ПОЛИТИЧКИОТ МАТРИКС И ПОЛИТИЧКАТА ВИСТИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Поим за матрикс, и негов израз во наши општествени услови

Имаме повеќе дефиниции кои можеме да ги пронајдеме доколку пребаруваме по интернетот за „Матриксот” како филозофски поим. Серијалот на истоименуваниот многу популарен филм, ни зборува за буквална лажна (просторна и предметна) реалност. Дури и начинот на кој е прикажуван истиот, укажува дека сценаристот на филмот најверојатно е поттикнат од Светите Списи кои зборуваат на друг јазик и форма за иста или слична работа. Дефинициите од „Merriam-Webster” можат полесно да ни ја откријат суштината на овој поим. Особено за нас во овој случај се погодни првите две дефиниции кои матриксот го опишуваат како:

1) нешто (како што e ситуација или збир на услови), во кое се развива нешто друго или формира” и

2) нешто во форма на шема со линии и простори”. 

Без разлика која од овие две ке ни помогне полесно да го разбереме поимот матрикс, истиот е многу очигледен дека се случува во нашето општество, кое го разорува, одвојува од вистината и поларизира до крајност во повеќегодишен период. Двете развиени „нешта” во облик на форма или простор, или гледишта кон работите во политичко-општествена смисла, особено станаа очебијни и се појавуваат во медиумскиот простор сѐ почесто со позажестена реторика тие чудовишни матрикса/чудовишни нешта, по условно кажано нерешениот резултат од последните собраниски избори во Македонија, изразувајќи си го својот развиен „простор/ум”, развиен кај некого (поголем број) од стварна заблуда предизвикана од необразуваност или незапознаеност, или пак од патос (емоции) предизвикан од ласкање, страв од осаменост и осуда, а кај други (во помал број: оние „матрикс-развивачите”) од лукави намери и мотиви. Тие два чудовишни матрикса, неможеме никако друго да ги именуваме, освен по име на нивните развивачи – македонските партии. Едниот е условно речено „вмровски матрикс”, а другиот „сдсмовски”. Би можеле да ги именуваме и по име на партиските лидери, но во процесот на развивањето се гледа дека учествуваат повеќе интересовни групировки.

Горе-образложеново има полно право да ги нарече појавите како матрикс, бидејќи сегашната политичко-општествена состојба, услови и факти, укажуваат согласност со дефинициите. Да бидеме искрени постои и празнина, односно потполната дефиниција би гласела како: нешто (како што e ситуација или збир на услови), во кое се развива нешто друго или формира, вон реални и вистинити факти или нешто во форма на шема со линии и простори во умот кои се согледуваат како дијалектичка вистина а всушност е лага.

Вмровскиот матрикс има обележја и изрази од оние кои се внатре во него, на обиди за присвојување или ексклузивитет/единствено право на македонштината. Имаме безбројни директни или индиректни реченици кои се искажуваат и кои се во смисол: Кој е со нас (партиски приврзаник или гласач) е Македонец – патриота; Кој не е со нас е Македонец – предавник/одроден, дури и истиот да е неопределен. Оваа линија од шемата на вмровскиот матрикс, внимателно е создавана со години наназад, додека оние кои им се главни политички противници, од другиот – сдсмовскиот матрикс, лесно од лакомост за власт си создадоа слика дека се од оние – предавниците. До толку забегал вмровскиот матрикс во врска со оваа линија од нивната шема, што разочарани од далеку послабиот резултат од претходните избори, нивната реторика се почесто оди кон тоа дека: Народот е крив за сиов политичко-општествен исход и хаос, и дека доколку би се случило некаква негативна по општите македонски интереси промени на Уставот, тоа тогаш би било кривица на народот, а зошто? Па затоа што не гласал за нив!? Претпоставувам дека сѐ пожестоко ке се оди кон реториката дека ни претстои крај како држава Македонија, како македонско општество, како Македонски народ, доколку не гласаме за вмровскиот табор, бидејќи „развивачите” знаат дека „стравот го чува лозјето!

Друга линија од шемата на вмровскиот матрикс, е очигледното барем за оние со здрав разум и логика, дека намерно или ненамерно постои смешување на поимите/работите, па така се прави обид да не се разликуваат држава со партија, национален интерес со партиски интерес, итн. Преку медиумите чувме и ке чуеме наративи во смисол дека работите што се прават во општеството, партијата ги изградила а не државата. И оваа линија од шематскиот матрикс е отидена до толкава крајност и општост, што во секојдневниот говор не ни станува збор за дилема, дали партијата или државата изградила нешто: Партијата го направила ова, го направила она… небаре се гради од фондот за членство, а не од државниот буџет.

