
ПОВЕЌЕ ЗА САД – ПОВЕЌЕ ЗА НАШИОТ ПОЛУОСТРОВ
На 8 јуни, претседателот на САД, Џо Бајден, потпиша документ (Executive Order), со кој неговата администрација официјално застана зад спогодбата од Преспа (Нивици).
На овој документ, кој е специфичен за правниот (претседателски) систем на САД, и кој има определени рокови на траење, првичниот текст и содржина му биле донесени и обзнанети дури јуни 2001-та година, потпишан од тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш (помладиот), и е познат како „Executive Order 13219“, а по две години истиот документ бил значително изменет со друг документ, познат како „Executive Order 13304“.
Со најновата новела на оваа „извршна наредба“, потпишана од сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, е ставена и спогодбата од Нивици, како договор кој придонесувал за „прогрес кон ефективното и демократското владеење и кон целосна интеграција во трансатлантските институции“ и согласно тоа оваа срамна спогодба од 2018-та, покрај Охридскиот рамковен договор од 2001-та, претставуваат од интерес за „националната безбедност и надворешната политика на САД“.
Досегашната практика во спроведувањето на овој документ, укажува на тоа дека повеќе станува збор за вид декларативна објава, а како доказ за тоа е анексот со листата на луѓето за кои се однесува(л) документот, анекс кој се наоѓа(ше) во првичниот текст, и на таа „црна“ листа се наоѓаа луѓето како Али Ахмети, Г’зим Острени, Џеват Адеми и други, кои во пракса беа и сѐ уште се соработници на американската амбасада на САД во Македонија, но доказ е и самата декларативна заштита (стоење зад) Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при ООН, која всушност ѝ ја гарантира територијалната целовитост на Р.Србија (тогашна СР Југославија), односно АП Косово и Метохија во составот на Р.Србија, а сепак во пракса гледаме поддршка од официјалните лица на САД на договорите кои противречат на оваа Резолуција. Оваа Резолуција 1244, исто така се најде како „клучна“ во новелата, односно не се избриша со најновото дополнување на документот (Executive Order) потпишан од Бајден.
Бидејќи во новелата не се најде конкретна „црна“ листа исполнета со имиња на физички и правни лица, овој документ може да се сфати и како закана (предупредување) за оние кои веќе се етаблирани како mainstream политичари, да не намислуваат да застапуваат тези и да прават сериозни обиди за поништување на штетните договори по Македонија и Македонскиот народ. Но и за етаблираните политичари, ова ќе се најде како изговор пред Македонскиот народ, зошто „нема да можат“ да поддржуваат и/или да покренуваат такви акции, а повеќе ќе инсистираат на тоа дека „Република Северна Македонија“ треба да се прифати како „реалност“.
„Извршната наредба“ се однесува на забрана за патување и работа, но и било каква друга активност и дејност во САД, како и „замрзнување“ на имотот во САД на луѓето кои би се нашле како неподобни на идната објава за дополнување на документот со анекс и конкретна „црна“ листа.
Обзнанувањето на овој документ предизвика голема реакција, особено на социјалните мрежи во Македонија.
При потпишувањето на спогодбата од Преспа, летото 2018-та година, не присуствуваа официјалните лица од американската администрација.