АМПУТАЦИЈА НА МОРАЛОТ И ЕТИКАТА

Како главен водич низ сите социјални елементи на секое цивилизирано општество, односно како главен показател на развиеност (закржлавеност) на духот на луѓето кои го сочинуваат потесниот круг на истото, се смета дека се моралот и етиката.

Самата подложеност на манипулација, преку свесно наметнување од страна на повеќе субјекти (медиуми, социјални мрежи, секојдневното човеково општење), генералното мислење (оформување на општествената свест), во сооднос со тоа дали одредено однесување, размислување или постапување на одредена целна група, се менува односно креира ново толкување за тоа дали нешто кое како предмет на моралот е само по себе „добро” или „лошо”, морално или aморално. Ова свесно менување и оформување на свеста кај луѓето е секогаш детално разработена од одредени структури, кои денес поради своите геостратешки интереси имаат за цел на голема врата да ја внесат луцидноста на тоа дека не треба да постојат било какви бариери односно табуа во човековото однесување, и преку неа неретко истата целна група да биде подложна на манипулација (глобално и локално).

Да се навратиме малку во потесна анализа на она што нас највеќе не засега, нашата држава и општество во кое живееме, во која за жал ниту ние не сме имуни на ваквите влијанија кои сами по себе го изобличија човековиот дух, како овде така и насекаде низ западната култура. Овој опасен микс на негативните влијанија како странски, така и домашни, придонесува да дојде до тежок деформитет на човековата свест. Македонскиот просечен граѓанин поради тешката финансиска состојба, поради голата борба за егзистенција научи да живее без морал, без етика, без основна култура на која толку и се восхитува кога случајно ке посети некоја од Западно-Европските држави. Несвесно (кај имателите на мотивот секако свесно) Македонецот за да ги задоволи основните човекови права и потреби, целосно го заборава она нешто кое е најелементарно, односно ненормалното секојдневие во сите сфери на социјалниот живот (работната средина, семејството) создадено од илузија дека ненормалното е нормално поради тоа што она првото почесто е застапено во сите сфери. Секој е спремен во секој момент да помине преку сѐ, да се прегази самиот себеси, своите пријатели, за да дојде понапред во редот за базичното човеково право кое го гарантира и Уставот на Република Македонија – правото на работа и слободен избор на својата професија. Бидејќи состојбата е таква што Македонецот не бира средства и начини за да го оствари претходно споменатото право, се јавува еден општествен феномен, а тоа е деградација на македонското општество на сите полиња. Зар би можел некој, кој работните обврски ги извршува во чувствителни државни институции, вработен со непотизам или партиска ориентираност, да ја извршува својата должност професионално, совесно и одговорно.? Но тука не престанува проблемот, присутен е и во останатите, кои немо гледаат додека се урива целиот систем, притоа овие вторите се во таква состојба од која што плашејќи се да не ја изгубат својата работа, и да не се доведат повторно на сиромашниот пазар на труд. Од сиов страв се создава идеална средина за злоупотреби и непочитување на законот од страна на носителите на високи државни функции, од формирањето на Република Македонија како самостојна држава па се до ден денешен, средина која се создава преку овие целокупни општествено-социолошки феномени, како и поради слабата економска состојба.

Овој наш пример јасно ни укажува како запоставувањето на овие навидум неважни психолошки состојби, на моралот и етиката, подоцна таа негрижа да ни се манифестира како главен виновник за стагнирањето и деградирањето на нашето општество, како и целокупната духовна и материјална благосостојба.

 Авторот на текстот е дипломиран правник.