Речиси секаде во светот каде што се изучува економијата на општ план, секогаш првин догмата налага да ги запознае поучуваните со овие два правци, ако не со нивната филозофија, барем со нивната терминологија и основачи, што е случај и пракса во македонската образовна догма. Но колку навистина се битни овие два правца, две филозофии и начини на размислувања, ке увидиме само кога подлабоко со помош на анализа ке ги разработиме.
Меркантилизмот претставува правец, кој се јавува во Англија. Овој правец на размислување за начинот на функционирањето на една општа економија е во согласност со капитализмот и римските идеи. За меркантилистите највредно и најважно нешто во економијата, воедно и она што ја движи истата се парите, поточно скапоцените ресурси. Главна преокупација претставува акумулација на што е можно скапоцен капитал, односно злато, сребро и сл. Бидејќи е согледано дека некои земји располагаат со повеќе скапоцени ресурси за разлика од другите, овој правец речиси и да го има усовршено механизмот на империумот односно како тој би требало да функционира. Па така фокусот настанал врз формирање на широки пазари и земји создадени со слаба политичка стабилност, се со цел земјата-империум да може да врши експлоатација или за ефтина цена да го набавува посакуваниот ресурс, додека веќе преработените продукти да се враќаат во истите нестабилни земји, но со повисока цена од реалната. Така се оди на тоа земјата-империум што помалку да увезува готови продукти за скапа цена, и истите што е можно повеќе да ги извезува за повисока цена, додека скапоцените ресурси да ги експлоатира за што е можно помала цена. Во минатото овој процес беше претставуван на многу погруб начин, но денес бидејќи националните богатства се заштитија со универзалните повелби, учеството во широки слободни пазари, протекционизмот на сопствениот пазар и создавање на нестабилна политичка состојба во страни послаби земји, се главни карти со кој овој правец на размислување и водење на општата економија работи. Земјата-империум, ке ја препознаете по тоа што внатре во својата општа економија има надакумулација на капитал, со високо развиена индустрија заедно со голем интерес према таа гранка од државната политика но и од работноспособното население.
Физиократијата, како начин на размислување се развива во Франција, од Франсоа Кенеј, и е правец кој укажува дека во општата економија, единственото нешто што создава вишок е земјоделската гранка кај една земја. Затоа и богатството на една земја треба да се мери по поседот на плодните и обработливите земјишта. Овој старонов правец на размислување, во тоа време иаку претставувало нов за Западот, сепак со сигурност е инспириран од идеите и начинот на кој функционирале општите економии кај народите од овој наш Полуостров. Физиократија всушност означува владеење на природата. Оваа теорија јасно укажува на еден прост факт, а тоа е дека постои во природата поставеност на работите, односно природен закон и ред, кој е втемелен и независен од човекот. Затоа таа е насочена кон остварување на што е можно поголема реална продуктивност, согласно природните закони. Од земјоделството излегуваат плодовите, нешто што вистински претставува вишок создаден продукт(јаболки, круши, жито и др), па затоа Кенеј земјоделците ги нарекува продуктивна класа. Уметниците, продавачите/трговците и индустриските работници според Кенеј, не создаваат реален вишок на продукти, туку тие нив ги препродаваат, преработуваат или ги користат за остварување на своите неопходни потреби. Затоа оваа класа претставува стерилна класа. Третата класа е онаа класа која има сопственост над земјата која се обработува, односно земјопоседниците, и тие ја имаат главната улога во економското движење. Сите овие три класи меѓусебно се поврзани, и тие ја движат општата економија во една земја. Земјопоседниците бидејќи стекнуваат вишок на капитал на одреден период, тие стекнатото го трошат кај двете класи. Така пример стекнат годишен капитал до 600 златници, 300 одат кај продуктивната класа односно кај земјоделците, било за плата за обработеното, било за купување храна и останати неопходни продукти и др. Останатите 300 одат кај стерилната класа, односно кај преработувачите, препродавачите или уметниците, од каде се набавуваат облека или некој друг преработен продукт, додека од уметниците се набавуваат уметничките дела, истите овозможуваат забава по претставите и сл. Овие стекнати 300 златници на годишно ниво, стерилната класа ги нема бидејќи со овој капитал е приморана периодично да ги троши кај продуктивната класа, за да ги купат неопходните продукти, исто како што и земјоделците од својот стекнат капитал го трошат кај стерилната класа, за облеки, некои алати за работа и сл.
Оваа шема која го објаснува начинот на кој реално функционира економијата, и кој реално појаснува која класа од кого е зависна, па според тоа и која треба повеќе да е уважена, Кенеј со Tableau Économique/Економската табела образложувал, додека Ричард Кантиљон, инспириран од истата уште подетално навлегол во проучувањето на проблематиката.
Иаку од западните мислители, постоел голем интерес во проучувањето на овој начин на размислување во врска со економското движење, сепак во ниедна земја таму нема да се спроведе во современата пракса. Многу веројатно тоа се должи на менталитетите кои ги имаат тие нации, како и трката за создавање на што е можно посилен империум, во кој истиот натпревар не оставил многу простор за „физиократите” и физиократизмот.
Тогаш а и денес, економската наука стрикно се развива во меркантилистичкиот правец, оставајќи ја физиократијата сама во теориската шпекулација.
Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество”, глава В, 2015 година.