ОД ОТВОРЕНАТА ТРИБИНА СО ОТЕЦ ДАМАСКИН:
25.02.2019-та година, Соборен храм Свети Климент Охридски во Скопје
Прашање: Сакам да поставам неколку прашања:
- Во Светото Писмо и во Стариот и Новиот завет, Бог ни кажува преку својот Единороден Син Христос, преку пророкот Даниил и преку апостолот Јован, дека ќе дојде крајот на оваа планета по второто Христово доаѓање, но пред тоа ќе зацари антихристот, дека ќе ги жигосува луѓето, дека ќе стане светски претседател и ќе зацари седум години, а потоа ќе дојде нашиот Спасител. Дали е тоа така?
- Одамна во Русија светите отци и старци велеа дека со земањето на биометриските документи се откажуваме од името кое ни е дадено на Светото Крштение и дека на крајот, крајниот жиг на десната рака е последниот жиг. И доколку трипати писмено не се одречеме од биометријата, без разлика дали ќе ја прифати системот, нашето име нема да биде запишано во оваа книга на живите.
- Денешната политика налага дека наскоро ќе стапи на власт еден светски претседател, дали е тоа антихристот?
- Светото Писмо предвидува за третото ѕидање на Соломоновиот храм и дека тоа е еден од знаците за последното време, како да размислуваме за ова, бидејќи темелот на храмот е неодамна поставен?
- Зошто после Светите Литургии, нашите отци и пастири во Верата наша, не говорат почесто и не го предупредуваат своето стадо за ова последно време, за кое многумина во светот чинат дека е веќе дојдено?
Одговор на отец Дамаскин:
Добро, ти во секој случај постави неколку прашања, на кои секако ќе одговориме, но првото нешто што треба да го сфатиме денеска е дека, за да ги познаеме знаците на времињата ние треба да почнеме да живееме со Христа. За да стасаме до тоа да го познаеме антихристот, ние најпрвин треба да го возљубиме Христа. Ова е многу чувствително прашање и сите нè засега, но пред сè, нашето очекување на апокалипсата е радосно. Ние велиме „Да, Христе, дојди“, но треба да сме помирени со Бога, треба во душата да не чувствуваме изобличување од нашата совест. Ние секојдневно го чекаме последниот Суд, така што нашата апокалипса и нашиот Страшен Суд можат да бидат и вечерва, ако Бог ни ја повика душата. Ако ние не сме подготвени секојдневно да дадеме добар одговор пред Судот Христов, тогаш демоните сакаат и преку оптеретувањето со последните времиња или само со следењето на знаците кои ги гледаме, ги кажуваме и ги објаснуваме постојано, да ни го одвлечат вниманието од вистинското покајание и од подготовката за Страшниот Суд. Секако дека сите го чувствуваме тоа забрзување на времето и дека сè што е запишано во Светото писмо, во Новиот Завет, треба да се исполни до последна јота. Но, тој последен момент, тој последен час го знае само Бог, ниту Небесните Ангели не го знаат. Најголемиот знак по којшто треба да го познаеме забрзувањето на времето и доаѓањето на крајот е губењето на љубовта, најпрвин помеѓу нас христијаните. Ние сега зборуваме за некоја имагинарна, илузорна или фиктивна љубов, на која сите денес сме научени да се повикуваме, а истовремено повикуваме кон лажно единство, лажен мир и лажна љубов помеѓу сите. Христос ни рече дека не дојде да донесе мир, туку меч. Тука не треба да бараме мир додека сме на земјата. Ние мирот го добиваме, но внатрешно, духовно, тогаш кога ќе ја помириме нашата душа со Бога, тогаш кога ќе ја очистиме душата од гревот и страстите, тогаш кога ќе почнеме да се трудиме во покајанието и редовно да се соединуваме со Христос. Сите современи старци и светии секако постојано ни укажуваат на забрзувањето на времето и на исполнувањето на знаците, вклучувајќи го и сè уште живиот старец Ефрем Филотејски кој живее во манастир во Аризона, кој ни порачува дека Бог му открил дека веќе нема да го одложува исполнувањето на апокалипсата и дека треба што поскоро да се погрижиме за очистувањето на нашите души, да преземеме подвиг и да им помагаме на нашите послаби браќа и сестри и да се трудиме да пребиваме постојано во духовна будност и покајание. Тоа значи редовна исповед и соединување со Светите Христови Тајни, со ревност во молитвата и во духовниот подвиг, а и будно и претпазливо стоење во кругот и во околината каде што чувствуваме вистинска искреност и вистинско духовно насочување и раководство. Секако дека