Сдсмовскиот матрикс е исто така интересен за лично емпириско набљудување. Оние кои се навлезени во него, мислат/искажуваат реченици дека доколку некој е приврзаник или гласал за нивниот најголем политички противник – партијата ВМРО-ДПМНЕ, дека тој е идиот, криминалец, вработен по партиска препорака или вмешан во некој наместен тендер. Себеси си ставиле ореол на „демократи” и „прогресивци”, односно ексклузивитет на „демократски и западни вредности”, без разлика што и самите да разбираат под тие поими. Нивната најинтересна линија од шемата на својот матрикс, е тоа што што и да се случува, позитивно или негативно за Македонија, внатрешно или надворешно, е дело мотивирано од Груевски и во полза за Груевски. Оваа линија, за оние навлезени во шемата на сдсмовскиот матрикс, им става блокада, да ги согледаат геополитичките и геостратешките услови во кои е опкружена Македонија – Битно е да се дојде на власт, Македонија е небитна провинција, слушај што ке ти каже гувернерот (посилниот странец), останатото самото ке си се среди!? Таа нивна игноранција или свесна незаинтересираност за лекциите од историјата, географијата и наследството, создаде лесен залак на обвинувањето за предавство од страна на лукавите „развивачи” на вмровскиот матрикс. Заедничка линија од шемата на овие два матрикса кои гравитираат околу македонската просечна глава, е обидот за создавање на култ на личноста. Во поодминатите години, сдсмовскиот матрикс имаше една јака линија која се изразуваше со култот на личноста – Зошто гласаш за Бранко? Затоа што човекот убаво зборува, убав е човекот, интелигентен е човекот!? Денес оваа линија е појака во шемата на вмровскиот матрикс, бидејќи постои обид да се создаде од сегашниот партиски лидер за „семоментален патриот” – „бранител” на македонските интереси, „трудољубив” и „чеснољубив” човек – Зошто гласаш за Груевски? Затоа што нема кој друг!? Но и сдсмовскиот матрикс има обиди со слаби резултати од нивниот лидер да создаде слика како на „борец” против криминалот и „борец” за демократските вредности.

Надвор од матриксот – политичката вистина

Македонското општество преку транзицијата на својот политички и економски систем, премина од еднопартиски социјализам или некаква псевдо-фаза од теоретскиот комунизам, во псевдо-републикански, псевдо-парламентарен/собраниски систем на демократија, а по 2001 година додадовме елементи и на етнички апартхејд – преку ткн. „позитивна дискриминација” и составување на Влада преку ткн. принцип „победник со победник” – Мајски договор. Со Пржинскиот договор, Уставот е прогласен за неважен – факт, односно прогласено е меѓуфаза на премин од овој псевдо-парламентарен систем со етнички апартхејд, за премин кон нешто ново” – уште една транзиција. Економскиот систем премина од планирана економија со доминантна општествена сопственост, во псевдо-неофеудализам, каде распределбата на општествениот капитал од БДП на годишно ниво е со висок раслој на мал број кои земаат многу од капиталот и на голем број кои земаат малку од капиталот. Сиве овие ноторни факти, потврдени од многу извори, емпирија и индикатори, внатрешни и надворешни, создадоа од современото македонско општество, општество на психо-физички болен народ кој зема големи количини на вештачки и хемикалиски препарати со цел да си го сочува смирението од општествената реалност. Создадоа културолошко и социјално сиромашно општество, со заостанати материјални и духовни особености.

Македонија е држава со буџет со годишен приход од околу 3 милијарди долари, со војска околу 7-8 000 души, со полиција околу 12 000 вработени души – индикатор кој укажува на ткн. „полициска држава”, и со администрација со мистична бројка (зависно од потребите на матриксот, некаде се објавува 120 000 души, некаде 100 000 души, некаде 150 000 души). Македонија има околу 300 000 пензионери, во споредба со некаде 550 000 вкупно вработени од милион работноспособно население (и оваа бројка варира зависно од потребите на матриксот). Главни внатрешни проблеми и главоболки на Македонија во иднината ке се од социјална природа, особено решавање на проблемот со недостиг на годишно ниво од половина милијарда долари во фондот на ПИОМ. Тоа ке значи или кратење на пензии и плати, или уште повеќе задолжување, односно поголема сиромаштија или поголема зависност.

