Претходниот месец, на 18-ти и 29-ти мај, се пуштија во официјална употреба два нови автопати, еден долж линијата на Коридорот 10 во Јужна Србија и еден долж линијата Приштина до македонска граница. На свеченостите по повод пуштање во употреба на овие автопатишта, беше присутен и достојно пречекан претседателот на владата на „Република Северна Македонија“ Зоран Заев.
Република Србија прва во месецот мај ја пушти во употреба трасата на автопатот која поминува низ Грделичката Клисура и која значително го подобрува сообраќајот на можеби најважниот Коридор кој поминува низ нашиот Полуостров, низ Вардарската и Моравската Долина, додека свечениот чин се случи во Владичин Хан. Проектот ја чинеше Република Србија 350 милиони евра, пари обезбедени со заеми од Европска инвестициона банка и Светска банка. Претходно во македонскиот дел од Коридорот 10, беше комплетирана и пуштена во употреба автопатската линија Демир Капија-Смоквица во должина од 28,2 километри, која води кон Солун, и овој проект проследен со малверзации кој беше под изведба на грчкото претпријатие „AKTOR“, беше започнат од страна на владата на Груевски и нè чинеше околу 270 милиони евра. Исто така реконструкција вредна некаде 10 милиони евра (пари од ИПА-фондовите) се изврши на патот Куманово-Скопје.
„Република Косово“, втора месецот мај го пушти во употреба автопатот Р6 од Приштина до македонската граница. Овој проект ги чинеше т.н. косовски институции вкупно 705 милиони евра, или повеќе од првично предвидената цена. На свечениот чин освен претседателот на владата, Зоран Заев, присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Оттаму Заев најави дека во план е да се забрза процедурата за изградба на автопатот од Скопје до Блаце односно до границата, кој изнесува во должина некаде 14 километри пат, со цел да се поврзе со изградениот автопат на територијата на Косово и Метохија.
Зголемена важност на географската местоположба но и зголемен ризик
Македонската земја, несомнено ќе добие повеќе на значај со овие проекти, бидејќи се воспоставуваат нови важни патни артерии кои водат кон Македонија и обратно. Овие патишта се од витално значење за „Република Косово“, но и за Република Србија.
Особено со поврзувањето со косовскиот автопат, и изградбата на автопатот до Штип, најмногу на значај ќе добие Скопското Поле или градот Скопје, кој ќе има вкупно пет важни правци со автопатишта:
1) кон Полог и Западна Македонија (таму во тек е изградбата на автопатот Кичево-Охрид, предвиден да се заврши 2021 година, и се гради со пари обезбедени од заеми од кинеската Ексим банка, под изведба на „Синохидро“ заедно со домашните претпријатија „Гранит“ и „Илинден“);
2) кон Жеглигово и Белград;
3) кон Штип и Источна Македонија (таму во тек се изградбите на експресните патишта кон Радовиш, долг 23,5 километри и вреден 28 милиони евра, и кон Кочани, долг 28 километри и вреден 38 милиони евра, предвидени да се завршат 2021 година, со пари обезбедени од заеми од ЕБОР);
4) кон Повардарието и Солун и
5) кон Блаце и Приштина.
Скопско Поле со петте важни автопатски правци
Овие патишта кои сите водат кон Скопско Поле, од градот Скопје природно чинат една од најважните современи местоположби на Полуостровот, покрај оние околу Белград, Софија, Солун и Цариград.
Но и покрај позитивните ефекти кои ќе се одразат врз општествено-економскиот живот во регионот, проблем се јавува во општествено-политичката сфера, која може негативно да се одрази по македонските општи интереси. Автопатот долж Косово и Метохија, симболично е наречен како „Арбен Џафери“, во чест на покоен политичар од албанскиот блок на партии во Македонија, современик и активен чинител во случувањата од 2001-та година, како и еден од потписниците на Рамковниот договор во Охрид.
Патната инфраструктура на „Република Косово“
Дали автопатот повеќе ќе им служи на заговарачите на Голема Албанија, кои можат инфраструктурата да ја согледаат како поврзување според нивните гледишта на „Република Косово“ со друг регион-дел предвиден во Голема Албанија – т.н. Илирида (претходно го изградија автопатот Р7 кој ги поврзува со Р. Албанија), или на оние коишто заговараат подобрување на економиите во регионот, е во зависност од тоа дали повеќе во иднина оваа географска местоположба поврзана со пет автопати како предност ќе ја искористат Македонците за свои државотворни и политички цели. Дополнителна опасност претставува монополот кој ќе го добијат Албанците, имајќи ги под своја контрола пристаништето во Драч и најголем дел од автопатиштата, доколку трупите на НАТО почнат да ги користат интензивно овие рути за брзо распоредување и комуникација со базата „Bondsteel“, амбасадата на САД во Скопје и/или полигонот кај Криволак. Тоа Албанците ќе ги стави во неоспорна позиција да поставуваат посебни барања кон Западот. Од тие причини голем ризик постои доколку подолго време се задржи анационалната „Република Северна Македонија“, а очајно потребно е да се врати националниот карактер на државата како македонска.