денеска следиме будно сè што се случува во светот и на повеќето од нас им е јасно дека Бог ни ги отвара очите и ни укажува дека треба да се разбудиме, дека треба да се поттикнеме на покајание, оти занимавајќи се повеќе со последните времиња, со доаѓањето на антихристот, ние тоа време додека не дојде антихристот, ќе го загубиме во непотребни односно бесцелни оптеретувања на нашиот ум и нашето срце, наместо да се грижиме да ги очистиме и да ги исполниме со благодатта Божја, која тогаш секако ќе ни ги отвори ширум духовните очи. Па така, додека ги следиме знаците на времињата треба да сме будни, треба да ги гледаме, да ги познаеме, но и да го слушаме советот на Св. Игнатиј Брјанчанинов, кој ни вели:
„Не се обидувај со својата немоќна рака да го сопреш она што Божјата десница го допуштила за да се исполни времето. Туку познај го духот на времето, држи се настрана и тоа е доволно“.
Сите ние сме денес наклонети, во однос на тоа што го гледаме околу нас и во однос на знаците на времињата, но за жал честопати и надвор од Црквата, надвор од духовниот живот и надвор од духовните средби, да прокоментираме и да изанализираме многу современи состојби, настани, постапки, и од црковните и од световните лица, и тоа лесно може да оди во погрешна насока. Па наместо да се разбудиме духовно и да испитаме и да се прилепиме таму каде што чувствуваме дека има добар дух, каде што чувствуваме искреност и доследно следење на духот на Светите Отци, светоотечкото учење и правилата на светата Црква, ние би можеле да застраниме, да нè удри малку гордоста во глава и да ни зоврие крвта, па да почнеме сите околу нас да ги предупредуваме и да повикуваме, да изобличуваме и да укоруваме, и губејќи се во тие бесцелни напади и осудувања, ние да си ја изгубиме и сопствената душа.
Ние денес зборуваме за тие последни времиња, за печатот на антихристот, кога ќе биде тежок момент на наша одлука, кога можеби ќе треба да се одречеме и од нашите најблиски, од нашата мајка, татко, жена, деца и тоа ќе биде многу тешко, а сега не сме подготвени да се одречеме ниту од една работа која е лоша, дали во однос на храната која ни ја наметнуваат со честички од абортирани фетуси, дали друга храна која е благословена во името на Алах и за сето тоа велиме дека тоа не е ништо, дека не е ништо страшно и сето тоа си го оправдуваме, си ја умируваме совеста, а Бог преку тоа нè подготвува, најпрвин да се одречеме постепено од некои работи, за да издржуваме и да ја јакнеме нашата волја, бидејќи кога ќе дојде моментот на примањето на жигот, не само од храната, од јадењето и пиењето, ќе треба да се одречеме буквално од сè. Треба да имаме цврста вера и надеж во Бога и тогаш како што Бог промислил, како што пророкуваат Светите Отци и старци, не сами, туку во заедница, во групи, Бог ќе ни покаже каде треба да одиме. Но, сето тоа ќе биде по слободна волја. Никој нема да нè присилува тоа да го направиме. Печатот на антихристот ќе ни го наметнат во мирно време, не во време на војна. Затоа велат и пророците дека ќе биде соблазна и искушенија најголеми од кога постои светот и векот, бидејќи соблазната ќе биде во тоа што проповедта на антихристот и неговиот жиг ќе бидат во мирно време после кратката и разорната светска војна. Светите старци во нивните пророштва за времето на проповедта на антихристот, велат дека дури Бог ќе дозволи и болестите да исчезнат, за никој да не може да се оправда со својата сопствена немоќ, па да биде присилен да го прими печатот. Но, за да бидеме подготвени за сето тоа, треба да Го внесеме Христос во нашето срце, Кој ќе нè умудри, ќе нè просветли и ќе ни даде вистински да ги познаеме знаците на времињата. Сето ова треба да го раскажуваме, споделуваме и разгледуваме со духовникот или на вакви собири, за да нема погрешни расудувања и толкувања. Секој различно може да толкува, некој построго, некој поблаго, но благодатта Божја е сè уште присутна во Црквата и треба да го искористиме времето коешто забрзано се исполнува и да го искористиме, не со оптеретување со знаците и времињата, бидејќи тие секако ги гледаме, но со очистување на нашите души со длабоко покајание и исповед и да се прашуваме постојано дали сме подготвени да го дочекаме, не антихристот, туку Христос.