Преку внатрешни слабости, создадена е и неможноста за одбрана од надворешните душмани, кои заради нашата централна геоположба, богатото историско наследство и политичко-економскиот потенцијал кој го имаме за извор на моќ на Балканот, сме означени од речиси сите суперсили како за „непожелни”, со посебен акцент од страна на „морските суперсили” – во прв ред Велика Британија. Одбрана од такви сериозни и стабилни империјални политики е можна само во дијалектички долготраен политички мир, национално единство во општеството и економски регионален развој.

Нашиот најголем сегашен внатрешен проблем е нашата веќе поставена и наметната политичка елита, која има докажано неспособен карактер и докажани идиотски намери. Таа и понатаму преку афирмација на својот матрикс, ке се обидува да убедува и да врбува приврзаници со цел да си обезбеди власт.

Потребно е народната интелигенција посилно да се активира во посочувањето на вистината, изобличувањето на нашата сегашна елита заедно со нивната идиоштина, а пред сѐ во образувањето и поставувањето во блиска иднина на нова политичка политес-елита составена од способни луѓе со алтруистички намери за општо добро.

Што би значело дека нам не ни е потребно негување на ниеден од постојниве матрикси, туку е потребно согледување на вистината и вистинска политичка активност. Ниту е потребно да се запрашуваме постојано: Кој е крив? Кој е крив? …, иаку одговорот и за ова стана ноторен факт, односно лошата и невкусната вистина е создадена од повеќе фактори, а во прв ред е влегувањето во политиката од идиотски/лични намери и мотиви, политичко напредување преку постојано и постраствено јавно повторување на (не)вистините од сдсмовскиот и вмровскиот матрикс, а пред сѐ забеганоста на лукавите „развивачи” на тие (не)вистини од матриксот, кои забегаа и самите од преокупираноста со манипулацијата на сопствениот народ, со страв и леб, како и забеганоста во елитистичкиот поглед како на единствен чинител и во политичките и во економските односи. До толку забегаа лидерите на политичките матрикси, што едниот произнесува јавни ставови, а друг ден самиот си ги негира, додека другиот објави дека Македонија (крајно слаба категорија – читај ограничени ресурси на луѓе, пари, економија и служби) ке води „Касиус Клеј-тактика”, и тоа против никој друг туку против САД и ЕУ (крајно тешка категорија – читај неограничени ресурси) односно против нивните официјални претставници во земјава. Логиката бараше „Мајк Тајсон-тактика”, „очајно да гризевме уши” и тоа во првите секунди од првата рунда како Тајсон против Ивандер, па мечот ке беше прекинат од страна на „судијата” и ке купевме скапоцено време, а моралот ке ни останеше висок од фактот што не сме победени од далеку потешката категорија, додека вака мечот уште трае, премлатени сме, модри сме, во двојба и деморализирани – со тоа сериозно ни се заканува негативното затворање на македонското прашање или од оваа меѓуфаза премин во завршна фаза/преобразба (наредни 5-10 години) на дефинитивен „крах” (читај полоша сиромаштија, перманентна политичка криза, уште помасовно иселување, крајна недоверба во сопствениот систем, крајна недоверба во иднината на нацијата, одродување и сл.). Но оваа кратка меѓуфаза која ја ќаривме на среќа (изборите во САД, влијанието на Русија, Турција и Кина, и можниот вакум простор од судир на нивните влијанија во мултиполарниот свет на Балканот) оставаат можност, искалени од претепаноста, да прераснеме во нова позитивна вистина, односно премин во позитивно системско и општествено преуредување во политичките и економските односи кои ке стават позитивен крај на македонското прашање. Ништо не е изгубено сеуште!

За крај, моето лично искуство укажува дека држењето до вистината, е макотрпен процес, кој бара љубов кон неа, со големо воздржание, верба, надеж и смирено согледување на фактите, настрана од емоционалната реакција – патосот. Тоа не значи политичка неактивност – идиотес, туку здраворазумно и чесно делување како политесот во рамки на сопствени и лични можности – кој колку е способен и кој колку може нека придонесува, но важно е секогаш да има обиди и труд. Падот во матриксот, е најчесто предизвикан од излив на човечките емоции на кои понекогаш човекот им се препушта, како што се стравот, посакувањето, перверзијата и болот. Држете се од нив подалеку, за да опстои разумот и вистината во овие тешки и лажни времиња.

Авторот на текстот е дипломиран правник.