ЈУЛИ 2018: ДВА ВАЖНИ САМИТА ОД СВЕТСКО ЗНАЧЕЊЕ

GeoPol_logo (final)

ПОВЕЌЕ ЗА МАКЕДОНИЈАПОВЕЌЕ ЗА САДПОВЕЌЕ ЗА РУСКА ФЕДЕРАЦИЈА – ПОВЕЌЕ ЗА БЛИСКИ ИСТОК

Пред една седмица, минатата среда на 11 јули во Брисел, Белгија, се означи почетокот на одржувањето на летниот самит на НАТО, каде се состанаа голем број на владини претставници од 29-те земји-членки како и официјални претставници од нашата земја која сеуште не е примена како рамноправен член во таа меѓународна воена организација. Главни теми на овој летен НАТО-самит беа распределбата на членарината, придонесот и односите со Русија, односно военото присуство во Источна Европа и близу границите на Руската Федерација. Доналд Трамп, кој доаѓа како претставник на најдоминантната земја-членка, воедно и земја-поттикнувач и основач на овој пакт по „Втората“ светска војна, жестоко и јавно ги нападна неговите сојузници во европскиот дел за нивниот мал придонес и членарината. Британскиот владин претставник на овој самит, Тереза Меј, се согласи со критиките околу придонесот на земјите-членки и истакна дека нејзината земја ќе испрати поголем број на воени лица во земјите каде што НАТО има извршено воена интервенција (Авганистан). Посебно беше впечатлив разговорот на Трамп со Столтенберг, упатувајќи притоа критика кон Германија, дека води двојна игра со Руската Федерација каде од едната страна германската политика упатува на ризик од можното зголемување на руското присуство во Европа, а од друга страна со Русија остварува економска соработка со големи проекти (северниот гасоводен тек долж Балтичкото Море) во енергетскиот сектор.

„Германија е целосно контролирана од Русија.“ – истакна Трамп на средбата со Јенс Столтенберг.

Иаку полноправното членство на Македонија во овој пакт не беше под големо внимание ставено како сложена тема на самитот, сепак овој настан е важен за нашата држава од причина што условот кој го попречува приемот се повтори, и тој не претставува само промена на нашето уставно име како што многумина про-евроатлантисти го согледуваа општо условот кој не попречи во рамноправното членство и во 2008-та година во Букурешт, туку сега преку барањето за спроведување на спогодбата од Нивици, јасно и јавно од одредбите на таа спогодба се согледува дека условот содржи тотално саморедефинирање на македонската држава, нација и историја, како и ставање во подредена положба кон друга држава.

„Топло го поздравуваме историскиот договор од последниот месец помеѓу Атина и Скопје и денес ние се согласивме да ја поканиме владата на Скопје да започне пристапни преговори. Откако сите национални процедури ќе бидат комплетирани за финализирање на спогодбата за името, земјата ќе се приклучи кон НАТО како наша 30-та членка.– изјави Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО.

Тоа укажува дека структурите на НАТО (а во иднина и ЕУ) нема да ги сменат посебните барања и обврски кон Македонија доколку посакува прием(и) во овие меѓународни организации, што упатува на целосното погрешно насочување на националниот фокус од страна на македонската современа политика, губејќи и онака мали ресурси што ги поседува нашата држава, воедно време и енергија. Сепак нашите владини претставници по завршувањето на овој летен самит, повикаа на „голема прослава“ на 14 јули низ 15 градови во Македонија, каде очекувано се забележа крајно слабо присуство на народот на таа манифестација одржана минатата сабота.

Претседателот на македонската влада понизно го бакна пенкалото на Столтенберг

Zaev-Penkalo-1200x642-670x358

Средбата Путин-Трамп

Вториот важен самит се одржа минатиот понеделник на 16 јули, во Хелсинки, Финска, на кој средба остварија Владимир Путин и Доналд Трамп. Оваа средба беше негативно пренесувана од главните медиуми во САД, што таа внатрешна американска борба современата руска геополитичка наука ја согледува како западен судир помеѓу школата на реализам и школата на либерализам или помеѓу оние кои сакаат „Америка да ја направат голема повторно“ (протекционистичка тенденција) со оние кои се за либералниот модел на глобализација. Главните теми на овој самит од големо значење за светот претставуваа нормализација на односите на САД со РФ кои беа крајно заладени по нападите за руско мешање во изборите во САД, состојбите во регионот на т.н. Глобален Балкан (термин од американската геополитичка школа) во кој спаѓаат Блискиот Исток, Персија и Средна Азија, а во прв план војната во Сирија и растежот на моќта на Иран кој предизвикува дисбаланс во регионот и кој можеби ќе поттикне измена на геостратешките обрасци, односно руска поддршка на државата Израил, но и прилика во која Русија ќе се наметне како арбитер на Блискиот Исток.

„Нашиот однос никогаш не беше полош каков што е сега, но како и да е тоа се промени пред околу четири часа.“ – истакна Доналд Трамп на заедничка конференција со Путин по разговорите.

Позитивните изјави на Трамп укажуваат дека САД во иднина најверојатно ќе ја признава Русија како субјект со полн суверенитет во билатералните односи и ќе ги почитува обврските произлезени од договорите со неа, работи кои досега американската страна не ги демонстрираше и со многу други земји, а тоа ќе го забрза процесот на заминување на униполарноста, отстапувајќи простор на мултиполарниот свет. Русија преку тоа ќе се афирмира конечно како стабилна во своите позиции на глобален план, односно како стабилна глобална сила.

Средба остварија и Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на РФ, со Мајк Помпео кој е сегашен шеф на Стејт департмент и поранешен шеф на ЦИА. Се разговарало без конкретна агенда, што можеби како прашање за дискусија било ставено и кризата во Македонија, ако се земат во предвид последните самоиницијативни напоменувања за состојбата во Македонија на Лавров во своите последни интервјуа.

Средбите Лавров-Помпео и Путин-Трамп, многумина ги согледуваат како преговори за прекројување на геополитичката шаховска табла на светско ниво.