За ова треба отворено да зборуваме и да објаснуваме, а тоа веќе и го правиме сите духовници кои се трудиме трезвено да им ги отвораме очите на верниците, а не да ги затвораме, бидејќи насекаде и во Русија и во другите православни земји, а и со духовните отци со кои што комуницираме, веќе никој не вели дека е рано да мислиме на тоа. Не е рано! Времето очигледно забрзано се исполнува, а забрзувањето на времето го чувствуваат и световните луѓе. Но, колку ние ќе се трудиме да го искористиме тој последен период за покајание, зависи од нас. Затоа, треба да разговарате, да бидете будни, но треба тоа правилно да го расудите и правилно да го поставиме пред вас за да не застраните. Бидејќи и едната крајност е лоша, која ја спомнавме, но и другата е душепогубна, односно млакоста во верата и искривувањето, изопачувањето и застранувањето во ерес, во хиндуизам или во екуменизмот сега, кој ни се наметнува поради раслабување на духот кај нас православните. Екуменизмот во својата суштина го унижува и уништува подвижничкиот дух. Пропагира лажна љубов, лажно единство, лажен мир, занемарување на духовниот подвиг, на покајанието, па и на исповедта и на грижата за душата, таму сè е допуштено, сè е дозволено, сè треба да земеме, па дури и слободно без голем страв Божји да пристапуваме кон Телото и Крвта Христови, чувствувајќи дека самата Литургија за тоа нè подготвува. Меѓутоа, сето тоа само повеќе нè раслабува, само повеќе ја уништува нашата желба за поправање и усрдноста во покајанието. Па наместо да стануваме сè поревносни, похрабри и поисполнителни во заповедите Божји, ние сè повеќе се раслабуваме, поради тоа што без соодветна подготовка, без покајание и духовна ревност и подготвеност за промена на нашиот гревовен живот, ние пристапуваме кон Телото и Крвта Христови. Ние сакаме да се споредуваме со животот и практиката на причестување на христијаните во првите векови, а кои со право светиот апостол Павле и другите свети апостоли ги нарекуваат светии. Ние само гледаме и се потсетуваме дека тие често се причестувале, но дали ние живееме како што тие живееле? Дали ние ја имаме таа огнена ревност и љубов којашто тие ја имале? Дали ја имаме ние таа подготвеност секојдневно да пострадаме за Христа каква што тие имале? Дали ние сме подготвени да ги примиме и епитимиите коишто тие ги примале и за најмалите гревови? Оти за некои гревови, за кои што сега не даваме никаква епитимија по снисходливост и духовно расудување, во советување со други духовни отци и старци, тогаш во тоа време, првите христијани со радост примале епитимии и од година, две, три и тоа коленичејќи во припратата, правејќи стотици метании и пролевајќи многу солзи на покајание, па дури кога ќе се утврделе во покајанието ги примале повторно на Света Литургија и на Света Причест. Значи, тој нивен ревносен дух со нашиот раслабен дух е многу далечен. Затоа, најпрвин треба да се потрудиме да го примиме, да се угледаме и да го подражаваме нивниот ревносен дух во верата, па тогаш со извесна смелост и надеж, со страв Божји, вера и љубов, како што повикуваме на Светата Литургија, да пристапуваме кон Телото и Крвта Христови, бидејќи срдечното покајание и постојаната духовна борба нè удостојуваат за милоста Божја и за Телото и Крвта Христови.