзората, започнаа звуците од пукотниците, не толку интензивно, но како течеше времето стануваа сè погласни и почести. Моите домашни дојдоа да ме будат од спиење, но неуспешно затоа што убедував дека се работи за огномет, најверојатно за прослава на датумот 9 Мај (денот на победата над фашизмот, или денот на Европа). Но подоцна откако чув силна експлозија разбрав дека нешто не е во ред и станав. Излегов и откако видов како луѓето од комшискиот двор се движат наведнато, сфатив дека постојат вооружени дејствија. Настана конфузија кај мене од причина што незнаев од каде доаѓаат тие пукотници и помеѓу кого се разменуваат, имајќи во предвид дека се во непосредна близина и во урбана зона, а интензитетот укажуваше дека се работи за масовни групации. Веднаш ги собрав моите на сигурно место во куќата и контактирав со моите други роднини од другите делови од градот, кои набргу со своето возило пристигнаа во мојот дом. Пред нивното пристигнување, стапивме во контакт со членови од семејствата на луѓето кои ми се познаници и вработени во МВР, при што нè информираа дека се води акција и дека треба да останеме и да не излегуваме од дома. Кога пристигнаа моите роднини, дополнително нè информираа дека постојат полициски пунктови на крајот од улицата на која живеам, кои едвај ги убедиле полицајците да ги пуштат да поминат, при што настанаа разговори од типот: што да правиме во ваква ситуација? Одлучивме дека сега за сега најбезбедно е да останеме во сигурниот дел од куќата, со можност да размислиме за начинот на одбрана при евентуален директен напад врз нас. Тоа некаде беше 6-7 часот наутро, кога беа најинтензивни борбите. Дури некаде 10-11 часот, потврдија на вести дека МВР спроведувала акција во нашата непосредна близина. Вистинска среќа е што сите во семејството имаме шегаџиски нарав, при што во текот на овие часа неизвесност го одржавме позитивниот дух. Некаде пред пладнето, по долго убедување дали да останеме во нашата куќа или да одиме во куќата кај роднините, односно подалеку од настанот, одлучивме дека треба да се преместиме, и земајќи го само основното во ранците и торбите, тргнавме по невообичаени рути односно преку споредни и тесни улички и се тргнавме од близина на местото на настанот.
Откако ја преспав ноќта во друга куќа, и во недостиг од информации, не ме додржа мислата, и без да кажам, исто така по невообичаени рути, сам се вратив назад во мојата куќа. Тогаш се слушаа на моменти мали пукотници, а веднаш откако стигнав и видов дека сè е во ред со куќата и околните градби, ми се јави мојот член од семејството, кој сега е осуден за „терористичко загрозување“ на 15 години затвор (што укажува навистина дека животот е чуден и ироничен), вознемирено преколнувајќи ме и молејќи ме веднаш да заминам од куќата, од причина што сè уште не е сигурно, и дека не знаеме дали има некој избегнат терорист кој бара засолниште вон централното жариште: „…остави и куќа и сè, да се плукнам на нив, бегај оттаму!“ – му ги паметам зборовите. Поседов уште некој саат во мојата куќа, и заминав, се вратив кај мојот роднина, подалеку од местото на настанот. Зошто го напишав личното искуство? Заради Исак Кејтен (Чинго), кој советува да ги помнам настаните, од причина што сè во светот на одреден начин е поврзано меѓусебно. Па според тоа нека остане искуството запишано, можеби ќе послужи како белешка во деновите на избледена меморија.
Езотериски значај
Често пати, мојата баба (родена сестра на славната Вера Трајковска позната како Которка, која била првоборец во НОБ, и жив сведок на настаните од тој период) кога гледа наоколу што се случува во општеството и државата, согледувајќи дека постојат процеси крајно негативни за Македонскиот народ, знае да испушти своевиден крик во мое присуство: „Зошто гинеа младите? Зошто загина сестра ми? За овие ли?“ Сега дополнително, со поновите случувања со случајот „27 Април“, често слушам и „Зошто ги затворија? За кого легаат?“
Морам да признаам дека тогаш настанува една тешка и емоционална атмосфера, која најчесто гледам да ја оттргнам или со премолчување или со пренасочување на темата. Така настапувам затоа што знам дека рационално објаснување во овој момент скоро и да не постои, а морал и етика тешко да претставуваат одговор ако земеме во предвид дека живееме во ова општество кое награди сè што претставуваше неморално и неетичко.
Овие 8 луѓе загинаа, не за Македонците кои се современици, ниту за политиката, ниту пак за државата која со преименувањето таа всушност и не постои, туку заради политичкиот Ум на овој народ. Или, овие луѓе загинаа заради истата причина за која загинаа и оние луѓе на Мечкин Камен, односно создадоа историски факт, дека имало несогласување и борба. Зошто беше важно Илинденското востание, и Крушевската Република, и на моменти се согледуваа, а се согледуваат и денес како безначајни, штетни и без одредена цел? Затоа што од нив произлезе државно-правен документ кој подоцна беше основа да се создаде Македонија како држава преку АСНОМ. Од Илинден 1903 до АСНОМ имало безброј официјални документи, кои негативно се однесувале на Македонија и нејзиниот народ, но народот нив не ги признавал – тоа всушност претставува политичкиот Ум на еден народ! Или одделување/селекција на настани на негативните од позитивните, и при идно поволно време, нивно официјално востоличување како пример, вредност и континуитет.
Овие осуммина луѓе, како и безброј пред нив и по нив, претставуваат наш данок, наша цена за нашето опстојување како и за опстојување како можност на нашиот суверенитет и нашата државотворност.
Македонскиот народ, беше присутен на 9 мај 2015-та, токму преку овие луѓе, а не преку останатите милионски современици, и создадоа историски факт, дека Македонците постоеле и „биле таму“, и манифестирале несогласување за нивно укинување преку борбата во Битката кај Диво Насеље. Според тоа тие луѓе станаа нашата духовна вредност, тие луѓе се нашите модерни херои!
Затоа без разлика дали јас или некој друг ќе воскликне по навика „Вечна им слава!“ – нивната слава е веќе станата вечна слава затоа што е вмрежена во Умот, и таа ќе биде онолку вечна колку што постои и Умот на овој народ, колку што постои македонскиот Dasein… Точно затоа овие луѓе ги положуваат своите животи и преминуваат во сакралност и затоа борбата за слободата има своевидна смисла.
Текстот е посветен на семејствата на загинатите, со цел да имаат во предвид дека без разлика колку и да оваа држава не ги уважува загинатите и колку и да не го уважи овој настан заедно со Македонскиот народ кој знае понекогаш неблагодарно да се понесе, затоа што одамна, можеби од Св. Климент и Св. Наум, незнае за духовно устројство, сепак еден Филип, најмалку што може да направи во знак на благодарност е да напише една статија и на овој датум да се труди секогаш да запали свеќа или барем друг обред во спомен на загинатите, што место него или место неговите роднини, домот и честа му ги одбранија овие луѓе, исполнувајќи си ја својата професионална должност.
Слава им!
Авторот на текстот е Филип Наумов Радомиров – дипломиран правник.