Мудрите луѓе велат дека хартијата трпи сè! Дека е навистина така, како за пример ке дадам ситуација, која верувам дека повеќето од македонските граѓани денес се имаат соочено но и ја имаат воочено следнава состојба:
Секој кој ке оди во некоја јавна здравствена установа ке забележи, најчесто прикажано на влезовите во одделенијата, копиран дел од Законот за заштита на правата на пациентите. Проблемот се состои во тоа што истите тие права стојат само на хартија. Ниедно од тие права реално не функционираат во пракса, дури ни најосновните начела!? За споредба од поранешниот систем на социјализмот (СР Македонија), за таков закон ретко некој претпоставувал дека и постои или дека би требало да постои во пишана форма, затоа што суштината на Законот за правата на пациентите на тогашните лица вработени во јавните здравствени установи, таа им била општо позната и општо прифатлива.
Тоа како општо познато го разбрале во текот на нивното претходно предзаконско запознавање и образување – состојба на предзнаење! Тоа образување би го нарекол морално обликување.
Затоа многумина денес од постарата генерација, сведочат за многу подобрата здравствена услуга или барем подобрата пружена здравствена нега, односно подобар меѓучовечки однос на медицинско лице-пациент од тоа време.
Би можеле да заклучиме дека луѓето мора првин морално добро да се обликувани, за да може подоцна полесно и посериозно да ја разбираат суштината и етичката логика на законите во пишана форма, како и полесно да ја разберат потребата од тој закон и евентуалната последица од неговото непочитување.
Друго што би можеле да забележиме е тоа дека закониците „секој ден” сè повеќе се прошируваат/детализираат, и сè повеќе се опфаќаат противправните ситуации/состојби, затоа што луѓето сè почесто не ги разбираат суштините на законите, не ја разбираат потребата од истите да функционираат, воедно и не ја разбираат последицата за општо добро, доколку не се спроведуваат без употреба на сила(репресија), затоа сè почесто и ги злоупотребуваат.
За тоа дали е повеќе потребно широко опфатени законици или силно морално влијаније – за да постои општествен ред, добар одговор ни дава воената генерација по „Втората” светска војна. Повеќе општествен ред и почит кон истиот имало тогаш отколку денес, иаку истите и немале пишани законици, односно во почетните години го користеле обичајното право и некои претходни закони од СХС/Кралство Југославија.
Поголемо морално влијание, остава простор за помали и поопшти законици, а тоа секако дека доведува до полесно разбирање на суштината и духот на законот, односно на тоа што сака да се постигне со тој закон. Таквата состојба сигурно води кон поголем општествен ред.
Помало морално влијание, остава простор за злоупотреба на истите помали и поопшти законици, а со тоа и се создава притисок на правната јуриспруденција да оди кон пошироки закони, но и зголемена репресија. Праксата вели дека тоа доведува до минимални успеси, во врска со општествениот ред и кон поголеми психолошки последици кон населението.
Текстот е извадок од книгата „Василија – архитема на новото општество”, глава Б, 2015 година.